Завршница во Сирија?
9 февруари 2016Сѐ наликува на завршница во Сирија. Башар ал-Асад повторно добива предност, со руска помош, со голема руска поддршка од воздух. И, веројатно, со масивна логистичка и техничка поддршка за сириската армија на копно. Борбите околу Алеп добиваат карактер на завршна битка. Ако трупите на Асад го повратат во свои раце градот, сирискиот деспот би добил повеќе од една битка. Тој повторно би станал семоќен фактор во запалената и распадната Сирија. Но, на граѓаните и натаму би им преостанало само бегство, прилагодување или смрт.
Од друга страна, Сирија сега е речиси само географски вештачки поим. Мозаик од региони, места, села, предели, по некој град, во кои понекогаш владее сириската влада, понекогаш различни опозициони сили, а понекогаш убиствените банди на Ал-Нусра фронтот и на т.н. Исламска држава (ИД). Луѓето, граѓаните на Сирија, во оваа крвава граѓанска војна имаат само една улога - тие се жртви. Нивниот живот не се брои.
Русија - на страната на Асад
Асад се врати благодарение на Русите. Тие го искористија вакуумот во моќта. Путин се вклучи решително. Една од целите гласи: Асад треба да остане на власт. Нејзе Кремљ во моментов ѝ ги има подредено сите останати цели. Оттука оваа ригорозна воена решителност, без какво и да е колебање. Втората цел гласи: стабилност во регионот, ако треба и преку автократија. Никој веќе не зборува за арапска пролет, или пак за убавата идеја за арапска демократија. Тој сон е ставен настрана како илузија. Меѓутоа, никој не може да одговори на прашањето дали уништената Сирија може воопшто да биде некаков фактор на стабилност, дури и во најширока смисла на зборот.
Целиот Запад, но пред сѐ САД, значи Барак Обама, набљудуваат беспомошно, а пред сѐ - без да преземат што било. Тие знаат дека воена акција нема да донесе ништо и дека постои ризик од уште пострашна ескалација во која би биле вклучени уште повеќе страни. На чија страна да се борат воопшто западни трупи?
Беспомошноста на Западот
Затоа политичарите решително се залагаат за мировните разговори во Женева, иако тие треба да продолжат дури на крајот на февруари. Западот се надева дека таму ќе биде постигнато решение на преговарачка маса, додека во истовреме во Сирија се создаваат факти на терен. Клучното прашање гласи: кој би требало да владее во Сирија по договорот за мир кој би се постигнал со преговори? Опозицијата која зад себе нема никого? Асад кој е поддржан од бајонетите на Русите? Или, да кажеме отворено - исламистичките џихадисти? И дали воопшто постои онаа Сирија од пред 2011 година? Беспомошноста на Западот го создаде вакуумот во власта, во кој терористичките милиции и Путин и Асад воопшто добија можност да толчат.
Останува војната преку посредници и со тоа двете регионални сили: Саудиска Арабија и Иран. Во Ријад се препознаа знаците на времето. Со колеблива, речиси плашлива воздржаност, не се оди напред. САД ќе ѝ даваат само условно поддршка на кралската куќа. Значи, потребно е потпирање врз сопствените сили, па Саудиска Арабија во меѓувреме нуди дури и копнени сили против ИД. Една речиси револуционерна промена на свеста, родена од стравот од можен крај. Вистинскиот победник од оваа убиствена игра на моќ меѓутоа се вика Иран. Зашто Иран преку сириската војна и по неа ќе стане регионална сила која ќе владее на Блискиот Исток. Ерусалим е веќе загрижен поради тоа. Завршницата во Сирија почна.