Загрозен новиот почеток во односите меѓу Србија и Албанија
19 октомври 2014По речиси 70 години, Еди Рама како прв албански премиер в среда треба да ја посети Србија. Но, неколку дена по српско-албанскиот фудбалски скандал, тоа во никој случај веќе не е сигурно.
„Само јас решавам за тоа“, вели српскиот премиер Александар Вучиќ. А тој уште не ја донел одлуката. Значи, се‘ останува отворено, иако неговиот албански колега од Тирана, и покрај политичката размена на удари, останува на планот за својата посета. Прекинoт на квалификацискиот натпревар за европското фудбалско првенство меѓу двете земји во Белград по тепачката на играчите и гледачите е само завршна точка на долгата историја на затруени односи. Таа почна веднаш по независноста на Албанија во 1912 година, кога српските трупи окупираа дел од новата држава. Во Балканските војни што следуваа, целта на Србија беше излез на Јадранско Море преку албанска територија. Притоа, дојде до тешки воени злосторства над Албанците. Тогаш, како и денес, Србите тврдат дека албанската нација е цивилизациски заостаната. Наспроти тоа, Албанците се сметаат за потомци на илирските староседелци со многу постари права отколку Словените, дојдени и доселени во 6. век. И по Втората светска војна соседите тргнаа по различен пат. Албанија со презир ја отфрли понудата на партизанскиот водач Јосип Броз Тито да пристапи кон Балканска федерација. Во Југославија, со Србија како јадро, по разијдувањето со советскиот диктатор Сталин настана еден вид „гулаш-комунизам“-блага форма на комунизам со широка слобода на патување и скромна благосостојба.
Албанија, во тесна соработка со Сталин, а потоа со Кина, разви ултраортодоксна форма на комунизам. Тирана како прва земја во светот ги забрани сите религии.
Конфликтот драматично се заостри по смртта на Тито во 1980 година и подемот на српскиот автократ Слободан Милошевиќ. Зашто, Милошевиќ, прво со политичко, потоа со полициско, и конечно со воено насилство се обиде да го србизира Косово, мнозински населено со Албанци. На крајот, според проценките, беа протерани околу 800.000 Албанци. Најголемиот дел од нив најдоа засолниште во соседната Албанија. Дури бомбите на НАТО го запреа Милошевиќ и во 2008 година доведоа до независност на Косово. Оттогаш, обединувањето на сите Албанци на Балканскиот Полуостров е хорор-претстава за секој Србин. Албанците во одделните држави во регионот притоа се убедливо помалубројни отколку седумте милиони Срби. Но, ако се обединат, би биле шест милиони и би можеле да им се спротистават на Србите како најброен народ на Западен Балкан.
Но, САД и ЕУ сакаат да го спречат тоа. Зашто, вакво обединување би ја загрозило егзистенцијата на Македонија и на Црна Гора. Тоа би претставувал исто така и пример за други. Така, над еден милион босански Срби што поскоро би сакале да се спојат со матицата Србија. На фудбалскиот скандал во вторникот во Белград тепачката ја предизвика географска карта на „Голема Албанија“, која на стадионот ја донесе еден дрон. Историските ровови ни оддалеку не се уште засипани.