За бубрег до Шпанија
15 февруари 2019Пред една година на Томас Милер повторно му се влоши состојбата: во ногата му се собира вода, притисокот е екстремно висок – на овој 52-годишен човек му е сѐ полошо. Бубрегот кој Милер го доби пред десет години со трансплантација, веќе не му функционира добро.
Затоа тој донесе одлука - во следните недели ќе се сели од Германија во Шпанија, во близина на Малага. „Едноставно таму имам поголеми шанси да добијам бубрег. Системот за донација на органи таму функционира многу подобро и не се чека толку долго време како во Германија.“
Томас Милер има долга историја на страдање зад себе. На 16 години му е откриен дијабетес. Оттогаш секојдневно си вбризгува инсулин. Кај луѓето кои имаат проблеми со шеќерот постои висок ризик да им откажат бубрезите. На Милер тоа му се случи на 30 години. Три пати неделно одел на дијализа, поради што му се трансплантирани и бубрег и панкреас. „Имав среќа тогаш одеднаш да ги добијам двата органи коишто ги чекав – и бубрег и панкреас. Листата за чекање на два органи беше помала отколку онаа за еден орган."
Долго време за чекање на органи за донација
Трансплантираните органи, во најдобар случај може да функционираат и до 20 години. Но, кај Томас Милер тоа траеше само десет години. Се појави знак на надеж – неговата девојка изрази подготвеност да му донира бубрег. Но, лекарите на клиниката во Минхен мораа да ја одбијат. „Мојата девојка пред две години имаше мал карцином. Немаше третман со хемотерапија, но сепак беше на зрачење, поради што не беше подобен кандидат за донатор."
Ако Томас Милер сега повторно започне со дијализа, ќе дојде на листата за чекање за трансплантација на која веќе има 9400 лица. Пациенти на кои им е потребен нов бубрег, како на Милер, или пак срце, црн дроб или нови бели дробови. За бубрег, на пример, во Германија се чека шест до десет години.
Решение со приговор
Долго време, кое Милер го нема. Проблемот е тоа што минатата година само 955 лица по нивната смрт ги донирале своите органи за тешко болни пациенти. Правилото во Германија гласи: органите може да се земат само доколку во донаторската картичка е јасно наведена согласност за тоа.
Јенс Шпан сака ова да го промени. Германскиот министер за здравство се залага за „решение со приговор", кое е законски спроведено во речиси сите европски земји. Тоа значи дека секој автоматски се смета за донатор на органи, освен ако не се изјасни против тоа. Со оглед на тоа дека дополнителна пречка може да биде и тоа роднините на починатиот да одбијат органите да му се земат за трансплантација, Јенс Шпан нуди таканаречено решение со двоен приговор. Но, многумина го критикуваат ова како недозволив упад во правото на самоодлучување, мртвото тело не смее да биде средство за остварување на таа цел.
Во новиот закон, донесен вчера во Бундестагот, ваквото „решение со приговор“ не е содржано. За такво нешто можеби ќе се одлучува подоцна.
Повеќе:
Донирање органи - прашање на живот или смрт
Ќе се вклучи ли и Европскиот суд на правдата?
Кога Сузане Рајтмајер ја слуша аргументацијата на противниците на ваквото решение, многу е лута. „Тогаш треба да кажат и дека нема да сакаат да примат туѓ орган, ако им затреба!". Оваа сопственичка на козметички салон борбата за поголема донација на органи си ја постави како животна цел и се залага за поддршка на нејзиното здужение „Против смрт на листата за чекање органи".
Оваа жена од Волфсбург преку онлајн-петиција врши притисок до Бундестагот, зборува во Министерството за здравство и на секои две недели им пишува на политичарите и лекарите во име на нејзиното здружение. „Јас не сум човек што се предава и ќе издржиме“, вели Рајтмаер, која ќе се смири тогаш кога во Германија „решението со приговор" ќе стане реалност – ако треба и со тужба до Европскиот суд на правдата во Луксембург.
Темата донација на органи во Германија ја бие лош глас
Рајтмајер ја води нејзината лична судбина: откако на нејзината ќерка Симоне пред четири години ѝ откажаа бубрезите, животот ѝ го спаси една донаторка од Шпанија. „Ако некому му е потребен здрав орган, мора да оди во Шпанија, Австрија или Холандија“, се жали Сузане Рајтмајер и додава: „Во Шпанија луѓето кои донираат органи добиваат и посебно признание."
Во Германија, напротив, донацијата на органи ја бие лош глас. „Тука не се кажува ништо позитивно за донацијата на органи и тоа постојано е поврзано со некакви скандали. Германците имаат претстава дека кога ќе одат во болница веднаш ќе бидат одбиени за трансплантација“, вели оваа 60-годишна жена. Многу е исцрпувачки, дури и во потесниот круг пријатели, постојано да се правдаш.
Сузане Рајтмајер мора да издржи уште неколку месеци. Кон средината на годинава, министерот за здравство Шпан сака да го притисне Бундестагот да донесе одлука. Томас Милер оваа дебата ќе ја следи од Шпанија – можеби веќе со нов бубрег.