Закана од ново затворање: Има ли план „Б“ за училиштата?
16 ноември 2020Сѐ повеќе училишта во Германија се погодени од вториот бран на корона-пандемијата. Над 300.000 ученици, според податоците на Здружението на наставници, морале да останат во карантин поради коронавирусот.
Другите професионални здруженија се скептични кон оваа бројка, но факт е дека според официјалните податоци само во покраината Северна Рајна Вестфалија во над 550 училишта има ученици во карантин – речиси од секое десетто училиште.
Што ако бројот на заразени во вториот корона-бран уште повеќе расте, па покрај спортските хали, театрите и рестораните ќе треба да се затворат и училиштата? Дали се тие подобро опремени за можен втор карантин во споредба со пролетоска? Еве каква е состојбата во две училишта во Бон.
Концепти за можен „локдаун“
Кристијан Еберхард, директор на целодневното училиште „Готфрид Кинкел“ во Бон, вели дека досега таму имале само еден случај кога еден соработник е испратен во карантин. Во моментов експериментираме и собираме искуство, како може да комбинираме дигитално и аналогно учење: „Вклучивме дете кое остана дома и беше на онлајн настава четири часа. Тоа функционираше сосем добро“, раскажува Кристијан Еберхард и додава: „Децата тоа го изведоа одлично, и на паузите седеа покрај компјутерот и си разговараа со детето и заедно работеа на задачите. Детето дома беше среќно, бидејќи се чуствува како дел од класот.“
Но, исто така утврдивме дека ова „не е она што би го сакале“. Прво, ова не би функционирало на долг рок и не би сакале едно мало дете толку долго да седи онлајн, и од здравствени причини.
Повеќе:
-Образованието пред стравот од коронавирусот: Европа се врати во училиште
-Германија: за наставниците компјутери, за учениците евтин интернет
-Коронавирусот и училиштата: Како функционира тоа во Германија
Затоа развиле друг концепт кој треба да функционира и со нормална настава, како и во услови на карантин. „Овој концепт се базира на формирање тандем-партнери за учење, така што секое дете има еден до двајца партнери за учење, со кои може да соработува. Во случај на втор карантин, овие постојани партнери за учење треба да си телефонираат, да си разговараат, да се поддржуваат со цел да не оди сѐ преку наставниците“, појаснува Кристијан Еберхард.
Добро искуство од едно основно училиште
Во случај на карантин основното училиште „Готфрид Кинкел“ веќе има неделен план и поделба на обврски. Денот ќе започне со „дигитално утринско кругче“, потоа треба да има еден стручен предмет, на пример, математика или германски.
Професорите треба да се достапни меѓу 9 и 12 часот, но ќе работат само со ученици индивидуално или во помали групи. За време на пладневната пауза повторно ќе се поврзат дигитално, за да разговараат околу резултатите и потешкотиите. Потоа се продолжува попладне со, на пример, „Падлет“ – дигитална апликација на онлајн табла, на која секој ученик може да приклучи во заедничкиот проект.
Попладневните активности во училиштето „Готфрид Кинкел“ го сметаат за дополнителна образовна понуда. „Не сме само целосно онлајн училиште, туку ние сме едно целодневно училиште“, објаснува директорот. Во целина, училиштето е добро подготвено, во случај пандемијата со корона да се засилува сѐ повеќе, како што е сега случај.
Четири сценарија во една гимназија
Од минатата недела гимназијата „Фридрих Еберт“ во Бон е исто така погодена од корона: вкупно девет ученици се во карантин, вели директорот на училиштето Франк Лангнер. „Во ова училиште се одвива настава, но на далечина. Им се испраќаат неделни распореди, а по одредени предмети наставата е преку видео врска,“ појаснува тој. Но неделава менаџментот на училиштето ќе спроведе нов коцепт: наставата на далечина треба треба да биде исто како нормалната настава, но тие не сакаат четири часа математика да бидат заменети со четири часа онлајн настава, туку кај клучните предмети да има еден час видео настава. Останатиот дел да се покрие преку поддршка за учење: преку мејл, телефон или со видеочет, сѐ во зависност од конкретната ситуација, објаснува Франк Лангнер.
Бонската гимназија е подготвена на четири различни сценарија: ако се отсутни дел од учениците, цел клас, поединечни наставници, и ако целото училиште мора да се затвори. Се размислува и за оценувањето на учениците. „Кога ќе добиеме домашна задача, не знаеме дали ученикот ја изработил сам или можеби постариот брат или сестра му помогнале,“ вели Франк Лангнер за проблемот со дигиталната настава. Училиштето вака го формулира решението: кај краткорочен карантин од 14 дена, кај учениците ќе се вметнат фази на директна настава и на крај ќе се оценуваат резултатите. При долгорочно затворање „домашните задачи“ ќе бидат оценувани по видео-испрашување, вели директорот.
За интерна комуникација е избрана апликацијата „Тимс“ на Микрософт, на доброволна база, а се бараат и други алтернативи. „Имаме и сопствена инсталација на апликацијата „Џитси“, што е уште подобра во однос на законот за заштита на податоци, бидејќи оди преку нашиот сервер“, појаснува Франк Лангнер.
Дигитализација функционира овде, зошто не насекаде?
Двата примера покажуваат дека дигитализацијата функционира. Притоа, основното училиште „Готфрид Кинкел“ пред првиот карантин не беше на највисоко ниво на дигитализација. Состојбата тогаш: „Дел од колегите беа подготвени, дел немаа допрено ниту Ајпед ниту таблет,“ вели директорот Кристијан Еберхард. Дел започнаа со „Зум“-настава. „Заштитата на податоци е важна, вели Еберхард, но не и императив, оти овде се поважни правата на децата да учат на далечина и да добијат соодветна грижа. Кристијан Еберхард вели дека сивата зона постои веќе со години. На пример, Зум не е забранет, но не е ниту официјално дозволен. „Тоа ги прави несигурни дел од директорите. Но сметам дека, има доволно простор за игра (за дигитализација н.з.),“ смета тој. Во меѓувреме соработниците од основното училиште учествуваа и на семинари и испробаа многу апликации заедно со учениците.
Франк Лангнер признава дека како информатичар имал одредена предност, па затоа неговото училиште многу бргу напредувало со дигитализацијата. Според него, основниот проблем се јавува веќе при набавката на хардвер: училиштата нарачале нова опрема, но времето на испорака во моментов е долго поради големата побарувачка. Притоа има и тесни грла и во однос на одржувањето, па Лангнер се залага за тоа секој да ангажира „училишен ИТ-техничар“, кој ќе опслужува три до четири училишта, предлага Лангнер. Тој би сакал да се воведе можност за директна исплата, што ќе им олесни на училиштата брзо да набават соодветен WiFi-рутер, кабли и друга опрема за подобро вмрежување.
Двајцата директори се надеваат дека ќе може да се одржува нормална настава со присуство на училиште, бидејќи таа, според Кристијан Еберхард, „не може со ништо да се замени. Тоа ни е потребно. Дигитализација на наставата треба да користи само ако има додадена вредност, а не само затоа што е дигитална.“