1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живаљевиќ: Во Скопје се дружев со сите служби, освен руската

12 септември 2017

Разузнавачот вели дека не му било лесно во текот на сите тие настани кои во еден момент ги нарушиле македонско-српските односи, но му било полесно кога државата го заштитила „затоа што дејствувале како синхронизиран тим“

https://p.dw.com/p/2jlt8
Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Горан Живаљевиќ, до пролетва советник во српската амбасада во Скопје и претставник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), кој упадна во зградата на македонското Собрание за време на настаните од 27-ми април и со тоа го прекрши дипломатскиот протокол, сѐ уште го правда неговото присуство во критичниот ден. Како што пренесуваат српски медиуми, тој синоќа во емисијата „Кирилица“ на српската „Happy ТV“ изјавил дека во македонското Собрание се нашол два часа по насилствата на 27-ми април, и дека единствен доказ за неговото присуство било „селфито“ кое самиот му го испратил на Синиша Алексоски, советник за безбедност на македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

„Алексоски кој тогаш бил во Охрид, кога ме побара и ме праша каде сум, му испратив селфи од Собранието“, изјавил Живаљевиќ. Тврдел дека целата афера избила речиси еден месец по настаните во Собранието, а кога не поминала приказната за него како за „тепач“, како што изјавил, таа „требало да се зајакне, па му било пришиено дека е руски разузнавач“.

„Требаше да се најде моја врска со руските службаи. По игра на случајот никогаш не сум бил во Русија и никогаш не сум контактирал ниту со еден Русин. Се дружев со претставниците на сите големи служби, освен со Русите“, потенцирал Живаљевиќ.

Во прилог на тоа дека сѐ било режија за да се сврти вниманието од вистинските провокатори и тепачи во Собранието, Живаљевиќ нагласил дека таа вечер во парламентот бил и извесен Игор Југ, симпатизер на Хрватските ослободителни сили (ХОС), кој на себе имал маица со шаховница, а „можеби и оружје“. Тој изјавил дека Југ не бил уапсен, ниту тепачите со маски „иако половина Скопје знае кои се тие“.

Притоа раскажал дека во Скопје бил следен и прислушуван и дека за тоа сведочат транскрипти од телефонските разговори што ги водел со лидерот на српската партија во Македонија (ДПС), Иван Стоилковиќ. Според Живаљевиќ, Стоилковиќ негувал извесни симпатии кон Русија, но потенцирал дека тоа е негово право да го избира својот политички пат и опциите за кои мисли дека нему и на неговата партија ќе ѝ донесат гласови.

Mazedonien Serbische Botschaft in Skopje
Живаљевиќ веќе не работи во српската амбасада во СкопјеФотографија: Google 2017

„Стоилковиќ е претседател на Комисијата на македонското Собрание за соработка со Русија, а во таа Комисија е избран од македонските власти и владата“, рекол Живаљевиќ и додал дека на тој начин односот на Стоилковиќ со Русија практично е легитимиран од власта.

Живаљевиќ, кој веќе не работи во амбасадата на Србија во Скопје, изјавил дека не му било лесно во текот на сите тие настани, кои, како што рекол, „во еден момент објективно ги нарушиле македонско-српските односи“. Но, му било полесно кога државата застанала зад него и го заштитила, како што изјавил, „затоа што ние дејствуваме како синхронизиран тим“.

„Добив заштита од врвот на државата. Не сум член на СНС и само еднаш имав можност да го запознаам Вучиќ, но тој човек мене ме бранеше“, рекол Живаљевиќ.

Според него, Србија на никаков начин не влијаела на настаните во Македонија и речиси е извесно дека сѐ во врска со овој настан се случило затоа што „на некого не му одговарале добрите врски меѓу Србија и Македонија.

„Македонија е држава битна за регионот, будејќи во неа се вкрстуваат многу интереси - бугарски, српски, албански, руски, американски...“, потенцирал тој, потсетувајќи дека за Македонија се врзани три проблеми - со Грција околу името, со Бугарија околу идентитетот, а со Србија околу црквата.

„Станува збор за четири православни земји, а Македонија добива улога на 'тројански коњ', бидејќи ако Грција, Бугарија и Србија се непријателски земји, преостанува дека им се пријатели само Албанците“, констатирал Живаљевиќ.