Законот за дивоградби - вовед во градежен хаос
12 мај 2021Ден по изгласувањето на новиот закон за легализација на дивоградби, во јавноста се калкулира околу штетните последици од ваквата одлука, која се оценува дека ќе доведе до беззаконие и до кршење на законите, но се отвораат и дилеми кој се би можел да биде засегнат од неа. Освен придобивките за оние коишто се дрзнале изминативе години да градат на диво каде што ќе посакаат, а со кои со новите законски одредби ќе куртулат од рушење на дивоградбите, се чини дека со законот ќе бидат амнестирани од одговорност и поранешни функционери, политичари, бизнисмени, инвеститори против коишто изминативе години беа покренати судски постапки.
Закон по мерка на неколкумина
Имињата на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас, инвеститорот на урнатиот објект кај „Мавровка“ се само дел од оние коишто се споменуваат во јавноста, а би можеле да бидат опфатени со членот 41 од овој закон. Со него, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти. На носењето на законот се спротивставија од партијата ДОМ, а Демократскиот сојуз на Павле Трајанов побара од претседателот да не го потпишува законот со што ќе се спречи беззаконието во државата и да се привилегираат оние кои ги кршат законите и се директно одговорни за градежниот хаос.
-повеќе на темата: Погребана ли е правната држава? Нова масовна легализација на дивоградби
„Чесните граѓани подготвуваат проекти, бараат дозволи за градба, плаќаат комуналии и ги почитуваат сите прописи. Додека оние што градат бесправно и узурпираат земјиште, диво се приклучуваат на водоводните мрежи, електричната енергија, ги кршат сообраќајните решенија и слично, не смеат да бидат и натаму мотивирани и лош пример за во иднина. Демократскиот сојуз има разбирање за социјалните аспекти, но никако не се за градежен хаос и легализација на хациенди, деловни објекти, куќи со базени итн.“, реагира партијата.
Амнестијата за дивоградбите, би можела да значи ослободување од одговорност и на оние коишто ги прекршиле законите со бесправно градење. Па така, се споменуваат имињата на новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, градителот на урнатиот објект кај „Мавровка“ и други…, против кои се водеа постапки токму за бесправно градење.
Латас и неговите браќа Звездан и Срѓан беа ослободени од Основниот кривичен суд од обвинението за нелегално изградените куќи на територија на Општина Зелениково во јули 2019, но Апелациониот суд во јуни 2020 ја поништи пресудата и го врати предметот на повторно судење. Јакимовски, пак, според обвинението од октомври 2019, дозволил објектот на Општина Карпош да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација.
Иницијатива за оценка на уставноста
Случајот го следи и Антикорупциската комисија. Првата актикорупционерка, Билјана Ивановска, смета дека треба да се поднесе иницијатива за оценка на уставност на законот пред Уставниот суд. „Ако законот стапи во сила, на сите други закони може да им се стави ’крст’, предупредува таа во изјава за медиумите.
Законот треба да стапи на сила по 8 дена откако ќе биде објавен во Службен весник. Претседателот Стево Пендаровски го разгледува законот по што ќе донесе одлука дали да го потпише. Од Владата, пак, оценуваат дека по вчерашното усвојување на Законот за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти во законодавниот дом, ќе се реши урбанистичкото дивеење.
-повеќе на темата: Легализација на дивоградби- нови поволности наместо санкции
„Прогрешна е тезата дека ќе може се и сешто во секое подрачје да се легализира“, нагласи владиниот портпарол Мухамед Хоџа додавајќи дека во законот е точно прецизирано каде и кои објекти ќе може да бидат легализирани.
Според него, за да се легализира во заштитно подрачје треба да се добие согласност од надлежниот орган, министерство или друга институција дека градбата не го загрозува тоа подрачје. Така што, невозможно ќе биде лесно да се легализира секој објект во тие делови. Законот е усогласен и со опозицијата, при што се прифатени и неколку нивни амандмани и се инкорпорирани во него. „Со законот се спречува урбаното дивеење со тоа што се зголемува цената за легализација за плус 50 отсто од основните комуналии со што се одвраќаат од намерата сите кои мислат да градат нелегално“, изјави Хоџа.
-повеќе на темата: Мерките за Охрид - „по свадба - тапани“
Собрание по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со 72 гласа „за“, 3 „воздржан“ и 5 „против“. Со законот се отвара пат гаражи, остави и базени кои сопствениците ги граделе без дозвола, како и дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство, да можат да се легализираат. Легализација ќе биде дозволена и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.
Со него се предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, односно осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и нема рок на важење - ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати. Исклучок се дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.