1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За лобисти како Јошка Фишер и по 10.000 евра на ден

Ален Леговиќ / Александар Методијев29 април 2012

За некои тоа е комуникација, за други влечење конци или залажување на политичарите. Сепак, лобистите влијаат на создавањето мислење кај влијателните луѓе. Во Брисел ги има илјадници.

https://p.dw.com/p/14lFZ
Фотографија: picture-alliance/Daniel Kalker

Лобирањето е еден од механизмите за претставување и поддржување на различните општествени групи и поединечни правни субјекти во услови на демократија. Во суштината на лобирањето е да се влијае на одлуките што ги носи законодавната и извршната власт. Карактеристика на модерното лобирање е неговата специјализираност и професионализација. Веќе некое време во западно-европските демократии и САД се настојува да се создаде посебна правна регулатива за лобирање. Така, настанува специфична „индустрија за лобирање“ во облик на специјализирани претпријатија и организации кои ги застапуваат и поткрепуваат интересите на налогодавачите.

Каков углед имаат лобистите?

Угледот на лобистите е лош и често се обвинувани дека ја купуваат политиката. Повеќе од 15.000 лобисти во речиси 3.000 лобистички канцеларии во Брисел ги застапуваат интересите на најразличните индустрии, бранши и организации. Мнозинството од нив се сместени во европскиот кварт, на потегот од зградите на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент. Лобистите ги негуваат своите контакти и се обидуваат да влијаат на политиката и политичарите.

Зборот „лобизам“ го смислија Американците, кои уште од 1800-тата година се занимават со лобирање, односно со прашањето: како различните интереси да се протуркаат во преддворјето на конгресот. Тоа го носело називот лоби (lobby на англиски, н.з.). Лобистите влијаат на парламентарците така што ги предупредуваат да водат сметка при подготовката на законите и на нивните интереси. Овој поим тргна од Америка во освојување на светот пред двесте години.

Deutschland Berlin 2005 Außenminister Joschka Fischer zu Iran Atomkonflikt
Јошка Фишер - некогаш министер, денес лобистФотографија: AP

Распространето е мислењето дека лобистите имаат проблем со разнишаниот углед, бидејќи се смета дека ги поттикнуваат политичарите на одлуки кои не секогаш се применливи во демократската пракса. Освен тоа, многу честа е појавата меѓу лобистите да се наоѓаат поранешни членови на владата. Лобистите, пак, на својата работа гледаат како на дел од големиот политички систем.

„Информациите мораат во вистински момент и во вистински облик да се најдат кај вистинските луѓе“, ја опишува својата работа еден бриселски лобист.

Успешни лобисти – поранешни политичари и дипломати

Меѓу успешните лобисти се наоѓаат и поранешни политичари и дипломати. Така, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер лобира за гасовод под Балтичкото Море, а неговиот поранешен министер за надворешни работи Јошка Фишер за конкурентскиот проект Набуко – гасоводот од Турција до Австрија. Освен тоа, Фишер има и договори за лобирање за БМВ и Сименс. Знаењето на поранешните политичари и нивните контакти добро се наплатуваат – од 5.000 до 10.000 евра од ден.

Обичните лобисти во Брисел не можат да се пофалат со такви хонорари. Има и такви што преживуваат со помалку од 2.000 евра месечно, додека други заработуваат и повеќе од 10.000 евра.

Gerhard Schröder 2011
И поранешниот германски канцелар Герхард Шредер денес се занимава со лобирањеФотографија: dapd

За многу лобисти во Брисел искреноста и транспарентноста се многу важни за време на лобирањето. Транспарентноста ја поттикнуваат и европските институции. Така, Европската комисија и Европскиот парламент на интернет објавија листа на која лобистите доброволно можат да се пријават.

Предрасуди за лобистите

Лобистите не секогаш се лица кои возат брзи спортски автомобили. Во Брисел често ќе се налета на лобист кој вози велосипед. Лобистите не заговараат само во интерес на индустриските гранки и големите компании, туку постојат еколошки лобисти, а и такви кои лобираат за човекови права. Причина за предрасудите за лобистите е нивното непознавање. Што всушност работат лобистите? Од една страна ја набљудуваат политиката и се обидуваат да откријат што се подготвува во новите закони. Другата страна на лобирањето е обидот да се влијае на одлуките. И, тука започнува делот кој е често мета на критики.

Најчесто тоа се случува кога се има впечаток дека лобистите ги „купуваат“ политичарите. Во Брисел ќе ви речат дека има и црни овци, но секој лобист за себе и својата работа мора да си подвлече морална граница. Повикувањето пратеници на патување – тоа е нелегално влијание и веќе нема врска со лобирањето. Тоа е случај на корупција.

Но, се исплаќа ли вложувањето во лобисти? Оние од Брисел ќе ви одговорат дека вложувањето се исплаќа долгорочно и индиректно. Најголем успех за лобистите е да ги слушнат сопствените аргументи од устата на политичарите. Тоа е резултат на разговорите или документите што лобистите им ги доставиле, а во кои се претставени и застапени одредени интереси.

За лобистите се најажни постојаните контакти, а притоа е клучно познавањето на странските јазици. Често е потребно на политичарите да им се приближи јазикот на економијата, а многу тешко разбирливите текстови од Европската комисија треба да им се преведат на луѓето од економијата и деловниот свет. Токму таа работа за многу лобисти можеби е и најголемиот предизвик.