Забрана и за Јутјуб?
27 март 2014Видеоплатформата Јутјуб, како што се вели, денеска (27.03.) не била достапна за голем број корисници во Турција. Инаку, Јутјуб, исто како и мрежата Твитер, во минатото беше користена за ширење на обвинувањата за корупција на сметка на владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Вчера (26.03.) административниот суд во Анкара ја суспендираше одлуката на турскиот премиер за забрана на пристапот на Твитер во Турција. Најавата на Ердоган дека ќе го „избрише Твитер“ предизвика остри реакции во земјата и во светот. Тој пак, во предизборно интервју, вчера го бранеше својот став и рече дека Твитер не ги почитувал одлуките на турските судови, па затоа властите во земјата го блокирале пристапот до таа социјална мрежа. Тоа што таа мерка предизвика бран од обвиненија од страна на ЕУ за нарушување на човековите права, според Ердоган е неоправдано.
„Што се однесува до слободите, ние сме отидени многу понапред од повеќето земји во ЕУ. Таква слобода на информирањето, како кај нас, нема во повеќето од нив. Човек може да го нарече и навреди премиерот како сака. Такво нешто не може да се направи во повеќето од тие земји“, тврди Ердоган.
Во Турција во недела се одржуваат локални избори кои важат како голем тест за расположението на избирачите во земјата. Ердоган и неговата исламско-конзервативна АКП се под притисок поради обвинувања за корупција.