Заев: Не размислувам за оставка
16 септември 2021Премиерот Зоран Заев не размислува да даде оставка поради морални причини по трагедијата во Тетово, кога во пожар во ковид-центарот животот го загубија 14 лица.
„За што, Мицкоски да дојде премиер да биде?! Не, не размислував. Затоа што Мицкоски ќе биде премиер или заменик премиер претседателот на Алијанса, Зијадин Села, кога ќе заслужат. Кога ќе имаат емпатија со народот. Кога ќе бидат тука да помогнат, кога ќе дадат идеи. А не вака грозотијата да ја користат на најлош начин. Кога е во длабока болка и црнина целата наша држава и народ. И тоа за трите дена жалост, без да мислат за чувствата на децата, на родителите и на сите нас“, изјави Заев по посетата на новата фабрика за кабли во Сарај.
Изјавата следи како реакција на ставот на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој вчера во гостување на ТВ 21 рече дека трагедијата во Тетово е доволна причина за оставка и на премиерот Заев. Ваквите барања, Заев ги оценува како политикантство, желба за власт и за победа на изборите.
Што се однесува до понудените оставки за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, од страна на министерот за здраство, Венко Филипче и заменикот министер, Илир Хасани, премиерот вели дека ќе ги причека форензичките извештаи.
„Трагедијата нѐ погоди сите и ќе ја памтиме цел живот. Изгубивме животи. Да ги причекаме форензичите извештаи“, вели Заев. Тој рече дека сите покажале чувство на одговорност, доаѓајќи веднаш на местото на несреќата за да помогнат некако. Злоупотребувањето на болката низ која минува цел народ, според него, е чисто политиканство.