1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Жртва на измама од која треба да се извлечат поуки

СН/агенции
9 јули 2019

Македонскиот премиер порача дека нема намера да поднесе оставка по објавените разговори со руските комичари кои му се претставиле како украинскиот претседател Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

https://p.dw.com/p/3LnG5
NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Zenkovich

По објавувањето на снимката во која двајца руски комичари - „пренкстери“, познати под прекарите Вован и Лексус, му направија телефонска измама на македонскиот премиер Зоран Заев, тој одржа прес-конференција на која истакна дека бил жртва на добро организирани структури чија цел е нанесување на директна штета на стратегиските интереси на државата за членство во НАТО. Заев посочи дека манипулациите доаѓале од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентација за ширење на влијание на трети страни.

„Тие се служат со дезинформации и станува збор за класична политичка дискредитација“, порача македонскиот премиер, наведувајќи дека не е единствениот политичар кого го измамиле руските комичари  Вован (Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столјаров), туку дека „нивни жртви“ се и на пример генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, поп-легендата Елтон Џон и.т.н. „Листата покажува дека сум во добро друштво“, рече Заев, кој истакна и дека во објавената снимка се направени сериозни интервенции во некои делови чиј контекст не е автентичен, упатувајќи притоа во прв ред на делот кој се однесува на автокефалноста на Македонската Православна Црква. Останатите делови од објавените разговори, како што рече, само ги потврдуваат неговите определби кои јавно ги истакнува.

Според Заев, овој скандал е најнов аларм како за Северна Македонија, така и за сиот демократски свет сериозно да им се спротивстави на лажните вести и на манипулациите. Тој најави дека владата итно ќе заседава за да разгледа сериозни промени во протоколите за безбедна комуникација и за преземање решителна акција против ширењето на дезинформации.

Премиерот ѝ се извини на јавноста поради скандалот, но уште истакна дека е жртва на својата отвореност со сите македонски партнери и со граѓаните и порача дека нема намера да поднесе оставка, оти од овој случај државата ќе излезе попаметна. Одговарајќи на новинарски прашања по обраќањето, македонскиот премиер не се согласи со констатацијата дека е направена сероиозна грешка во протоколот, а ги негираше и обвинувањата дека во разговорите издавал и државни тајни.

Vladimir Kuznetsov und Aleksey Stolyarov YouTube Stars aus Russland
Фотографија: Imago Images/Russian Look/Interpress

Ноќеска познатите руски „пренкстери“ објавија снимка во која во име на поранешниот претседател Петро Порошенки разговараат со Заев. Во еден од трите разговори во име на Порошенко, комичарите раскажуваат дека украински научници ја „откриле“ неговата генетска врска со Александар Македонски. „Нашите научници ја открија мојата генетска врска со него, затоа сега можам да се викам Петро Македонски“, рекоа „пренкстерите“ во еден од разговорите во име на Порошенко. „Како што е познато, нашите научници направија низа историски откритија. Како што ви е познато, Украинците се древни сумери... Нашата теорија во еден период дури беше под власт на Александар“, додал лажниот Порошенко. Како одговор, премиерот Заев, наводно, рекол оти „читал за тоа“ и порачал дека историјата „може да нѐ обедини“.

Руските „пренкстери“ го посоветуваа Заев да му даде „мала донација“ на Вселенскиот патријарх Валторомеј за независност на македонската црква. Заев наводно му соопштил на лажниот Порошенко дека е подготвен да му плати на патријархот Валторомеј 100.000 евра во кеш, тврди Вован. „Пренкстерите“ во име на Порошенко му соопштиле на Заев дека Македонија има „одлични шанси“ и оти „може да започне процес“ за добивање на автокефалност.

Наводно Вартоломеј се согласил со тоа. „Меѓутоа, морам да ви соопштам еден услов во мојот случај. Јас му уплатив пари лично на Вартоломеј“, му рекле на Заев Русите кои се занимаваат со местење измами.

Наведено е дека „овој услов, меѓу останатото, исто така, може да помогне“. При што се предлага „сума со попуст“. Јас платив над 150.000 евра“, соопштил „Порошенко“. Заев на тоа одговорил, дека тоа е „одлично, и оти нема да има проблеми“.

Russland Vladimir 'Vovan' Krasnov und Alexei 'Lexus' Stolyarov
Фотографија: picture-alliance/EPA/Y. Kochetkov

Заев со двајцата руски комичари освен тоа разговара за надворешнополитички теми: Преспанскиот договор, односите со Русија, ЕУ, НАТО и.т.н.. Во еден од разговорите со македонскиот премиер Вован и Лексус го вклучуваат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Во реакциите во македонската јавност, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски истакна дека разговорот на Заев со комичарите претставува сериозен дипломатски скандал, со кој ѝ е нанесена штета на државата. Милошоски притоа, поради прекршувањето на дипломатскиот протокол, побара оставка од премиерот, но и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.