Заврши обдукцијата, идентификувани загинатите во пожарот
10 септември 2021Заврши обдукцијата на 15 тела донесени од болницата во Тетово, по пожарот којшто завчера ја пеплоса модуларната болница во којашто се лекуваат заболени од Ковид-19. „Со помош на ДНК анализи идентификувани се телата на 14-мина коишто настрадаа во пожарот, а извршена е обдукција и на помлада пациентка, чие што тело дополнително е донесено во Институтот за судска медицина“, вели првиот човек на Институтот за судска медицина, Александар Станков за ДВ.
Во текот на денот се очекува телата да им бидат предадени на семејствата на починатите.
Станков вели дека обдукцијата поминала со примена на најпрофесионалните стандарди, и со посебни ковид протоколи и заштита, поради специфичните околности во кои се работи за време на пандемијата. Тој не изнесува детали во однос на тоа во каква состојба биле донесени телата на починатите, но вели дека при обдукцијата тимот лекари не се соочиле со проблеми за нивна идентификација.
„Најспецифично за време на обдукцијата беше тоа што станува збор за болни од Ковид-19, за коишто мора да се применуваат посебни протоколи и мерки за заштита. Но, ние во такви околности работиме веќе две години“, додава Станков.
Истрагата продолжува
Идентификацијата на телата е извршена со помош на роднините на починатите, МВР и Одделот за потраги. „Сите функциониравме како еден тим“, вели Станков.
Медиумите повикувајќи се на сведоштва од роднини објавија дека, наводно, пред да се случи трагедијата лекарите се обидувале да реанимираат помлада пациентка заболена од Ковид-19.
Во тек е истрага за причините за несреќата во која загинаа 14 лица, а 12 се повредени. Тим на странски експерти наредниве денови треба да се вклучи во истрагата за да се утврди како настанал пожарот во ковид-болницата. Во меѓувреме и обвинителката за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска побара да и биде предадена сета документација околу изградбата на модуларните болници, во коишто се лекуваат пациентите болни од Ковид-19.