Забрането питачење, наместо тоа-автомати за милостина!
8 мај 2011Само малкумина граѓани протестираа кога штаерскиот градски Совет одлучи да го забрани питачењето во градот од 1 мај. Пред се’ Христијанско демократската партија ОВП го бараше ова, но и голем дел од социјалдемократите беа исто така „за“, питачите да си одат од Грац и од покраината Штаерска. „Никој во Републикава нема потреба да питачи. Освен тоа, во Грац и Штаерска има доволно институции. Токму тоа сакаме да го нагласиме со забраната. Ние сметаме дека питачите не се културно богатство што треба да се штити или нешто слично“, изјави Кристофер Дрекслер, претседател на австриската Народна партијата.
Единствено место каде Ромите се добредојдени е прифатилиштето на свештеникот Волфганг Пухер. Повеќето од нив доаѓаат од Хостице, мало село во јужна Словачка и тоа со години. Речиси сите Роми овде се добредојдени. „Тие не се тука, затоа што не сакаат да работат, туку затоа што во нивната земја 98 проценти од Ромите се невработени.
Речиси да нема семејство, кое барем еднаш не гладува во месецот
Еден Ром од Словачка објаснува за состојбата во која се наоѓа неговото семејство: „За нас петмина месечно добивав 215 евра. Потоа, одговорната служба откри дека имаме 35 години стар автомобил. Тогаш тие за половина година ни ја укинаа социјалната помош. Бевме принудени јас и мојот син да дојдеме во ова прифатилиште. Тоа беше нашата единствена шанса да преживееме“, објаснува Золтан Рач.
Во Австрија многу често се слушаат гласини дека Ромите, кои доаѓаат во прифатилиштето всушност не се наоѓаат во беда, туку дека станува збор за организирани банди, кои на наивните граѓани им ги влечат парите од џеб. „Тие постојани префрлања дека се работи за криминална организација и дека ги носат парите некаде, е безобразна невистина! Полицијата спроведе истражувања, и тоа долго време истражуваше, и не најде ништо, ниту луѓе што ја организираат целата работа“, вели свештеникот Волфганг.
Мислењето за нечесно питачење преовладува и кај граѓаните на Грац
„Многу луѓе не знаат зашто точно питачат Ромите. Дали за себе или за некаква организација“, вели еден маж.
„Јас посакувам забрана во било каква форма, затоа што не се издржува на секои пет метри да те сопира некој и да ти бара милостина“, вели една жена.
Отпор против забраната за питачење доаѓа пред се’ од црквата. На демонстрации излегоа и неколку стотици луѓе. Поради тоа ќе биде поставен автомат за милостина и оној кој сака да даде пари за сиромашните може да остави во апаратот без да мора да ги гледа сиромашните лица на Ромите на улица. Големите синџири на продавници за прехранбени производи како Шпар или Била најавија дека ќе го толерираат питачењето како и досега. Свештеникот Волфганг Пухер стравува дека децата нема да можат да одат на училиште, многумина од нив нема да можат да ги платат трошоците за секојдневниот живот. Но, пред да се случи такво нешто, Ромите ќе мора да заминат во некоја друга европска земја каде питачењето е дозволено.
Автор: Браун Вајт Улрих / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Жана Ацеска