1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За ЦДУ/ЦСУ билансот на владата поразителен, за СПД Унијата содржински и персонално нема што да понуди

11 август 2005

Опозиционите демохристијански партии на Унијата ЦДУ и ЦСУ, со оглед на опаѓањето на поддршката на избирачите во анкетите на јавното мислење, започнаа нова офанзива против германскиот канцелар Герхард Шредер и неговите социјалдемократи.

https://p.dw.com/p/Ackg
Водачите на опозиционите партии на Унијата Ангела Меркел (ЦДУ) и Едмунд Штојбер (ЦСУ) со партиските предизборни програми
Водачите на опозиционите партии на Унијата Ангела Меркел (ЦДУ) и Едмунд Штојбер (ЦСУ) со партиските предизборни програмиФотографија: dpa

Опозициониот кандидат за канцелар Ангела Меркел на предизборниот собир во Есен рече дека е неопходна „целосна политичка промена во Германија“. На 18-ти септември ќе се решава за „судбината на нашата земја“, рече Меркел, која упати остра критика на сметка на политиката на канцеларот Шредер на пазарот на работна сила. „Како сакаат тие да зборуваат за слобода, кога многу луѓе воопшто и немаат слобода да си побараат работно место. Како сакаат тие да зборуваат за праведност, кога ние се’ финансираме со кредит и со тоа на нашите деца и на децата на нашите деца им оставаме долгови, кои со сигурност нема да водат кон праведност за денешната млада генерација“ – зборуваше Меркел на собирот во Есен.

Како контра-услуга во предизборната кампања дејствуваше искажувањето во едно интервју на претседателот на ЦСУ Едмунд Штојбер, дека не прифаќа „истокот да одреди кој ќе биде канцелар, не може да биде фрустрираните да решаваат за судбината на Германија“. Ова, се разбира, предизвика бурни реакции.

По средбата на раководствата на сестринските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ во Берлин, генералните секретари ја претставија изборната стратегија на партиите на Унијата. Целта е високо поставена: ЦДУ сака на изборите да биде најсилна партија во источниот дел на Германија, а на сојузно ниво Унијата да освои помеѓу 42 и 45 проценти од гласовите. „Ова ќе биде извонредно тешка, извонредно амбициозна и извонредно кон идните насоки ориентирана предизборна кампања. Ние ја утврдивме целта дека сакаме да освоиме 45 проценти. Решавачко прашање е дали и натаму вака ќе одат работите во Германија, и натаму со невработеност, сиромаштија, долгови, или има пресврт, шанса за подобрување“ – рече Маркус Зедер, генерален секретар на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Челните кандидати на партиите на Унијата во преостанатите 39 денови до изборите ќе учествуваат на 450 предизборни манифестации. Топ-тема во кампањата, како што најави Фолкер Каудер, генерален секретар на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ќе биде - според Унијата - негативниот биланс на владината црвено-зелена коалиција. „Стратегијата беше отсекогаш јасна. Што и’ остава црвено-зелената коалиција на земјава? Билансот е поразителен. Црвено-зелените го заобиколуваат билансот и не велат што вистински се случи. Се разбира, ние опширно ќе зборуваме околу сите тие точки, а потоа и за тоа како може Германија да излезе од кризава“.

Се чини како сопствената програма да е дури на второ место за унијата во предизборната кампања. Сосем напред е конфронтацијата со сојузната влада.

Унијата содржински и персонално нема што да понуди, ја критикува стратегијата на противникот генералниот секретар на СПД Клаус-Уве Бенетер, додавајќи: Герхард Шредер е и ќе остане сојузен канцелар.

И најновите анкети потврдуваат дека исходот на изборите останува неизвесен, иако граѓанско-конзервативниот табор има два процента предност.