Забраната за поп-музика голем хит меѓу слушателите
25 февруари 2017Радио станицата веќе два месеци пушта само класична музика и одамна заборавени џез и фолк нумери, откако раководството одби да ги плати зголемените годишни тантиеми кон Организацијата за заштита на авторските права на музичарите. Одбивањето го принуди радиото да престане да емитува модерна музика и да пронајде постари нумери од својата архива. Според правилата на ЕУ, авторските права траат 70 години по смртта на композиторот.
Наместо Риана и Џастин Бибер, етерот сега го исполнуваат сентименталните звуци на Глен Милер и Ендрју Систерс.
Промената на ритамот неочекувано го погоди вистинскиот тон кај слушателите, особено кај постарата генерација. Пензионерите сочинуваат речиси една третина од 7,4 милионското население на Бугарија.
„Наместо казна, промената ја зголеми нашата слушаност“, вели портпаролката на БНР Николета Еленкова за АФП.
Анкета за слушаноста на радиото покажа зголемување на бројот на слушатели за 20 проценти во јануари, во споредба со последните месеци од минатата година.
„Музиката која претходно се пушташе на радиото- лош микс на бугарски и странски поп- ме нервираше“, вели Галина Савчева, 50-годишна козметичарка. „Сега обожувам да си пуштам БНР и да ги слушам Моцарт, Вивалди или фокстрот, што ме потсетува на мојата баба“, вели таа.
Раководителот на БНР, Александер Велев вели дека позитивниот фидбек од слушателите ја натерало станицата да ги „преразгледа своите музички програми и да го земе в предвид вкусот на слушателите“.
Притоа, многу млади музичари го искористија спорот околу авторските права за да ја промовираат сопствената музика, доброволно отстапувајќи му ги правата на користење на БНР.
Поддршка за ваквата политика радиото добива и на социјалните мрежи од каде пристигнуваат повици „да не се предаваат“.
„Охрабрете се да бидете поинакви и вашата публика ќе расте“, пишува еден слушател.
Од организацијата за авторски права на ова одговараат со обвинување дека информациите за раст на слушаноста се само „лош обид за добивање публицитет“.