Вархеји раздвојува, Германија спојува
7 мај 2021Германија нема да дозволи одвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, доколку Софија опстои на блокадата на Скопје, порачаа неколку германски дипломати денеска.
Амбасадорката во Скопје, Анке Холштајн за „Слободен печат“ изјави дека за Берлин не е замисливо да се отвори патот само за едната земја. Државниот министер во германското МНР, Михаел Рот со сличен тон на Твитер порача дека двете земји треба да ги отпочнат преговорите во јуни годинава за време на португалското претседателство.
Од друга страна, портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро од Брисел порача дека останува опцијата Албанија да продолжи кон ЕУ доколку остане блокадата за С. Македонија.
„За Германија не е замисливо само за Албанија да даде зелено светло, а Северна Македонија да ја остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нејзниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот“, изјави германската амбасадорка Холштајн за „Слободен печат“.
Конечната согласност за тоа дали некоја земја ќе ги започне преговорите ја даваат земјите-членки на ЕУ, објасни и портпаролката Писонеро, но додава дека Европската комисија не би се противела доколку се даде зелено светло само за Албанија.
„Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа. Доколку дојде до тоа земјите членки да одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, Европската Комисија не би се противела на овој став бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови“, рече Писонеро.
Унгарскиот еврокомесар Вархеји ги разбранува духовите неделава, откако на двапати предупреди дека Албанија и С. Македонија ќе серазделатнапатот кон ЕУ, доколку Скопје не најде заеднички јазик со Софија за историскиот спор.
Дописниците на два медиуми од Брисел, Политико и Вол Стрит Џурнал денеска објавија изјави на неименувани високи дипломати на Европската комисија кои тврдат дека Вархеји „солира“ со изјавите и дека ЕК не планира раздвојување на двете земји.
На Твитер реагираше и шефот на словачката дипломатија Иван Корчок дека главната цел на политиката на ЕУ треба да биде надминување на бугарското вето.
„Веродостојната политика на ЕУ сега треба да се насочи кон надминувањето на ветото во Советот кој мора да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Отворањето преговори со двете земји одамна требаше да се случи“, напиша Корчок.