Жестока изборна шлаканица за СДСМ
18 октомври 2021Изборниот брод на СДСМ потона во првиот круг на комуналните избори со потенцијално тешки последици за партијата, владината коалиција и државата. Надежта или самозалажувањето дека вториот изборен круг можеби ќе донесе некакво залечување на раните преку обединување на „прогресивните“ сили, како што милува да ги опише премиерот Зоран Заев, не наоѓа плодна почва во бројките од првото изборно полувреме, ниту пак во реалното расположение во земјата.
Можеби очајно бавното и неуредно работење на Државната изборна комисија остава некаков сомнеж во крајните изборни резултати од првиот круг, но се сомневам дека партиските штабови страдаат од истата болка, па оттука и размерите на поразот на СДСМ се веќе добро познати на Бихаќка.
Причините за поразот
Причините за дебаклот на најголемата владејачка партија треба да се бараат на централно и на локално ниво. Најпрво, ова повеќе беа избори кои СДСМ ги загуби, одошто ВМРО-ДПМНЕ ги победи. А ги загуби затоа што граѓаните беа разочарани од политиките кои се водат и на ниво на државата, и во општините.
Изборите се одржаа на фонот на долгата ковид-пандемија со чие менаџирање власта не се прослави; на ужасната несреќа во тетовскиот ковид-центар во која загинаа 14 луѓе и за која се уште нема одговорност; на пожарите кои летово зафатија повеќе региони во земјата, а кои до коска ја соголија неспособноста и неподготвеноста на државата. Таа општа слика на незадоволство и резигнираност ја комплетираат три клучни ветувања на СДСМ кои, делумно и не по вина на власта, останаа нереализирани: закочената ЕУ интеграција, напредокот во борбата против корупцијата и владеењето на правото, и економскиот просперитет.
Локалните фактори за поразот се побројни и поразновидни, но се сведуваат на истиот заеднички именител: изневерени очекувања и неисполнети ветувања. Да го земеме за пример градот Скопје и неговите општини во кои СДСМ до неделата уживаше речиси неограничена власт во изминатите четири години. Што е променето во главниот град и во општините, четири години по пустошот што го направија лудостите на ВМРО-ДПМНЕ? Настрана „дизнилендот“ на плоштадот и околината кој остана нечепнат, а тоа беше главното предизборно ветување, Скопје остана еден од највалканите, најзагадени градови во Европа, без јавен превоз и со кучиња-скитници кои демнат на секој чекор и ги загрозуваат и граѓаните и хронично закрчениот сообраќај. Верувам дека ни 40, а камоли 4 години, не се доволни за да се решат сите проблеми во Скопје, но крпењето улици и почнувањето проекти како реновирањето на Универзалната сала, на две недели пред почетокот на предизборната кампања, е навреда за гласачите.
Во бастионот на СДСМ- општина Центар- бетонизацијата не само што не беше запрена, туку се најавува продолжување со засилено темпо откако граѓаните неколку години немушто беа залажувани со мораториуми. За кадровските промашувања во Аеродром, Кисела Вода и многу други општини не вреди да се трошат зборови, но, како и претходните, треба да се споменат во контекст на најавеното „обединување на прогресивните“: тие, имено, требаше да се најдат на листите на СДСМ и пред четири години и за овие избори.
Последиците од поразот
На минатите парламентарни избори СДСМ имаше шанса програмски и идеолошки да се реафирмира и кадровски да се освежи. Наместо тоа, се случи повеќемесечна кампања во која Заев најавуваше расчистување со ДУИ и убедлива победа над ВМРО-ДПМНЕ. На крајот седна во скутот на Ахмети и му ги додели клучните министерства во владата за да избегне заминување во опозиција поради тенкото мнозинство. Кадровскиот рифреш почна и заврши со опкружување со „да, шефе“ персонал. Шансата беше пропуштена, а казната дојде сега. Ако не можете да си претставите како изгледа СДСМ денес, погледнете ја прес-конференцијата на неговиот генерален секретар на изборната ноќ: дезориентиран, збунет и со изнасилен привид на контрола над ситуацијата. Визуелизација комплетирана со извикот: „Кочи Мицко!“- кој повеќе наликува на очајничко „запомагање" одошто на сериозно предупредување.
По вториот изборен круг веројатно ќе биде појасно и каква ќе биде иднината на актуелната владина коалиција. Како што исходот на изборите за градот Скопје може да ја запечати судбината на СДСМ, исходот на битката за градоначалник на Тетово може да промени многу во триаголникот СДСМ-ДУИ-Беса и да ја загрози стабилноста на актуелното парламентарно мнозинство.
Дури и да ги преживее постизборните бранувања, прашање е уште колку долго ќе може да функционира актуелната владина коалиција. Со делумно нарушен легитимитет и слаба поддршка во јавноста, ќе биде многу тешко да се решаваат некои од крупните проблеми кои стојат пред Владата. Во прв ред спорот со Бугарија. Нејзините позиции дополнително ќе ги разниша и надоаѓачката енергетска криза која особено тешко ќе ги погоди посиромашните слоеви, а веројатно ќе предизвика нов бран незадоволство во целото општество.
Доколку трендот од првиот изборен круг продолжи и на 31 октомври, СДСМ ќе се најде пред суштинска дилема: да купува време и да се подготвува за опозиција, или да ги игнорира резултатите и да се надева на пресврт. Од тој избор ќе зависи и дали Заев ќе го исполни најважното ветување: „Режим никогаш повеќе!“