1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Падна“ уште една судијка поради злоупотреби 

ДТЗ /ДВ
20 јануари 2021

Станува збор за Татјана Михајлова поради злоупотреби со АКМИС. Во текот на 2020 година покрената е постапка за 107 судии.

https://p.dw.com/p/3oCY9
Deutschland Hanburg Statue der Justitia
Фотографија: picture-alliance/dpa

Судскиот совет донесе одлука за разрешување на судијка од Основниот кривичен суд во Скопје поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Таа се наведува дека го злоупотребила АКМИС-системот, кој електронски ги дели предметите кај судиите. Судијката подолг период не се појавувала во Судскиот совет, ниту на работното место во Судот за прекршоци. Постапката против неа била водена година и половина.
„Не можам да ви кажам за кого одлучувавме, но факт е дека имавме посебна точка за утврдување одговорност на судија и нашата одлуката е дека се разрешува од функцијата судија на конкретниот суд поради повреда на одредбите од судскиот деловник по однос на примената на АКМИС. Подетално не можам да ви кажам за предметот од причини што мораме да ја почитуваме презумцијата на невиност“, информираше претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев по одржување на седницата. Кога одлуката ќе стане правосилна. ќе биде објавена во ‘Службен весник’, најави тој. Иако Здравев не го соопшти името на судијката, неофицијално медиумите посочија дека станува збор за поранешната в.д. претседателка на Кривичниот суд, Татјана Михајлова. Таа го наследи на функцијата Владимир Панчевски - но и двајцата „се лизнаа“ поради обвинувања за злоупотреби со АКМИС-системот.

Има право на жалба 

Одлуката за разрешување не е правосилна, а судијката има право на жалба и до Врховен суд. Михајлова стана в.д. претседателка на Кривичен во декември 2016 година, а во март 2017 поднесе оставка. Пред неколку години медиумите известуваа за спорниот годишен распоред кој Михајлова го донесе. Со него судии кои одобруваа притвори на поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ и се залагаа бомбите да бидат докази во судница, беа прераспределени да судат прекршочни предмети.

-повеќе на темата: Тричленa комисиja ќе ги „чешла“ судиите и предметите

 Михајлова е втора судијка кај која се лоцирани злоупотреби со АКМИС-системот.  Нејзиниот претходник Владимир Панчевски беше осуден на 3.5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, беше обвинет дека рачно доделувал предмети кај подобни судии. На ваков начин, според обвинението, распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаи на Специјалното јавно обвинителство.

-повеќе на темата: Маричиќ за ДВ: Времето на „наши“, „ваши“ и „недопирливи“ е завршено!

Михајлова беше позната и по тоа што постапуваше во случајот за „Насилството во Центар“ на СЈО, каде што меѓу обвинетите беа Никола Груевски и Миле Јанакиески, предмет за кој тогаш одлучи дека „бомбите“ не може да се користат како доказ. Михајлова е трета судијка која е разрешена по новата методологија за прочистување на судството. За судијката од Охрид, Весна Кичеец од Охрид и за уште еден судија којшто е во пензија, неодамна беше  утврдено дека работеле нестручно и несовесно. 

Постапки за 107 судии
 

Во текот на 2020 година, како што информираше Здравев, имало постапки за 107 судии. „Некои се однесуваат на 2-3 судии, а некои поединечни судии. Меѓутоа, постојат барања за утврдување одговорност, поднесени и покрената постапка пред Судски совет, за околу 107 судии“, вели Здравев. Има и барања за утврдување одговорност на двајца судии во врска со случајот што го откри обвинителката Вилма Русковска, со кој е оштетен државниот буџет за 20 милиони денари. Судскиот совет ќе ги испитува сомнежите дали судиите воделе сметки за предметите кои биле во нивна надлежност.

-повеќе на темата: Монтираните судски процеси на „систематски преглед“

Русковска пред неколку дена објави случај дека во фиоката на некој курир кој починал, биле откриени преку 1 500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни кои не биле доставени. „Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно, за одредена мала парична награда, службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам да го прави ова. Обично тоа е заеднички потфат и затоа мора да се реформираме“, изјави тогаш министерот за правда Бојан Маричиќ, коментирајќи ја изјавата на обвинителката Вилма Русковска, која откри случај со недоставување платни налози.