1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Жените мора слободно да решат дали ќе родат дете со хендикеп

Марина Штраус
20 септември 2019

Здравственото осигурување во Германија во иднина ќе ги покрива трошоците за пренатален тест на крвта во ризични случаи. Извесноста околу евентуална хендикепираност на бебињата и натаму ќе зависи од длабочината на џебот.

https://p.dw.com/p/3Pwjj
Deutschland Berlin | Demonstration gegen Bluttests für Schwangere auf Down-Syndrom
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Сигурна сум дека речиси сите жени, а исто така и нивните партнери, кои очекуваат дете, сакаат да знаат што ги чека по породувањето. Дали детето на кое се радуваат, кое девет месеци расте во стомакот, чии движења ги чувствуваат, ќе биде здраво или со одреден хендикеп.

Дијагнозата трисомија бездруго претставува шок на почеток. Шок, кој на идните родители, без оглед на целата радост на исчекувањето, им нуди и шанса да се соочат со тоа како може да изгледа нивниот живот во иднина. Да им се овозможи советување и избор на одреден лекар. По слободна волја.

За оваа проблематика надлежната комисија во Германија, составена од лекари, клиники и здравствени осигурувања, донесе одлука во иднина здравствените фондови да бидат обврзани на плаќање пренатален тест на крвта. Но, само кај жените кои претходно вршеле интензивни консултации со својот лекар и кај кои постои докажана ризична бременост.

Не нѐ абортирајте!

Жените кои не спаѓаат во оваа група треба и натаму да плаќаат за анализа на крвта,  со чија помош со висок степен на веројатност се утврдува дали едно дете ќе се роди со некаква форма на трисомија. На пример - трисомија 21. Или пак со трисомија 18, генетска мутација која често доведува до смрт на бебињата уште пред или кратко по раѓањето.

Без ризик за нероденото дете

Во зависност од опсежноста на постапката и институцијата која ја врши, ваква проверка на крвта чини меѓу 130 и 500 евра. За нероденото дете не постои опасност, за разлика од бесплатниот тест за жените, при кој лекарот со игла ја пунктира плацентата, што во некои случаи може да предизвика спонтан абортус.

DW-Kommentarfoto von Marina Strauß
Марина ШтраусФотографија: DW/K. Kaminski

Тоа што воопшто се поставува прашање дали да се плаќа или не помалку ризичен тест, не само што е бесмислица, туку ја промашува комплетно важната дебата која би требало да се води во Германија.

Активистки како Натали Дедро, која и самата има Даунов синдром,  се бореа за генерална забрана на пренатални тестови. Таа стравува дека некогаш ќе престанат да егзистираат луѓе како неа, дека ќе бидат претходно елиминирани, пред воопшто да ја здогледаат светлината на светот. Дедро неодамна истакна дека станува збор за тоа германското општество да ги прифати луѓето со некаков хендикеп, а не едноставно да ги отфрли.

Еднакви права на луѓето со инвалидност

Стравот на Дедро и од него условениот нејзин аспект на пренаталниот тест на крвта е разбирлив и треба да се сфати сериозно. Сепак, овој страв не смее да доведе до тоа здравствените фондови да не ги плаќаат ваквите тестови за сите жени. Дебата треба да се поведе токму околу овој страв и желбата да се има еднаква вредност како и луѓето без хендикеп. За тоа, жените кои решиле да родат дете со  трисомија,  да мора да бидат поддржувани на секаков можен начин, за тоа ниеден лекар, ниедна законска норма да не смее да ги принуди на некоја одлука.

И за тоа дека луѓето кои не одговараат на некоја одредена норма, во Германија треба да бидат исто толку ценети, почитувани и поддржувани како и луѓето кои се вклопуваат во одредена шема. За тоа да се создадат работни места за луѓе со телесен недостаток, за кои тие ќе бидат и праведно платени. И дека една богата земја како Германија не смее да ги остави засегнатите семејства сами да се борат со тешкотиите.

Прифаќањето на луѓето со хендикеп и дискусијата за тоа до каде можат да одат генетските тестови, се една работа. Друга е тоа што секоја жена, која тоа го сака, треба да има право да се подложи на тест, кој е дозволен, а не само тогаш ако може финансиски да си го дозволи.