1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Заборавено расистичко злосторство во Унгарија

Кено Верзек
31 јули 2018

Пред 10 години во Унгарија се случи цела серија убиства. Цел беа Ромите. Жртвите главно се заборавени, а повеќето преживеани живеат во голема сиромаштија.

https://p.dw.com/p/32Mgq
Ungarn Prozess Urteil rassistische Morde an Roma
Роми-активисти со маици на кои има фотографии на убиени Роми пред судот во Будимпешта, во очекување на пресуда против четири лица обвинети за убистватаФотографија: Reuters

Ева Кока некогаш беше личност, која уживаше во животот. Заедно со својот сопруг Јено водеше скромен, но среќен живот. Брачната двојка живееше во местото Тишалок, на истокот на Унгарија, во убава куќа со двор. Со децении имаа сигурни работни места, тој во фабрика за лекови, таа во фабрика за преработка на дрво. И во нивното гратче и на работното место беа почитувани и ценети.

И тогаш дојде денот кој промени сѐ - 22.4.2009.

Тој дено Јено Кока излезе од домот во вечерните часови за да оди на ноќна смена во блиската фабрика за лекови, во која работеше полни 38 години. Одеднаш овој 54-годишен човек директно в срце го погоди куршум. Тој почина на лице место. Убијците се беа сокриле во близина на неговата куќа. Таа вечер беше уништен и мојот живот“, раскажува Ева Кока. 

Нејзиниот сопруг беше петта жртва во серијата смртоносни напади врз Роми во Унгарија во 2008/2009 година. Десноекстремистичките извршители убија вкупно шет лица, а повредија 55. Постоеше само еден единствен мотив - тие беа против Ромите.

Извршителите на убиствата - десничарски екстремисти

Пред десет години, на крајот на јули 2008 година, во последната фаза од владеењето на социјалистичко-либералната влада, серијата напади и убиства започна со нападот со огнено оружје во селото Галгаѓорк, северозападно од Будимпешта. Во овој напад немаше повредени. Првите две убиства се случија во ноември 2008, а последните во август 2009 година. Истиот месец извршителите беа уапсени - четворица десничарски екстремисти од источна Унгарија. Тројца од нив во 2014 година беа осудени на доживотна затворска казна, а четвртиот на 13 години зад решетки. 

Ungarn Prozess Urteil rassistische Morde an Roma
Судење на обвинети за убиство на Роми (06.08.2013, архива) Фотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

Повеќе на темата:

-Нема помош за жртвите од серијата убиства на Роми

-Нова истрага - доцно обесштетување за жртвите Роми

-Убијците на унгарските Роми не покажуваат каење

Убиствата на Ромите беа едно од најлошите расистички мотивирани злосторства во Унгарија по крајот на Втората светска војна. Но, во меѓувреме, тие се практично заборавени. Повеќе речиси и да нема комеморации, а за судбината на преживеаните жртви и нивните роднини се интересираат само ретки медиуми и други луѓе. 

Притоа, слично како и кај серијата убиства извршени од десничарската терористичка група НСУ во Германија и за серијата убиства на Роми во Унгарија, соодговорна е државата: една тајна служба не ги проследила информациите кои ги имала, истражителите долго време ја исклучуваа можноста за екстремно десничарски мотив. Да немаше толкава неодговорност, двете последни убиства можеа да бидат спречени, значи Јено Кока би останал жив.

Ева Кока психички и физички колабирала по убиството на сопругот. Морала да го напушти своето работно место во фабриката за преработка на дрво, се преселила кај својата ќерка во една блиска населба, каде живее до денес. Не сака јавноста да дознае како се вика тоа место. Десет години по убиството и натаму се плаши и цврсто е уверена дека има и други извршители на убиството, кои не се уапсени.

Живот без приходи

Ева страда од хронична анксиозност и депресија, има реума и артроза. Во ноември 2017 лекарите и покрај сето тоа ја прогласија за работоспособна и веќе нема право на инвалидска пензија. Ева за време на сослушувањето за барањето за инвалидска пензија едноставно не можела да изговори ни збор - и затоа е прогласена за здрава.

И оттогаш оваа 56-годишна жена веќе нема никакви приходи - на редовната пензија мора да чека уште четири години. Притоа и нејзината ќерка, зетот и нивните шест деца исто така живеат во многу скромни услови, всушност во сиромаштија, со месечни примања од околу 300 евра. Зетот Жолт Кис прима плата од 150 евра, а остатокот од месечните приходи е детски додаток.

На иницијатива на Золтан Балог, калвинистички свештеник и министер за човечки ресурси во владата на Виктор Орбан од 2012 до април 2018 година преживеаните жртви од серијата убиства во 2014 година добија еднократна отштета во висина меѓу 4000 и 7000 евра. Редовна помош нема. Балог е еден од ретките унгарски политичари, кои секогаш одново ја тематизираа серијата убиства на Роми. По повод 10-годишнината од злосторствата, Балог со жалење констатираше дека унгарската политика по убиствата брзо сакала да се врати во секојдневната рутина.

И филмаџијата и писател Андраш Б. Вагволѓи е еден од ретките во Унгарија кој постојано потсетува на убиствата на Ромите. Тој за време на судењето на извршителите, кое траеше повеќе од две години и беше завршено во август 2013 година, беше речиси на секое рочиште и во 2017 година ја напиша книгата „Фронт на истокот“. Денешната унгарска националистичка влада сака да бидат заборавени таквите расистички злосторства, вели Вагволѓи, и потсетува на еден актуелен пример: нападите врз Ромите во Украина, кои траат од 2016 година и во кои во јуни годинава во Лавов е убиен Ромот, Давит Пап, кој говори унгарски. „Секогаш кога станува збор за унгарското малцинство во странство, владата на Орбан реагира брзо и остро, но во случајот на украинскиот Ром, кој говори унгарски, неговата влада молчи“, критикува Вагволѓи.

Ungarn Prozess Urteil rassistische Morde an Roma
Фотографија: picture-alliance/dpa

Трагична надеж

Ева Кока веќе нема сила да се нервира за такви работи. Со убиството на нејзиниот сопруг не е уништен само нејзиниот живот, туку од ден во ден нејзе ја мачи бедата во која живее нејзиното семејство. Често мисли на сопругот, сака достоинствено да го одржи споменот на него. И има трагична надеж. „Еден ден, можеби веќе наскоро, и јас засекогаш ќе бидам кај мојот сопруг“, вели таа.