1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заземени уште неколку административни згради во источна Украина

СН/жа/афп/миа/дпа/ртр12 април 2014

Ситуацијата во источна Украина се заострува откако проруските демонстранти окупираа уште неколку административни згради. Киев ја повика Москва да ги запре „провокативните акции на нејзините агенти“ во источна Украина.

https://p.dw.com/p/1Bh1M
Фотографија: Reuters

Вооружени проруски активисти со дрвени палки успеале да влезат во зградата на полициската служба во украинскиот град Доњецк. Околу 200 демонстранти не наишле на никаков отпор при нападот. Неколку десетици припадници на безбедносните сили се испратени да ја штитат зградата. Во градот Красниј Лиман, во Доњецката област, непознати лица исто така ја окупираа зградата на регионалната полиција. Според медиумите, околу 20 лица влегле во зградата. Претходно денеска вакви окупации започнаа и во градот Славјанск.

Началникот на Безбедносната служба на Украина во Доњецката област бил отстранет од должноста, откако било соопштено дека припадници на оваа служба одбиле да заминат во Славјанск и да им се спротивстават на напаѓачите на административните згради.

Демонстрантите, кои ги зазедоа административните згради во Славјанск, започнаа низ улиците на градот да поставуваат барикади од гуми, вреќи со песок и дрвени штици.

Тие се одлучиле на ваков потег, откако претходно украинскиот министер за внатрешни работи Арсени Аваков предупреди дека ќе биде жестоко возвратено поради ваквите активности.

Околу 20 мажи со автоматски пушки и пиштоли го чуваат влезот на полициската зграда во Славјанск, град со 20.000 жители, а се претпоставува дека други 20 вооружени и маскирани лица се внатре во објектот. Проруските активисти, кои ја зезедоа зградата како што јавуваат светските новински агенции повикувајќи се на украинското Министерство за внатрешни работи, украле најмалку 400 пиштоли „Макаров“, 20 автоматски пушки, како и муниција. Нивната цел била да се снабдат со оружје. Тие им го делат оружјето на учесниците во протестот кој се одржува пред зградата на полицијата во Славјанск, се објаснува во соопштението.

Новинар на агенцијата Ројтерс, пак, кој бил присутен на самото место, изјави дека не забележал напаѓачите да им делат оружје на демонстрантите

Голем број жители на Славјанск им се придружуваат на демонстрантите и засега на митингот има неколку илјади учесници. Тие бараат одржување на референдум за присоединување кон Русија.

Украинскиот министер за надворешни работи денеска ја повика Русија да ги запре, како што ги нарече, провокативните акции на нејзините агенти во источна Украина. Министерот Андри Дешчица телефонски разговарал за актуелната ситуација со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Русија демантира дека им дава поддршка на проруските демонстранти кои заземаат административни згради во источниот дел на Украина.