1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За комплексите

12 февруари 2020

Предизборие со враќање на истиот стар наратив: пробив кон ЕУ и НАТО на сметка на компромиси со локални корумпирани политичари кои сега се во позиција да го закочат овој процес, исто како и за Преспанскиот договор.

https://p.dw.com/p/3XfNW
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во целиот галиматијас околу предизборието, Законот за ЈО, ратификацијата на протоколот за НАТО, мислам дека треба да очекуваме дополнителна ескалација на тензиите, на незалечените комплекси, на деградација на принципи и ситен предизборен популизам.

Во ваков амбиент, за мене беше исклучително освежување интервјуто на Јоргос Папандреу.  Во една созреана аргументација, без трошка огорченост и нереален романтизам, во основа најмногу без непотребни комплекси, човекот ги нацрта линиите и позициите помеѓу двете држави со исклучителна пристојност и политичка финеса. Малку ме депримираше квалитативната разлика помеѓу неговиот политички речник и она на кое сме навикнале во локалниот политички дискурс, но се потсетив како изгледа интервју на политичар без комплекси.  Притоа, човекот не кажа ништо спектакуларно, немаше некоја нова геополитичка теза, ниту пак откри нова нијанса во односите и во предвидувањата.  Едноставно беше нормален и зрел, и тоа не изненадува – што е секако многу лош коментар за нивото на нашата политичка сцена.

Наспроти оваа смирена поза на Папандреу, локалните маријачи се пуштиле на најјако. Опозицијата овде, на пример, упорно инсистира да се противи на законот за ЈО, на имплементацијата на преспанскиот договор, во една неконзистентна и релативно хистерична варијанта без реална позиција.  Не видовме реално објаснување на нивните контрадикторни позиции за тоа како ќе ја забрзаат евроатлантската интеграција на Македонија противејќи се на основниот стожер за нејзиниот пробив – преспанскиот договор. Тврдоглаво се противат на законот за ЈО, дотаму што успеаја целата меѓународна заедница да му ја постројат на Заев на услуга и помош (дури дотаму што амбасадори му помагаат да обезбеди мнозинство), нешто што тој самиот никако не можеше да си го обезбеди волку ефикасно. 

Nordmazedonien Skopje Parlament ratifiziert NATO Beitritts Protokoll
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Ademi

Други колумни од авторот:

-Срамотизам и Македонизам

-Година на незавршени работи

-Кога два и два не смеат да бидат четири

Причината за овој наратив на опозицијата е јасна.  Таа се потпира на претпоставката дека со ваквите потези, колку и да создадат проблеми кај критичната јавност, тие ќе мобилизираат голем дел од своето гласачко тело, а на некои места дури и ќе поентираат (надежен им е законот за ЈО).  Она што недостасува во оваа калкулација е мобилизацијата која притоа ја прават кај разочараните гласачи на СДСМ (кои сега се уплашени од можноста ВМРО ДПМНЕ да се врати на власт па со тоа да ги проблематизира евроинтеграциите преку блокада на преспанскиот договор), како и мобилизацијата која ја прават во полза на СДСМ кај меѓународната заедница, која сега име чувство за итност, и во законските проекти пред собранието, и за претстојните разговори за датумот за преговори, и воопшто околу тоа кој може да биде сериозен и посакуван партнер на домашната политичка сцена.

Притоа, анализата е јасна: кај Преспанскиот договор, ризикот од негова блокада ни носи само штета, никако корист.  Евентуалното проблематизирање на имплементацијата на договорот, нема да го поништи, укине, или смени ниту договорот ниту обврските кои произлегуваат од истиот, значи цената нема да се намали. Тврдоглавоста единство може да ги одземе придобивките од договорот – да ги спречи европските преговори, да не заглави во недогледно ново лимбо околу реформите и слично.  Значи, дупло голо: зијанот ќе остане, само ќарот ќе го снема. 

Истото важи и со законот за ЈО.  Со сите негови недоследности, здружениот напор на меѓународната заедница е индикација дека е тој тесно поврзан со веројатноста за одлука за почеток на преговори во март. Дури и да не ни се допаѓаат некои решенија внатре, сепак, најдоброто нешто што можеме да го направиме за владеење на правото во Македонија е да почнеме преговори со ЕУ, па така, било која цена, во смисла на правни забелешки, на сегашниот ЗЈО е прифатлива, бидејќи обратната теза е полоша.  Во изборот дали ќе донесеме совршен закон, но не почнеме преговори, или да донесеме компромисен закон, ако тој обезбеди преговори, немам дилема дека втората опција ќе донесе повеќе правда и владеење на правото во државата. 

На крајот, се враќаме на истиот стар наратив: пробив кон ЕУ и НАТО на сметка на компромиси со локални корумпирани политичари кои сега се во позиција да го закочат овој процес, исто како и за Преспанскиот договор. Ова е резултат на длабоката поделеност на општеството: кога вие имате опозиција која го одбива Преспанскиот договор кој го овозможи членството во НАТО, но самото членство го прифаќа, која одбива да го гласа законот неопходен за одлука за преговори, но бара преговори со ЕУ, а во средината имате мал број пратеници кои можат да обезбедат мнозинство, мислам дека изборот и не е баш некој избор.

Истовремено, на ова додадете го фактот дека власта има сопствени проблеми со наративот, преголем фокус на меѓународната политика, со фактичка импотентност во спроведувањето на реформите за владеење на правото дома, од објективни или субјективни околности, сеедно, албански партнер кој сака да биде пријател и со СДСМ и со ВМРО ДПМНЕ, и калабалакот станува комплетен.  Во вакви околности, не треба да не чуди политичката шизофренија од сите актери на сцената.

Среќа што има некој што си стои на зборот: Шпанија ја почна ратификацијата на протоколот по итна постапка, па изгледа сепак ќе треба тетоважите со ЈНА ‘73 да ги менуваме со НАТО ‘20.