1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев го доби мандатот од Иванов

ЖА
17 мај 2017

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска напладне му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако пречките за тоа, како што рече, биле отстранети.

https://p.dw.com/p/2d5mj
Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Ѓорге Иванов денеска напладне му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ.

„Пречките за доделување на мандатот се отстранети. Коалицијата на СДСМ која има мнозинство, го предложи Зоран Заев за мандатар“, изјави пред новинарите Иванов и потоа официјално му го врачи мандатот на Заев.

Зоран Заев изјави дека до кабинетот на македонскиот претседател било испратено писмо во форма на гаранција.

„Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, мултиетничноста и уставниот поредок во државата, како и зачувување на државните интереси. Гарантираме дека процесот на носење на одлуки за граѓаните ќе биде во согласност со владеење на правото, не доведувајќи ја во потчинетост Македонија од страна на друга држава. Ниту еден документ, декларација, платформа, нема да бидат услов и основа за дејствување на владата на Македонија“,  рече Заев, добивајќи го мандатот.

Уставниот рок за доделување на мандатот на Иванов му истекуваше на 19 мај, откако на 9 мај годинава, новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери со писмо го информираше претседателот на државата дека е формирано ново парламентарно мнозинство и побара од него да го додели мандатот за формирање влада.

Иванов, претходно, во неколку наврати бараше од новото парламентарно мнозинство „гаранции за зачувување на унитарниот карактер на државата".