1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

За интелектуалците, уште еднаш

27 август 2018

Германското искуство и мисловното наследство на философот Теодор В. Адорно. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/33ous
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Кога денес во Германија се говори за  интелектуалците, тогаш се споменува само едно име на жив интелектуалец со голем авторитет во јавноста. Тоа е филоcофот Јирген Хабермас. Во повоена Германија еден особен тип интелектуален формат  секогаш се поврзуваше со Критичката теорија, чии втемелувачи беа уште пред Втората светска војна групата филоcофи во Франкфурт, збрани околу тамошниот Институт за социјални истражувања. Најпознати од таа генерација  се Теодор В. Адорно и Макс Хоркхајмер. Во дваесеттиот  век речиси сета светска јавност му се восхитуваше на  Адорно како на симбол за слободномислечки  интелектуалец. И тоа токму  откако  тој врати од егзилот во Америка 1951-вата и стана професор по филоcофија на универзитетот во Франкфурт. Адорно  беше редок спој на бистар, луциден и критички ум, уметничка музичка дарба и блескаво образование. Композитор и пијанист, естетичар, социолог, есеист со огромно познавање на литературата  и  музиката. Тој беше пример за  германското  „образовано граѓанство“ („Bildungsbürgertum"), тоа  за кое може да се прочита кај Томас Ман во „Волшебниот брег“, но, пред се‘, во неговото последно дело „Доктор Фаустус“, кое се смета за последниот голем европски роман. Патем, Адорно бил советникот на Томас Ман при создавањето на романот. Тоа германско образовано граѓанство, на кое му припаѓаше и Томас Ман и Теодор Адорно, што значи, граѓанството на духот, беше двигателот на германската култура пред војната. Тоа речиси целосно исчезна по неа, затоа што многу од големите  германски  филоcофи и уметници беа  Евреи. 

Адорновиот  асистент, Јирген Хабермас, еднаш својот прочуен професор го нарече „филоcофирачки интелектуалец“ или „писател меѓу чиновниците“. Имено, професорите во Германија се државни чиновници, за кои понекогаш е својствен оној тесноград, „администриран“ дух и мисла, кого секогаш одново гo критикуваше токму Адорно. Секако, Адорно со својата харизма и образованост, со острата и длабокоумна критичка мисла, во шеесеттите години се издигнуваше над сите германски филоcофи. За еден одреден германски интелектуален вкус тој остана  до ден-денес симбол за интелектуалец, кој во  дваесетиот век важеше како ум со  мисловен интегритет да  го толкува  светот. Така го доживувал и неговиот асистент Јирген Хабермас. Тој и самиот продолжи во последните децении да делува  токму во тој дух во јавниот дискурс во Германија. Сепак, Хабермас укажува на тоа дека треба да се разликува улогата на интелектуалецот  и работата на професорот. Задачата  на интелектуалците отсекогаш беше критиката на манипулацијата во јавното мислење. Интернетот, според Хабермас, од темел ја промени структурата на јавниот дискурс. Во него денес гласот на интелектуалецот е премногу тивок. Главната особина на интелектуалецот е во „способноста да  фокусира“. Според него, таа  особина  на интелектуалецот не доаѓа до израз  на интернетот и на телевизијата.

Der Soziologie-Professor Theodor Adorno
Теодор АдорноФотографија: picture-alliance/dpa

Тогаш каде и кога треба да се јави интелектуалецот? Одговорот Хабермас го даде пред неколку години во едно предавање во Виена. „Интелектуалецот, кој му останува верен на својот интегритет,  би требал да интервенира секогаш кога дневно-политичките настани „ќе излезат од колосекот“, а другите уште се кај »business as usual«", вели Хабермас. Тоа делување на интелектуалецот сведочи за  неговото „авангардистичко сетило за релевантните нешта." Во  таа смисла, имаат право сите луѓе во Македонија, кои деновиве  посакуваат да го чујат мислењето на интелектуалците. Овој политички миг во Македонија  ги има сите особини на историски пресврт, но, и на идејна, интелектуална криза. Токму во такви мигови станува насушно нужна мудроста, разумот, историската и општествена  самосвест на интелектуалците.

Сепак, не треба да се заборави дека кога  интелектуалецот се јавува во јавна дебата, тоа секогаш е заради сопствениот мисловен хабитус, но и кога смета дека состојбата е алармантна. Кога се работи за Македонија. непостоењето на вистинска интелектуална јавност е причината зошто многу луѓе ангажманот на интелектуалците постојано го поврзуваат со одредени партии. Иако, има вистина и во тоа. Бидејќи  во изминатиот период голем број универзитетски професори и интелектуалци беа директно вклучени во македонската политика. На тој начин се создаде сликата за „партискиот интелектуалец“, кој е спротивност на „слободно лебдечкиот“ интелектуалец, како што германскиот социолог Карл Манхајм во шеесеттите години го дефинираше вистинскиот интелектуалец.

Други колумни од авторката:

-Триесет години македонска самотија

-„Македонскиот наратив“ и културното паметење на Балканот

-„Александроманија”– „болеста” на малите балкански народи

Интелектуалецот не смее да се инфлационира како новинарот. Германскиот филоцоф Аксел Хонет, поранешен асистент на   Јирген Хабермас во Франкфурт,  можноста на интелектуалецот денес да се огласи во јавноста  ја гледа само уште  во весниците и на радиото. Но, не и на телевизијата. Кога интелектуалецот ќе настапи на телевизијата, според Хонет, тој ја губи контролата врз својот збор. Всушност, интелектуалецот како критичар на општеството е секогаш патоказ. Тој го трасира мисловниот пат за излез од духовната  криза во едно општество. Интелектуалците  ја  обликуваат  јавната  културна и политичка свест.  Така, како што тоа го чинеше  Адорно по војната се‘ до смртта 1969-тата, укажувајќи што е критичко  мислење и  мислечки субјект. И Хабермас отвораше видици за смена на парадигмите во Германија по 1980-тата.

