За Велигден во карантин, олеснување на мерките во мај
12 април 2020Ублажување на рестриктивните мерки за движење воведени поради коронавирусот може да се очекува на почетокот или кон средината на мај, а велигденските празници граѓаните ќе ги минуваат дома со можно продолжување на полицискиот час, најавува министерот за здравство Венко Филипче.
Во изминатите 24 часа бројот на заболени од коронавирус надмина 800 луѓе, откако беа евидентирани 68 нови случаи. Најголемиот број-18, повторно се во Куманово, но линеарно зголемување се бележи и во Скопје, Прилеп, Струга и Велес. Асимптоматските случаи на заразата, во кои предничат младите луѓе, и натаму остануваат најголем проблем за здравствените власти, поради што и се најавува можно продолжување на полицискиот час за претстојните велигденски празници.
„Тие поминуваат со многу лесни па дури и со никакви симптоми и се активни преносители на вирусот и во даден момент тие ќе создадат антитела. Ние со рестриктивните мерки за движење успеваме како држава да влијаеме на овој вид ширење на вирусот“, рече Филипче. Владата ќе решава дали и во понеделникот по празникот, кој е неработен ден, ќе важи целосната забрана за движење, вели министерот.
Се уште е нејасно дали починатата жена од Велес, кај која беа пронајдени траги од коронавирусот, била заболена од Ковид-19. Се чекаат испитувања од Инстиутот за судска медицина. Според епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ целиот случај е „контроверзен“.
„Се уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе“, вели Микиќ.
И анализата на резултатите на зголемениот број заболени од сезонски грип ќе чека подобри времиња, односно надминување на пикот на корона-кризата.
„Кога ќе заврши целата оваа активност, во подобри времиња, ќе направиме истражување во кое ќе кажеме прецизно дали некој од овие случаи со грип, кои се регистрирани во сезоната 2019/2020 имале симптоми слични на Ковид“, изјави доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на денешната дебата во Владата.