Животот полека се враќа во Киев
7 април 2022Се чини дека од почетокот на април Киев забележително се опоравува. Многу жители, кои го го напуштија главниот град на Украина кога на крајот на февруари почна руското бомбардирање, полека се враќаат во своите домови, кафулиња, ресторани и во фризерските салони. И работата на училиштата, исто така, би требало повторно да почне, но во поинаква форма. Како што велат во градската управа, учењето од дома би требало повторно да биде достапно за 90 отсто од учениците.
Украинската влада на почетокот на април соопшти дека има контрола над поширокиот регион на Киев, откако руските трупи се повлекоа од регионот. Сега се очекуваат посилни напади на истокот и на југот од земјата. Меѓутоа, по повлекувањето на руската војска од предградието Буча се појавија и слики на ужас, а на улиците се откриени многу безживотни тела.
„Сакав веднаш да се вратам“
Според наводите на истражувачкиот центар Расумков во Киев, 79 насто од украинските бегалци сакаат да се вратат во татковината. Стотици луѓе веќе се враќаат во Киев секој ден. ДВ тоа го дознава и од волонтерската организација која се занимава со евакуација на луѓето од Киев.
Еден од нив е 40-годишниот Андриј, кој на почетокот на неделата во полн автобус од Ривин пристигнал на главната станица во Киев. Андриј вели дека се вратил од соседна Полска. Првиот ден од бомбардирањето сакал својата жена и двете деца, 4 и 6 години, да ги однесе на безбедно и да ги испрати до полскиот фармер за кој некогаш работи. „Всушност, сакав веднаш да се вратам и да одам во војна, но морав да останам и да работам некое време за да го издржувам своето семејство“, вели Андриј.
Повеќе: Раководството на ЕУ најави посета на Киев
Ова утро Киев повторно се тресе од експлозии на северозападот од главниот град на Украина. Но, повратниците тоа не ги одвраќа. „Луѓето редовно читаат вести и знаат дека во Буча и во другите предградија работат деминерите. Откако видоа што сториле таму Русите, сакаа веднаш да се вратат. Нашиот стан во Киев не е оштетен, а за мене сега е време да земам оружје в рака или да помогнам во обновата“, вели Андриј. На неговата сопруга, исто така, ѝ недостасува родниот град и сака што е можно побрзо да се врати дома, наспроти сите потешкотии.
Повеќе јавен превоз и пазар
Андриј е среќен што не мора да троши пари на такси да го одвезе дома. Бидејќи, од вторникот главните метро-станици се повторно во функција. На почетокот на војната служеа како засолништа од воените напади. Возовите не запираа тука. Според податоците на градската управа, 150 автобуси и над 30 трамваи сега се повторно во функција. Таксистите повторно работат по предвоените тарифи.
Прометот на киевските улици од минатата недела повторно е зголемен и се враќа вообичаениот метеж. Но, сега се создава метеж на контролните пунктови и на приодите на мостовите преку реката Дњепар. Таму се проверуваат личните документи на возачите и на патниците.
На крајот на март киевските супермаркети, претходно со празни полици, повторно почнаа да се полнат. Од една страна, намалено е масовното купување, а од друга, наместо главно странски производи кои во првите денови од војната ги носеа хуманитарни конвои, повторно се појави вообичаената стока од украинските производители: од кондиторски производи до свежи месни и млечни производи. Властите секојдневно ги информираат граѓаните во кои населби има мали зелени пазари.
Повеќе: Папата Франциско размислува да отпатува во завојуваниот Киев
На земјоделците патот до градот често им е тежок. „Од левиот на десниот браг ни се потребни два часа, поради метежот на мостовите и бројните контролни пунктови. Сакавме да тргнеме и тогаш се огласи сирената за воздушна опасност. Така, моравме да се вратиме дома“, вели еден земјоделец додека го поставува мобилниот пазарен штанд во центарот на Киев.
Минатата недела, дури и пред да се повлечат руските трупи од регионот на Кев, алармот за воздушен напад во градот се намали, а се слушаше и помалку пукање во уличните борби со руските саботери. Само жителите во некои подрачја на крајот од градот и натаму слушаа многу пукање, но не поради борба, туку поради тоа што територијалната одбрана на Киев изведуваше вежби во блиските шуми.
Топол оброк и кафуле со градина
Многу сопственици на мали компании, исто така, почнуваат повторно да работат. Според податоците на надлежните, од почетокот на април се отворени над 760 продавници за прехранбена стока, 400 ресторни и над 440 бензински пумпи. Во поранешниот тајландски ресторан на главната подземна станица е поставена кујна која се користи како засолниште од воздушните напади. Тука се подготвуваат топли оброци за припадниците на територијалната обрана и за луѓето кои се кријат под земја. „Нашиот рекорд е 510 оброци дневно! Готвиме борш, супи и каши. Продукти ни носат земјоделците од околината“, вели готвачката Катерина.
Покрај оваа кујна е отворено и кафуле. Менаџерката Олександра вели дека кафе добива од добавувачи кои се повлекле во западна Украина кога започнале борбите околу Киев. „Секојдневно имаме до 50 купувачи кои ги сакаат и нашите рецепти за кафе и нашата пријатна градина, во која на топло време можете да седите со чаша кафе. Чувствуваме дека луѓето постепено се враќаат во главниот град, доаѓаат повеќе купувачи. Но, конкуренцијата е сѐ поголема, бидејќи секој ден се отвораат сѐ повеќе кафулиња“, вели Олександра.
Ограничувањата се укинати
Во близина на еден од најскапите супермаркети во Киев, паркингот повторно е полн со автомобили, а сите маси во ресторанот до него се зафатени. И богатите жители на Киев повторно пијат алкохол таму по едномесечната забрана за продажба на алкохол кога беше прогласена вонредна состојба во земјата. Алкохолните пијалоци се повторно достапни и во супермаркетите. Во меѓувреме се отстранети жолтите заштитни ленти на полиците.
Жителите на Киев, исто така, се среќни што фризерските салони се повторно отворени. Сопственичката на салон во центарот на градот вели дека термини може да понуди само за почетокот на мај. „Сега имаме само уште еден фризер, а луѓето не се потстрижувале еден месец. Но, само војниците и мажите кои се пријавиле за служење на воениот рок можат да дојдат без закажување. Тие не може да чекаат“, вели фризерката Олена.