1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Задолжителен Ковид-тест за влез во Германија?

ЖА / агенции
27 јули 2021

Поради растот на инциденцата, германската влада планира заострување на правилата за тестирање за сите патници. Во земјата не би можел да влезе никој кој не е вакциниран, има прележано Ковид-19 или покаже негативен тест.

https://p.dw.com/p/3y8xg
Deutschland I Beginn der Sommerferien Berlin
Фотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Меѓу членовите на германската влада се шири стравот од нов пандемиски бран. Откако портпаролката на владата Улрике Демер изјави дека се размислува околу воведување нови мерки доколку инциденцата продолжи да расте со сегашната брзина, сега и министерот за здравство Јенс Шпан најави заострување на правилата за влез во земјата за повратниците од годишен одмор и патниците.

Тестирање за сите невакцинирани

Шпан планира сите кои не се целосно вакцинирани или прележале коронавирус, при влез во Германија да мора да покажат потврда за негативен тест за коронавирус. Засега правилото важи само за оние кои во Германија доаѓаат со авион, но во иднина тоа би се однесувало на сите, и оние кои стигнуваат по копнен пат, и тоа без оглед дали подрачјето каде престојувале или од каде доаѓаат се смета за ризично или не.

Шпан порано во повеќе наврати токму повратниците од одмор во југоисточна Европа ги обвини за ширење на заразата. Моментно ниедна земја од ова подрачје не се смета за ризична поради коронавирус.

Страв од раст на инциденцата

Според информации од владини кругови, во тек е координација меѓу министерствата за воведување на овие мерки. Наводно, на воведување задолжителен негативен тест се противи единствено министерката за правда, Кристине Ламбрехт од СПД, која задолжителниот тест го смета за несразмерна мерка имајќи ја предвид сегашната епидемиолошка ситуација во земјата и сѐуште релативно ниската инциденца, споредено со првиот квартал од годината. Таа истовремено на угостителите во Германија им препорачува отворање на рестораните само за оние кои се комплетно вакцинирани, што Здружението на германски угостители Дехога веќе го отфрли.

-повеќе:

Коронавирус: Навала во центрите за тестирање

Германија ги отвора границите за целосно вакцинирани од 25 јуни

Германија (засега) ќе ги признава само вакцините одобрени во ЕУ

Моментната инциденца во Германија е 14, релативно ниска, но таа, според зборовите на владината портпаролка Демер, расте со молскавична брзина: во рок од една недела се зголеми за 75 %. До само пред една недела во најголем дел од земјата вредноста на инциденцата се движеше меѓу нула и пет. Во некои сојузни покраини, како најнаселената Северна Рајна Вестфалија, повторно се воведуваат построги мерки, како ограничување на бројот на муштерии во продавниците, повторно правила за носење маски во ресторан, а по само пет дена наново е забранета и работата на ноќни клубови и дискотеки. Во мнозинството градови, како Хамбург и Берлин, инциденцата веќе порасна на преку 25. 

Во авион за Германија само со негативен ковид-тест

Тестирање и за вакцинираните

Токму затоа некои од познатите германски виролози ја поздравија иницијативата на министерот Шпан за задолжително тестирање на сите патници кои влегуваат во земјата. Франкфуртскиот виролог Мартин Штирмер во разговор за јавниот сервис ЦДФ изјави дека патниците кои доаѓаат од странство го зголемуваат бројот на инфицирани во Германија.

Тој ја смета за неодговорна праксата според која дури и оние кои доаѓаат од подрачја со висок ризик, не се задолжени да се тестираат. Но, Штирмер обврската за тестирање по враќање од високоризични области би ја вовел и за оние кои се вакцинирани, поради фактот што е докажано дека и вакцинираните можат да се заразат со Делта варијантата на коронавирус.

Германија пред неколку дена ја прогласи Шпанија, најпопуларното туристичко одредиште на Германците, за подрачје од висок ризик.

Франфкфуртскиот виролог Штирмер е скептичен во однос на спречувањето нов бран на пандемијата. „Порастот на бројот на новоинфицирани доаѓа многу порано од очекуваното“, вели тој.

Според информациите на Институтот Роберт Кох, досега речиси 61% од германското население примило најмалку една доза вакцина против коронавирус, 49,4 % имаат комплетна заштита. Така наречениот имунитет на стадо би се постигнал според проценките на Институтот доколку се вакцинираат преку 80 % од граѓаните