Зад црвените светла на Skopje Light District
17 декември 2020Наместо со традиционалниот Марш на црвените чадори, сексуалните работнички годинава одлучија Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници да го одбележат со перформанс во Универзалната сала.
Нашата камера ги следеше додека се подготвуваа за настапот. Во станот се чувствуваше возбуда меѓу трите девојки и двете трансродови лица, дури и блага паника околу тоа како ќе изгледа настапот.
Тие бараат легализација, односно декриминализација на нивната работа, а со перформансот сакаат да ја зголемат и јавната свест за проблемите со кои се соочуваат.
„Сексуалната работа треба да се декриминализира, да постојат бордели. со тоа би се намалило насилството и стигмата кон сексуалните работници“, вели Лора (името е променето) додека се подготвува за настапот.
Лора е трансродово лице, и вели дека клиентите најчесто ја препознаваат според тетоважите. Во екот на пандемијата со коронавирусот, сексуалните работници се соочуваат со бројни проблеми. Работата им е редуцирана, а сиромаштијата чука на врата. Државата ги одби и не планира да им даде било каква поддршка.
Честопати се изложени и на насилство, како физичко, така и психичко.
„Не третираат нелегално. Различно се однесуваат кон оние девојки кои работат на улица, и различно кон оние кои работат во станови. Сум била изложена на психичко насилство. Дури и полицајци доаѓале кај мене и се обидувале со значки да добијат бесплатни услуги", вели Лора.
Нејзината колешка Маја смета дека решението е во отворање на улица на „црвените фенери“, слично како во холандскиот Амстердам.
„Не сум имала лошо искуство, но многу зависи од тоа како ќе се поставиш кон клиентот. Ни треба „Ред лајт дистрикт", на тој начин ќе се промени табуто кон сексуалноста“, вели Маја.
Потоа заедно со нејзините четири колеги се упати кон излогот на Универзалната сала, каде веќе ги очекуваа десетици љубопитни граѓани.