Секако, времето во кое твореше Адорно во Германија, но и подоцна Хабермас, се разликува во многу нешта  од нашево. Ниту во германската јавна и интелектуална сфера денес нема многу философи  кои важат за „великани". Но, принципот според кој еден мислител или творец во Германија се смета за интелектуална и морална величина се‘ уште е неговата слобода од секоја структура на власт. Постоењето на такви личности е патоказ за автентичните вредности на критичката мисла и коректив за тие што сакаат да се дистанцираат од симптомот на ова време,  во кое сите се аналитичари и сите даваат совети - од приватниот до општествениот живот. Интелектуалецот ги согледува подлабоките димензии на проблемот и го анализира на свој, оригинален поглед. Со тоа тој го надминува дневно-политичкиот прагматизам на политичарите.

Според Јирген Хабермас,  интелектуалецот во времето на интернетот не си создава „име“ со неговата сеприсутност во медиумите, туку со неговата „репутација“ или авторитет во својата област. Kако писател, философ, научник. Кога таков интелектуалец ќе се вмеша во јавната дебата, тој   треба да се обраќа на  публиката која не се состои само од гледачи, туку и од потенцијални учесници на понатамошен мисловен  дискурс. Во дебатните емисии на германската телевизија интелектуалецот се разликува од политичарот не по тоа што настапува како „експерт“. Тој, за разлика од политичарите, изразува  нормативни ставови, нуди несекојдневни согледувања, разобличува стреотипни дефиниции и предрасуди.  Со еден збор, тој отвора творечки, неочекувани  видици за решавање на некој проблем. Интелектуалецот од типот на германските философи, верни на мисловното наследство на Теодор В. Адорно, со својата личност потсетува на темелните хуманистички вредности: на критичката свест на мислечкиот субјект, независна од секоја власт и секој авторитет. Во неговото обликување има огромна улога образованието, уметноста и философијата. Вака сфатената улога, интелектуалецот ја одигрува најуверливо кога тој самиот во себе, како личност и мисловна дејност,  ги отелотворува вредностите на кои тој секогаш одново, а најмногу во мигови на криза, го потсетува   општеството во кое живее.

Тоа, всушност, што го прави еден филозоф, научник или писател  интелектуалец е слободата на мислата, критичкиот дух и граѓанската храброст. Таа не е „законот на толпата“, не е балканското „случување народ“ или „гласот на улицата“. Граѓанската храброст  се одигрува во парламентот и во јавното мнение. Таа претпоставува кај интелектуалецот  морален интегритет и еманципиран дух. Таа е антипод на мислењето и делувањето од користољубивост. Кај вистинскиот интелектуалец секогаш се претпоставува политичката консеквентност. Нема достоинство на интелектуалец академикот или научникот, кој, од кариеризам,  постојано ги менува „страните“. Интелектуалецот критички го посматра општеството и ги препознава проблемите побрзо од политичарите. Кога власта е „мудра“, таа го  почитува и го слуша гласот на интелектуалецот. Дури и со стиснати заби, од гнев. Тој, пак, интелектуалецот  има само една единствена слобода во сета несигурност на неговата положба: да го крене гласот тогаш, кога тој ќе смета за неопходно.

Jürgen Habermas
Јирген ХабермасФотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

За интелектуалецот се претпоставува дека тој не постапува хетерономно, според наредбата или препораката однадвор, од државата, партијата или од некој друг авторитет, туку автономно, согласно на својата совест и на своето мисловно достоинство. Уште во осумнаесеттиот век филозофот Имануел Кант вели за  автономната личност дека таа постапува  во согласност со моралниот закон во неа самата. Таа состојба на автономија за Кант е резултат на Просветителството. А тоа е процес во кој човекот ја напушта својата неполнолетност, на германски, Unmündigkeit, во која се наоѓа по сопствена вина. Вината се состои во тоа што човекот не го ползува самостојно тоа што го поседува како мисловен инструмент - разумот. А не го ползува затоа што му недостига решителност. Полнолетниот, критички мислечкиот човек е самосвесниот граѓанин. Кусо пред смртта, токму во времето на студентските  демонстрации во Франкфурт, на кои учествуваа многу од неговите студенти, Адорно го напиша есејот „Воспитание на полнолетност“. Овој  есеј на Адорно е еден вид духовен завет за секој современ интелектуалец. Не само во Германија. Неговата тема е темелниот принцип на секое демократско општество. Критичкото мислење на слободните, самосвесни субјекти и демократската, еманципирана јавност.

Тоа е темелот на  парламентарната демократија, која   ја изразува виталноста преку правото на глас, слободните избори и  независните медиуми. Во сето тоа, темелот останува критички мислечкиот субјект, граѓанинот кој не зема никаква информација или теорија здраво-заготово, без  критички да ја просуди и оцени. Адорно ја беше искусил национал-социјалистичката пропаганда на своја кожа, затоа потоа секогаш одново инсистираше дека темелот на граѓанското демократско општество е слободниот самосвесен субјект. Особено денес,  во времето на интернетот, станува уште позначајна критичката способност на граѓаните да ги оценат информациите како објективни и веродостојни. Тоа, во модерниот јазик на медиумите, значи дека ниту една информација на интернетот не сме да се прифати како точна, пред да се провери изворот и преносникот на  веста.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.