1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нервоза во Отава, протестот на камионџиите не стивнува

Михаела Кавано
12 февруари 2022

Граѓаните на Отава веќе не знаат како да се справат со протестите кои траат две недели. Конвојот камиони се протега до граничните премини меѓу Канада и САД и предизвика слични протести низ светот.

https://p.dw.com/p/46tng
Kanada | Ottawa |  Protest der LKW Fahrer
Фотографија: picture alliance/AA/Kadri Mohamed

Веќе две недели возачите со своите камиони во конвој ја окупираат канадската престолнина Отава, во знак на протест против владината политика за вакцинација и антипандемиските мерки. Стотици камиони и автомобили се паркирани среде градот поради ниските температури. Таму кампуваат, го нарушуваат сообраќајот, предизвикуваат затворање на продавници и ги заплашуваат жителите.

Протестите под мотото „Конвој на слободата“ сега се проширија и надвор од Отава. Сообраќајот на важните гранични премини со САД е блокиран. Нарушено е движењето на стоката, а принудно е затворена и една фабрика на Форд. 

Ова протестно движење стана важно место за собир на сите противници на антипандемиските мерки. Слични демонстрации веќе се одржаа во САД, Франција, Австралија и Нов Зеланд. Градоначалникот на Отава прогласи вонредна состојба во неделата (6 февруари), а полицијата ги нарече протестите „опсада“. 

Kanada Ottawa Lastwagen Konvoi «Freedom Convoy» Demonstration
Протестите под мотото „Конвој на слободата“ сега се проширија и надвор од Отава.Фотографија: Liang Sen/dpa/XinHua/picture alliance

Како започнаа протестите? 

„Конвојот на слободата“ настана кон крајот на јануари, по воведувањето задолжителна вакцинација за возачите на камиони кои ја минуваат американско-канадската граница. Околу 90 отсто од возачите на камиони се вакцинирани, но има и такви кои стравуваат дека ќе останат без работа, бидејќи одбиваат да бидат вакцинирани. 

Сепак, протестот на овие возачи се претвори во многу поширока демонстрација на незадоволство од антипандемиските ограничувања. На протестите се приклучија и екстремни десничари, познати по исламофобични настапи и бел национализам. Неколку демонстранти дури носеа нацистички симболи и расистички знамиња. 

Канадскиот премиер Џастин Трудо ги нарече демонстрантите „маргинално малцинство“. Иако 80 отсто од Канаѓаните се вакцинирани и повеќето ги поддржуваат владините мерки против пандемијата, таа поддршка опадна во последните недели. Стотици камиони и автомобили се приклучија на конвојот што пристигна во Отава на 28 јануари. 

Trucker-Proteste in Kanada
Протестот на овие возачи се претвори во многу поширока демонстрација на незадоволство од антипандемиските ограничувањаФотографија: Patrick Doyle/The Canadian Press via AP/picture alliance

Трпението е при крај 

Натали Лајл вели дека не се чувствува безбедно откако пристигнал конвојот. Таа живее во центарот на Отава и работи во болница. Се плаши да излезе од дома и се плаши од провокации „Се прашувам дали можеме да останеме надвор. Што може да се случи?”

Лајл вели дека повеќе не се чувствува безбедно ниту дома. Демонстрантите се собирале во близина на нејзината куќа и еден ден дознала дека некој се обидел да ја отвори бравата на вратата. Жителите од околината се жалат на често палење бакли, незаконско консумирање алкохол на улиците, блокади на раскрсници и мокрење во снегот. 

Демонстрантите седум дена деноноќно ги вклучуваа моќните сирени на камионите, додека судот итно не го забрани тоа. Демонстрантите, наводно, упаднале и во прифатилиште за бездомници, барајќи од помошниот персонал да ги послужи. 

Kanada | Tausende protestieren in Ottawa gegen COVID-Einschränkungen
Стотици камиони и автомобили се приклучија на конвојот што пристигна во Отава на 28 јануариФотографија: Dave Chan/AFP

Бизнисот трпи

Илјадници луѓе живеат во центарот на Отава, а има стотици компании. Според една анкета, 48 отсто од претприемачите ги затвориле продавниците за време на протестот, а 76 отсто од нив изјавиле дека претрпеле финансиски загуби. 

Сјуарт Катрол поседува ресторан во центарот на градот. Тој вели дека морал да воведе безбедносни мерки за своите работници: „Многу демонстранти одбиваат да носат маски, викаат по работниците и другите гости барајќи и тие да ги симнат маските. Една од нашите работнички беше нападната на пат кон дома, бидејќи носеше маска, а нејзината другарка беше повредена“. 

Кетрол вели дека ресторанот изгубил илјадници долари поради демонстрации: „Кога ќе ја земеме предвид критичната деловна ситуација како резултат на двегодишната пандемија, тогаш конвојот би можел да биде тој што ќе не принуди трајно да го затвориме ресторанот“.

Kanada Ambassador Intentional Brücke
Блокадата на граничните премини, вклучително и онаа меѓу Детроит и Виндзор, го загрозува економското закрепнување на Канада.Фотографија: Patrick Gorski/NurPhoto/picture alliance

Конвојот ги подели Канаѓаните

Иако според последните анкети, мнозинството Канаѓани се за воведување дополнителни ограничувања за невакцинираните сограѓани, „Конвојот на слободата“ има поддршка од речиси една третина од населението. Организацијата која ги иницираше протестите, „Канада Јунити“, го објави своето „писмо за намери“ во кое бара од генералниот гувернер, како и од сенаторите, да ги укинат сите ограничувања поради пандемијата во Канада или да однесат оставка. 

Организацијата е основана од Џејмс Бадер, поддржувач на движењето КјуАнон (QAnon) и самопрогласен теоретичар на заговор. Тој е поврзан со десничарски формации, како екстремно десничарската Народна партија на Канада и нејзиниот кандидат Бенџамин Дихтер, кој е еден од организаторите на протестот. Еден од организаторите е и Пет Кинг, кој на социјалните мрежи може да се види како изговара антиисламски и расистички навреди, а коорганизаторката Тамара Лич е член на маргинална партија која бара отцепување на западните провинции. 

Kanada | Corona-Protest in Ottawa
Полицијата објави дека уапсила 22 лица и изрече повеќе од 1.300 казни. Покрената е кривична истрага за 79 случаи.Фотографија: Lars Hagberg/REUTERS

Нема навестување за смирување на ситуацијата

Полицијата неделава повторно се закани дека ќе ги уапси демонстрантите кои го блокираа центарот на градот. Дополнително, побарано е и засилување на 1.800 полицајци од внатрешноста и на федералното ниво. На почетокот на неделата, полицијата објави дека уапсила 22 лица и изрече повеќе од 1.300 казни. Покрената е кривична истрага за 79 случаи.

Канадскиот премиер Џастин Трудо продолжува да ги оправдува мерките против пандемијата и остро го критикува протестното движење. Тој предупредува дека блокадата на граничните премини, вклучително и онаа меѓу Детроит и Виндзор во Онтарио, преку кој се одвива четвртина од вкупната трговска размена меѓу двете земји, го загрозува економското закрепнување на Канада.

„Блокадите и нелегалните демонстрации не се прифатливи и негативно влијаат на компаниите и производителите“, рече Трудо во Долниот дом на канадскиот парламент. „Мораме да направиме се што можеме за да ставиме крај на ова“.