Заев и Ципрас остануваат верни на Договорот од Преспа
18 октомври 2018Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, потврдија дека остануваат на убедувањето за имплементација на Договорот од Преспа за решавањето на спорот околу името Македонија, изјави денеска портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос.
Како што пренесоа македонските медиуми, премиерите разговарале телефонски еден ден по оставката на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој ги водеше преговорите за решавање на спорот околу името и важи за архитект на Договорот од Преспа.
Повеќе на темата:
-Македонија на крстопат што ќе и ја одреди судбината
-Оставката на Коѕијас и политичкиот цинизам на Ципрас
-Во Брисел преговори со НАТО, во Скопје пребројување на мнозинството
„Се согласија и повторија дека двајцата работат за Балканот во 21 век и за примена и стапување на сила на Договорот од Преспа“, изјави Ѕанакопулос.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров му порача на Коѕијас оти „ќе ја продолжи работата да се заокружи историското решение (Договорот од Преспа), заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и во Атина“.
„Предводени од премиерите Ципрас и Заев... успеавме да направиме нешто што во претходните 27 години се сметаше за невозможно- ги приближивме нашите две земји и го направивме историскиот Договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажавме дека регионот може да решава спорови и да создава иднина“, му порача Димитров на Коцијас.