Закажано, па одложено објавувањето на Извештајот
5 ноември 2015Владата и партиите потписнички на Договорот од 2 јуни/15 јули се очекуваше денеска попладне да го добијат Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, тврдеа партиски извори, повикувајќи се на закажани средби по тој повод со амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав. Од Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера не ја потврдија ваквата информација. Партиски извори, пак, тврдеа дека токму поради најавата дека ќе го добијат Извештајот, денешниот ден го сметаа како клучен за да се постигне решение и дека „им остануваат неколку часа за договор“. Најновите информации велат дека наводно Извештајот ќе биде доставен во вторник.
Иако на вчерашните билатерални средби четирите партии постигнале одреден напредок за отворените прашања, се‘ уште нема финален договор.
„Блиску се до договор, но за жал, не е исклучена можноста и дека нема да се договорат“, велат извори упатени во преговорите, кои сепак се оптимисти дека партиите ќе го искористат моментот за да стигнат до заедничко решение.
Дека ќе има нов обид за договор, потврди и посредникот Питер Ванхауте.
„Работната група ќе се состане во 11 часот. Било каков договор треба да биде поддржан од сите четири партии. Во спротивно, ќе нема договор“, изјави посредникот за ТВ „Алсат- М“.
Според дипломатски извори, важноста од постигнување договор веќе ги надмина „границите“ дали ќе биде тој постигнат пред, или по објавувањето на Извештајот на ЕК.
„Секако, најдобро ќе беше ако Договорот се спроведеше во роковите за кои лидерите ставија потпис, но бидејќи тие не се испочитувани, сега за иднината на земјата е исклучително важно лидерите да ја вратат својата посветеност на него, и да му дадат и гарантираат имплементирачка динамика која нема повторно да биде суспендирана од која било страна“, велат дипломатски извори.
Договор што побргу!
Пораки за важноста од спроведувањето на Договорот од Пржино стигнаа и од европратениците Џани Питела, Кнут Флекенштајн и Ричард Ховит, кои вчеравечер во Скопје присуствуваа на дебата организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“ во соработка со Институтот „Прогрес“. Според Ховит, штетата е направена и предоцна е да се добие позитивна препорака од ЕК.
„Ние што ја набљудуваме ситуацијата од надвор, може да видиме кога еден договор е прекршен, а за тоа има последици. Роковите не може да бидат продолжувани до бесконечност. Во постојана комуникација сме со еврокомесарот Хан околу Извештајот за напредокот. Мое лично мислење е дека е предоцна за да се повторат позитивни препораки од пред неколку години. За да се спаси ситуацијата, неоподно е да дојде до договор што побргу“, рече Ховит.
Џани Питела, европратеник и претседател на Групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, потенцираше дека Владата, а посебно премиерот имаат специјална одговорност во време на политичка криза.
„Го повикуваме премиерот Груевски да го финализира Договорот и сите нерешени прашања што произлегуваат од Договорот и итно да ги спроведе потребните реформи, кои обезбедуваат услови за кредибилни избори што ќе бидат признаени од домашната и меѓународната јавност, како и отчетност за можните злоупотреби“.
По средбата со европратениците во седиштето на СДСМ, лидерот Зоран Заев изрази оптимизам дека ќе биде постигнат договор.
„Има сериозно придвижување во разговорите. Помошта е добредојдена и водечка од амбасадите на ЕУ и САД, помагаат и другите амбасади, како и господинот Ванхауте. Очекувам овие денови да постигнеме договор“, рече Заев.
Комплетиран тимот на Јанева
Извесна надеж дека договорените обврски ќе почнат да се спроведуваат, произлезе од вчерашната одлука на Советот на јавни обвинители, кој на итна седница го прошири тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со уште пет обвинители, односно за двајца помалку од она што таа го побара. Ваквиот пресврт претседателот на Советот, Петар Аневски, го објасни со ново барање што стигнало од Јанева, во кое таа навела одредени појаснувања и нови околности, а кои за Советот биле прифатливи.
Од оние кои првично беа на списокот, не поминаа Дарко Јакимовски и Снежана Бундалевска. Советот во тимот на Јанева ги одобри обвинителите Гаврил Бубевски, Милица Ристевска, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Лиле Стефанова.
Но, во исто време стигна и друга одлука. Кривичниот суд ги отфрли содржините од прислушуваните комуникации - „бомбите“, како докази во кривичната постапка.
На прашањето до Јанева, како може во нејзината работа да влијае евентуалната одлука на судот дека снимките не може да бидат користени како доказен материјал, таа неодамна во интервју за БИРН изјави: „Никако. Јас можам да постапувам по допрен глас. Секој збор во тие 'бомби' ќе биде предмет на анализа. Јас имам право да гонам, а судот потоа нека одлучува“.