Жртвите во Ханау не беа туѓинци!
5 март 2020Колкава разлика во споредба со почетокот на 1990-те години: и тогаш во Германија имаше бран на расистичко насилство. Во ноември 1992 година во Мелн загинаа една жена и две девојчиња, во мај 1993 година - пет млади жени и девојче во Солинген. Во двата случаи десни екстремисти подметнаа пожар во куќите на турски семејства.
И тогаш се одржаа комеморации за починатите. Но, тогашниот канцелар Хелмут Кол не сакаше да земе учество, неговиот портпарол изјави дека тој има поважни обврски отколку да поттикнува „туризам на изразување сочувство“. Овој поим подоцна го доби епитетот „негативен збор на годината“. Размислувањето на Кол веројатно беше сосем едноставно: делата се сметаа за ксенофобични, жртвите без исклучок беа странци. Емпатијата кон турските семејства и сите оние кои тогаш живееја во огромен страв од натамошни напади, не би му донесла гласови на избирачите. Напротив, можеби би му одзела гласови.
Дали денес Германија е отидена понапред?
Секако, и денес е и останува фактички скандал што повторно (или подобро - се`уште) во Германија има нови жртви на расистичко насилство. Но, барем во односот кон овој скандал земјата на прв поглед бележи напредок. Тоа што на местото на злосторството доаѓаат челните државни претставници и разговараат со повредените и блиските на жртвите, денес е разбирливо само по себе. И тоа што комеморацијата вчера во Ханау се одржа под мотото „Жртвите не беа туѓинци“, е решавачки и одамна потребен сигнал.
Како би било можно поинаку? Четворица од убиените беа германски државјани, најголем дел од нив биле овде родени и израснати, 22-годишниот Ферхат Унвар никогаш не ја видел курдската татковина на своите претци. Сите тие живееја, работеа и плаќаа данок овде, тука имаа свои пријатели и семејства. Нивните имиња навистина не беа Милер, Мајер или Шмит и не беа русокоси, но, како и милиони други граѓани со корени од други земји, беа дел од ова општество, и тоа се` понужен дел.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер повторно одржа борбен говор кој поттикнува на длабоко размислување за демократијата и омразата. Тоа е добро и важно, но дали е доволно?
„Сакаме да видиме дела“
Жртвите и нивните семејства и пријатели, а тие вчера беа во фокусот на комеморацијата во Ханау, самите најдобро го познаваат чувството на изолација и расизам во Германија. Каде и како тие појави се секогаш одново видливи.
Повеќе:
Германија и Ханау се простуваат од жртвите на расистичкиот напад
Десничарски терор: Отров во сопствената земја
Тајни информации, митови и новиот десничарски терор
Ханау: Омраза во срцето на Германија
Кемал Коџаџ, сопственик на киоск од Ханау, кој најголем дел од жртвите лично ги познавал, во спонтаниот говор ја долови сржта на проблемот: „Не сакам да слушам зборови, туку да гледам дела, за вакво нешто никогаш повеќе да не се случи. Не сакам да чувствувам страв!“
Апел до целото општество
Овој апел, кој Коџаџ го адресираше до претставниците на власта, во суштина е упатен до целото општество: пренос на молитви, бдеења и комеморации на големите екрани имено не е доволно, во секој случај може да претставува само знак. Она што е потребно е гласно „не“ онаму каде се пропагира омраза; цивилен кураж каде врз некого се врши притисок или дури е напаѓан врз основа на неговиот изглед, неговото име или јазик. Не некогаш, туку токму тогаш кога нештото се случува, и не од некого, туку од сите кои во моментот се наоѓаат на тоа место.
Дури тогаш кога тоа ќе стане рзбирливо само по себе, Германија ќе направи чекор понапред. Тогаш Кемал или милиони други не ќе мора веќе да се плашат. И да се чувствуваат како граѓани од втора категорија.