1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задоцнето признание

Феликс Штајнер/превод:БГ22 април 2015

Еден 93-годишник е на судење за злосторства сторени пред повеќе од 70 години. Аушвиц е симбол на злото, и ова судење има големо симболичко значење, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/1FCAB
Фотографија: Getty Images/A. Tamme

„Книговодителот од Аушвиц“- така германските медиуми го нарекуваат Оскар Гренинг. Не дека е значајно, но ова име е глупост. Доколку Гренинг навистина беше книговодител во Аушвиц, можеби дури и ќе му бевме благодарни на некој начин. Затоа што токму преку прецизноста на книговодителите во Аушвиц денес ги знаеме вистинските размери на масовното убиство на европските Евреи.

Веројатно повеќе би одговарало името „портирот од Аушвиц“- затоа што една од задачите на Гренинг била да го расчистува багажот на оние кои биле директно водени кон гасните комори по пристигнувањето во Аушвиц.

Малкумина се соочија со правдата

Подофицерот Гренинг стигна до чинот наредник во убиствената машина на Аушвиц. Колку што знаеме, тој не бил директно инволвиран во убиствата. Нема такво тврдење во обвинението на 85 страници. Но Гренинг бил офицер на СС во Аушвиц, како и 7 илјади други Германци, од кои на само околу 100 им беше судено. Гренинг не го криеше своето минато. Тој сведочеше во случајот против еден убиец од Аушвиц. Пред повеќе години, даде детални интервјуа за времето минато во логорот. Тој ниту бегаше, ниту се криеше, и речиси 70 години водеше нормален живот во Германија.
Зошто тогаш сега му се суди на 93-годишникот за убиствата? Одговорот повеќе говори за германското правосудство по 1945 година, отколку за сторителите на злосторствата. Со децении, единствените на кои им беше судено беа оние за кои можеше да се докаже директно учество во убиствата. И Гренинг беше под истрага подолго време, но обвинението беше отфрлено пред 30 години.

Дури во 2011 година, со судењето на чуварот на СС, Џон Демјанук од логорот Собибор, мислењата на германските судии се сменија. По таа пресуда, секој кој бил вработен во логорите може да биде обвинет за соучесништво во убиство, дури и ако бил само готвач. Но денес, само малкумина од нив се меѓу живите, а оние што останаа имаат над 90 години.

Симболика пред супстанца

Оттука, во овој момент судењето е повеќе симболично. Прво за самото германско судство: со пресуда против Гренинг, новата генерација судии може да се оттргне од дубиозните традиции на нивните претходници. Дури и доколку навистина Гренинг со децении страда од кошмари, како што вели, поради она што го доживеал, едно отворено признание, прифаќање на вината, сигнал на покајување и барање прошка би можело да му помогне.

За разлика од другите обвинети во поодминати години, тој не се криеше зад проблемите со здравјето за да го избегне судењето, и го стори тоа уште на првиот ден од судењето. За тоа заслужува признание. Може само да се надеваме дека неговата порака ќе биде широко пренесена, особено до оние кои се уште го сметаат Хитлер за голем Германец.

И конечно, ова задоцнето судење е важно и за остарените преживеани од Аушвиц: дел од нив дојдоа од сите страни на светот во Линебург за да сведочат, веројатно за последен пат, за она што им било сторено. И да ја искажат својата болка која не минува ни по 70 години.

Во светло на сето ова, пресудата која треба да биде донесена овој месец има, речиси, второстепено значење. Моралната пресуда за злосторниците и поддржувачите на геноцидот уште одамна е донесена.

Доколку Оскар Гренинг биде осуден, малку е веројатно дека ќе треба да издржува затворска казна, со оглед на одминатите години. Правниот систем денес во Германија, за разлика од оној во националсоцијализамот, е многу милостив.