Запад ги отпиша, на Исток не се враќаат
10 март 2016Ни напред, ни назад. Ваква е состојбата на бегалците кои во моментов се наоѓаат во меѓугранични зони, транзитни центри или во кампови на т.н. западнобалканска рута. Договорот меѓу ЕУ и Турција постигнат на 7-ми март, кој треба да се допрецизира во наредните денови до самитот на 17-18 март, ја зголемува неизвесноста на бегалската драма.
Македонскиот Управувачки комитет, владино тело за координација и управување со кризи, со кое претседава министерот за здравство, Никола Тодоров, а во кое се вклучени претставници на министерствата за внатрешни работи, за одбрана, за транспорт и Центарот за управување со кризи, синоќа требаше да ги прецизира натамошните чекори, особено во однос на бегалците кои во моментов се наоѓаат на македонска територија. До утрово нема информација дали и какви одлуки донел Управувачкиот комитет, освен неофицијални информации дека мигрантите кои се затекнале на македонска териоторија ќе останаат во земјата, додека да стигнат инструкции од европските партнери. Во отсуство на конкретни инструкции и Белград се огласи со непрецизна информација.
„По затворањето на Балканската рута, кон мигрантите кои се затекнати на наша територија ќе се однесуваме одговорно и во согласност со меѓународното јавно и хумано право, но ќе ги штитиме и своите национални интереси“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ, додавајќи дека Србија се однесува во согласност со она што на терен го прават Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, и дека така ќе се однесува и во иднина.
Вртење во круг
Но, теренот во моментов рефлектира загрижувачка слика. Од завчера македонската јужна граница целосно е затворена за прием на мигранти од Грција кои чекаат кај Идомени, бидејќи и Србија веќе не пропушта мигранти од Македонија. Тоа е во согласност со претходната одлука на Управувачкиот комитет, според која, колку мигранти ќе излезат од Република Македонија толку ќе бидат и примени на јужната граница. Во моментов околу 450 бегалци од Сирија и Ирак се заглавени во меѓуграничната зона меѓу Македонија и Србија, а во Транзитниот центар во Табановце за излез чекаат уште 1.050 бегалци. За разлика од северниот, јужниот транзитен центар „Винојуг“ е речиси празен. Бегалците кои пред три дена тргнаа кон север беа последната тура што замина од центарот. Стотина Ирачани коишто останаа таму веќе биле вратени на грчка територија, па во центарот сега има само десетина бегалци. Најголемата турканица и натаму е во кампот во Идомени во кој има околу 13.000 бегалци. Поради интензивните врнежи во последните денови тој е претворен во плитко езеро, каде шаторите пропаѓаат во кал и фекалии. Поради лошите услови, неколку групи Иранци и Авганистанци вчера прифатија со автобуси да бидат вратени во Атина. Бегалците од Сирија го одбиваат тоа, со надеж дека ќе добијат можност да го продолжат патот на север.
„Мојот сопруг од пред два месеци е во Германија. Јас и детето требаше да требаше да му се придружиме. Не се враќаме назад. Поминавме долг и тежок пат за да се спои семејството. Ако не ни дозволат, нашата трагедија ќе биде двојна. Ем ни е загрозен животот, ем ќе бидеме разделени како семејства. Има многу судбини како нашата“, се пожали пред камерите 25-годишна Сиријка.
А бранот бегалци кои стигнува во Грција и натаму е со несмален интензитет. Само вчера во пристаништето во Пиреја и на островот Лезбос пристигнале над 2.300 мигранти. И додека едни од северна Грција (Идомени) се враќаат кон Атина, други од јужна Грција тргнуваат кон север.
„Се вртиме во круг. Има уште седум дена до конечениот договор за решавање на проблемите со бегалците, но се плашам дека состојбата дотогаш многу ќе се влоши. Еден ден во политички кабинет и еден ден во камп, не е исто. Тоа најдобро го знаат бегалците, но и ние кои секојдневно се обидуваме да им помогнеме“, вели активист од хуманитарна организација во кампот во Идомени.
„Овде состојбата е загрижувачка. Каде ќе се сместат оние кои ќе бидат враќани од север? Никој не размислува за тоа“, вели хуманитарецот.
Да ѝ се помогне на Македонија
А најави за враќање веќе има. Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Влахо Орепиќ, изјави дека во бегалскиот камп во Славонски Брод престојуваат 408 лица и дека е во тек постапка за нивно враќање во Грција. Во Србија откако е затворена балканска рута останале 1.638 бегалци. Портпаролот на српскиот Комесаријат за бегалци и миграција, Иван Мишковиќ, смета дека дел од нив ќе почнат процедура за азил со цел на легален начин да останат во Србија, а други со реадмисија ќе бидат вратени во Македонија или Бугарија, зависно од тоа од која земја влегле во Србија.
Безбедносни експерти предупредуваат дека враќањето на бегалците од север кон југ може да ја стави Македонија во ситуација да не може да ги прифати сите до нивното проследување во земјите од каде влегле на нејзина територија, со оглед на лимитираниот капацитет за транзитен престој на максимум 2.000 бегалци. Во тој контекст, координаторката на УНХЦР за јужната граница на Македонија, Барбара Клози во изјава за Танјуг предупреди дека прифатниот центар во Табановце нема капацитет да прими повеќе од 1.000 бегалци.
Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ вчера најави дека хрватските власти се во постојан контакт со властите во БиХ, Србија и Македонија, додавајќи дека Хрватска и ЕУ ќе продолжат да ѝ даваат поддршка на Македонија на нејзините граници.
„Треба да им се пружи помош и на Македонија и на Грција. Затворањето на Балканската рута е порака дека со помош на Турција и ЕУ во Македонија ќе се намали бројот на бегалци, а времето ќе ги покаже резултатите“, изјави Орешковиќ.
Во рацете на криумчарите
Но, факторот време до активирање на конкретните мерки засега носи најмногу неизвесности, а пред сѐ опасности. Според безбедносни експерти, неопходна е што побрза примена на договорот меѓу Турција и ЕУ, бидејќи бројот на мигранти во Грција расте, а во сегашната „недефинирана“ ситуација тие се директно втурнати во рацете на криумчарите. За најфрагилна ја оценуваат состојбата во кампот Идомени и на грчко-македонската граница - и од хуманитарен и од безбедносен аспект.
Според сознанијата на безбедносните служби во регионот, драматично расте опасноста од криумчарење мигранти, кои плаќаат по 1.000 евра за транзит преку илегални канали. Заради заштита од илегални преминувања, унгарскиот министер за внатрешни работи, Шандор Пинтер, соопшти дека Унгарија дополнително ќе го засили воениот и полициски надзор на јужната граница, ќе прогласи кризна состојба во целата земја, а можно е и подигнување ограда на границата со Романија, каква што веќе има кон Србија и Хрватска. Во изминатите недели во просек по 100 лица илегално влегле во Унгарија на нејзината јужна граница.
И Хрватска презема превентивни мерки поради стравување од можноста дека ќе се формира „алтернативна рута“ и хрватскиот остров Корчула може да стане реплика на островот Лампедуза, каде интензивно стигнуваа бегалски бродови. Мерки за заштита презема и Бугарија, која од Велика Британија ќе добие 40 теренски автомобили од марка „ленд ровер“, кои ќе бидат користени за контрола на границите со Турција и Србија.
Засега не се знае со какви мерки Македонија ќе го „премости“ периодот до финалниот договор меѓу ЕУ и Турција.