Забрана за пластиката за еднократна употреба
19 декември 2018Преговарачите на Европскиот парламент и Европската комисија постигнаа согласност за ЕУ-забрана на пластични чинии, цевки и други производи за еднократна употреба од пластика. Забраната би требало да придонесе за намалување на пластичниот отпад кој завршува во природата и морињата.
Според ЕК, планот носи огромни еколошки предности. На пример, испуштањето на ЦО2 би требало да се намали за 3,4 милиони тони, а до 2030 година да се спречат еколошки штети во вредност од 22 милијарди евра. Потрошувачите пак, би можеле да заштедат 6,5 милијарди евра.
Повеќе: ЕУ во борба против пластиката
Промените би требало да стапат во сила за две години, значи на почетокот на 2021 година. Ќе биде забранета само употребата на производи за кои веќе има подобри алтернативи. Меѓу тие производи се, на пример, балоните. Капачињата на пластичните шишиња за еднократна употреба ќе смеат да се употребуваат уште пет години по стапувањето во сила на забраната за пластични производи за еднократна употреба, но само доколку се врзани за шишето, за да не завршуваат одделно во природата.
Стратегијата против пластичниот отпад ќе го промени секојдневието на секој поединец. Пакетот мерки е значаен пред сѐ за фирмите кои произведуваат пластични продукти. Таа бранша не е мала. Според наводи на властите, во 2015 година овие фирми правеле обрт од 340 милијарди евра и вработувале 1,5 милиони луѓе.