Жешки изборни шлаканици и за СДСМ, и за ВМРО-ДПМНЕ
22 април 2019Додека опозицијата слави „македонска пролет“, а власта водство на претседателските избори, аналитичарите во тесниот изборен резултат гледаат пораз на двете најголеми партии. Според последните податоци од ДИК, заедничкиот кандидат на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, во првиот круг од претседателските избори освоил 323.846 гласови (42,85 отсто), кандидатката на ВМРO-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова 319.240 (42,24 отсто), а кандидатот поддржан од Алијанса за Албанците и Беса, Блерим Река, освоил 79.915 гласови или 10,57 отсто. Бројката на неважечки ливчиња е 32.828 (4,34 отсто). Вчера гласале 755.816 граѓани (41,82 отсто).
Ако се имаат предвид резултатите од последните локални избори во октомври 2017 година, кога коалицијата на СДСМ освои над 415.000 гласови, а ДУИ над 89.000, изборниот скор на Пендаровски во првиот круг е многу далеку под тој резултат. Дури и ВМРО-ДПМНЕ која на локалните избори доживеа дебакл, тогаш освои 335.000 гласови, што е повеќе од вчерашниот резултат на Сиљановска.
Богојески: Народот ги казни сите
Тесната разлика од 4.600 гласови во корист на Пендаровски, со која тој влегува во вториот круг заедно со противкандидатката Сиљановска, е предмет на анализи.
„Пораката од граѓаните е јасна. Конечниот резултат покажува дека веќе никој во Македонија, ниту една политичка елита, нема легитимитет да продолжи со овие политики“, вели Петар Богојески од ВМРО-ДПМНЕ!
„Народот ги казни сите! Народот бара реформи на политичкиот систем, на политичките партии и на политичарите. Народот бара понуда за иднината! Концептот 'Едно општество за сите' на СДСМ доживеа целосен колапс! Ја платија цената на дворските игри. Наместо да истакнат дека ја примиле пораката од народот, тие прогласуваат победа. Точно, победија, но ова е повеќе од пирова победа! Ова е жешка народна шлаканица! Владината коалиција е делегитимирана, зашто опозицијата кумулативно има поголема поддршка. Пендаровски теоретски може да победи во вториот круг, но тоа СДСМ ќе го чини премногу, како што нас не чинеше победата на Борис Трајковски!“, вели Богојески.
Повеќе:
-И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прогласија победа
-ВМРО-ДПМНЕ слави македонска пролет, СДСМ очекува победа на нивниот кандидат
-Изборниот тренд ист до крај: мирно и без проблеми
За него е поразителен и изборниот резултат на неговата партија.
„Исклучително непријатно изненадување за ВМРО-ДПМНЕ е тоа што во услови на оваа економска криза, дополнета со политичка и решението за името, покажавме многу слаб резултат. Наместо раст на поддршката кај граѓаните, ние имаме пад. Тоа е апсолутно неприфатливо. Да потсетам дека Груевски ја изгуби власта со 456.000 гласови, а на локалните избори имавме 335.000 гласови. Со сегашните помалку од 320.000 гласови, ние сме на ниво на најслаби изборни резултати на партијата. Тоа значи дека дополнително сме ја изгубиле поддршката кај граѓаните. Тоа е премногу поразително за нас и неочекувано слаб резултат“, оценува Богојески, додавајќи дека „Македонија бара понуда, а не само црна кампања“.
Според него, единствената добра вест е тоа што Македонија покажала дека може да избере претседател на државата и без ДУИ.
„Тоа е голем чекор напред. Народот бара, а сите ние кои имаме амбиции во политиката, сме обврзани да понудиме решение за иднината! Време е за целосно нови политичари, реформирани политички партии и ревитализиран политички систем во македонската Република!“, порачува Богојески.
Река: Нема да тргуваме со гласовите
Сепак, главната изборна придобивка е оценката на сите партии дека гласањето поминало во фер и демократска атмосфера, и очекуваат таа да продолжи и во вториот изборен круг. Тесната разлика меѓу кандидатите го прави вториот круг многу неизвесен, но токму поради тоа се очекува уште поголема мобилизација граѓаните да излезат на гласање. Темата што уште синоќа се отвори, е на чие конто би можеле да се слеат гласовите на Блерим Река. Тој во синоќешното обраќање јасно порача: „Нема да тргуваме со гласовите. Тие се гласови на избирачите“.
Сиљановска синоќа изјави дека опозицијата победила со разлика од најмалку 70 илјади гласови, заедно со гласовите на кандидатот на опозициските партии Алијанса за Албанците и Беса, Блерим Река.
„Иако Гордана Сиљановска-Давкова си ги инкасираше кај себе, сепак сметам дека ниту еден од овие илјади гласови нема да биде за неевропска Македонија и тоа го гарантирам“, изјави пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Потпретседателот и пратеник на СДСМ, Мухамед Зекири, фокусот го стави на неопходната одговорност во сопствените партиски редови.
„Граѓаните знаат да наградат, а и да казнат. Посебна честитка до гласачите Албанци кои дадоа поддршка за Стево Пендаровски, како и за извонредниот резултат и поддршката што ја доби кандидатот Блерим Река! Граѓаните Албанци јасно демонстрираа дека е дојдено време од политичката сцена да се пензионира голем дел од политичката елита на Албанците во Република Северна Македонија! Време е и за одговорност и на дел од функционери од нашата СДСМ!“, напиша Зекири на Фејсбук.