Забранети сите активности на Хезболах во Германија
30 април 2020Полицијата во повеќе германски покраини од раните утрински часови спроведува рации против шиитската организација, соопшти Министерството за внатрешни работи на Твитер. Се вршат претреси на простории на здруженија и џамии. Во визирот се четири здруженија, за кои постои сомневање дека припаѓаат на оваа шиитска организација, инаку означена како терористичка.
Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер претходно ја забрани работата на Хезболах во Германија. Тоа, фактички е исто со забрана за Хезболах, која официјално во Германија не располага со свои структури. Организацијата која оперира пред се’ од Либан е осомничена за насилство и напади врз Израел, чија егзистенција ја отфрла. „Правната држава е способна за дејствување и во кризни времиња“, напиша портпарол на германското МВР.
Безбедносните власти проценуваат дека во Германија има околу 1050 приврзаници на Хезболах. Тие, како што се вели, се среќаваат пред се’ во одделни локални здруженија во џамии. Причина за истрагата против четирите здруженија во Берлин, Дортмунд, Бремен и Минстер, би можело да биде очекуваното учество на Хезболах на демонстрации против Израел на денот Ал-Кудс (ден на солидарност со борбата на Палестинците за независност, н.з.), кој годинава е на 16 мај.
Повеќе:
Дали Иран сѐ уште ги контролира паравоените милиции?
Либан: Еднa оставка, многу проблеми
Израел и САД ја пофалија Германија за постапката. „Го поздравуваме овој исклучително значаен и разумен чекор на Германија во борбата против меѓународниот терор“, напиша израелскиот амбасадор во Берлин, Џереми Исахароф на Твитер.
Американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, изјави: „Одлуката на владата да дејствува ја отсликува решителноста на Западот да и’ се спротивстави на глобалната закана која произлегува од Хезболах.“ Гренел апелираше до државите до ЕУ да го следат овој чекор и побара ставање на Хезболах како целина на ЕУ-листата за тероризам и нејзина забрана.
ЕУ во 2013 година го означи како терористичка организација военото крило на Хезболах. САД и Израел одамна вршат притисок врз Германија да ја забрани Хезболах како целина.