1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за помилување како тезга за самопослужување

Катерина Блажевска20 мај 2016

Измените во Законот за помилување не го решаваат проблемот, туку креираат нов, велат експертски и дипломатски извори. Власта е задоволна од законското решение.

https://p.dw.com/p/1Iqxn
Фотографија: picture alliance/abaca/AA

Големо незадоволство владее во демократската јавност по измените во Законот за помилување, со кои владејачкото мнозинство инсталираше двојна можност: претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција по сопствена иницијатива или по барање на засегнатите лица. Во правни кругови велат дека ваквото решение не е случајно, затоа што јасно прејудицира дека главната цел е аболицијата да биде повлекувана исклучиво по барање на засегнатите.

Нелогичноста на ова решение уште при расправата за законските измени ја посочи и пратеникот на ДУИ, Рафиз Алити, кој потенцираше дека нема потреба аболицијата да биде повлекувана по барање на помилуваните лица, кога веќе на претседателот му се дава можност да го стори тоа. Но, неговата аргументација не беше прифатена, што јасно укажа во која насока е планирано да се спроведува законот.

„Ова решение овозможува селективност и ќе води кон поткопување на правото и на еднаквоста на граѓаните пред законот. Не може да се смета дека овие законски измени се соодветно решение, бидејќи креираат нов проблем“, велат дипломатски извори. Тие не го коментираат фактот што ваквото решение е усвоено откако функционерот на американскиот Стејт Департмент, Брајан Хојт Ји, порача дека делумно или селективно повлекување на помилувањата дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказнивност во државата, но велат дека „имаат јасна слика што се случува“.

Помилување за повлекување од политиката?

Како што дознава ДВ, владејачката партија ја објаснувала потребата од вакво решение со став дека дел од нејзините помилувани функционери немало да побараат повлекување на аболицијата, но планирале целосно да се повлечат од политиката.

„Правилото - 'не барам повлекување на аболицијата, бидејќи ќе се повлечам од политиката', не може да функционира во земја која тврди дека се залага за владеење на правото. Законот за помилување не смее да функционира како тезга за самопослужување. Ако по своја иницијатива некои помилувани лица во иднина решат да не бидат активни или видливи на политичката сцена, тоа не значи дека отсуството од политиката може да им биде супституирано со ослободување од докажувањето на нивната вина или невиност низ судска постапка. Повлекувањето од политиката е приватна 'разрешница' на нечии лични, идни планови, а ние зборуваме за неопходноста од правна разрешница. Не може спроведувањето на правдата да се трампа со повлекување од политиката“, вели поранешен судија.

Во домашната јавност владее огромно незадоволство од законските измени. „Затвор за криминалците - слобода за народот“, „Ќе си лежите“, „Доста е од игри со аболицијата“, беа дел од пораките кои на синоќешниот протест ги истакнаа учесниците во „Шарената револуција“, со барање изигрувањето на правдата и обидите за погребување на прижинскиот договор да бидат остро санкционирани. Порталот „Сведок“, повикувајќи се на доброинформирани извори од меѓународните организации во Скопје, синоќа објави дека меѓународните претставници во земјава подготвиле „црна листа“ на која се имињата на околу 60 лица - политичари, бизнисмени и нивни блиски лица, дел непознати за јавноста, кои биле мамки во криењето на вистинската сопственост на фирмите и сметките во странство. Според истите извори, релевантни институции кои се должни да разменуваат податоци со нивните европски и американски колеги, веќе доставиле податоци за имот и сметки на лица за кои постојат сомневања дека се стекнати на незаконски начин, со перење пари или со трговија на оружје и дрога. На листата биле и високи политичари, осомничени за коруптивни активности, за кои дел се слушнал и во објавените „бомби“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Извршители на нечистите работи

ДУИ, пак, вчера ја поздрави одлука на Собранието за измена на Законот за помилување, со став дека тоа ќе овозможи решавање на големиот проблем со кој се соочи земјата по одлуката на Иванов да помилува 56 лица.

„По создавањето на законските услови за повлекување на одлуката за помилување, ДУИ, како потписник на Договорот од Скопје за надминување на политичката криза, бара г. Иванов да дејствува веднаш во согласност со неговите јавни изјави и да ја промени својата одлука за помилување. Исто така, ДУИ ги охрабрува сите 56 помилувани лица што е можно поскоро да упатат барања до г. Иванов за да се повлече одлуката која беше донесена без нивна согласност и да овозможат правдата да ја обелодени вистината“, се вели во соопштението на партијата.

И додека ДУИ ги поздравува законските измени, во албанскиот опозициски блок кулминира незадоволство од прислужничката улога на интегративците.

„Ако евентуално имаше останато уште некој граѓанин што мислел дека ДУИ е партија која ги артикулира интересите на Албанците, по ова што се случи последните два дена, мислам дека такви луѓе во Македонија веќе не постојат“, вели Африм Гаши од движењето „Беса“.

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм Гаши, БесаФотографија: Katerina Blazevska

„Убеден сум дека и на голем дел на членови на ДУИ тоа им е јасно. ДУИ од партија произлезена од УЧК се преобрази во партија која денес е целосно под контрола на Никола Груевски. Освен што е потчинета, таа исто така е и понижена пред целата јавност, затоа што Груевски буквално ги тера да му ја вршат нечистата работа која тие не сакаат да ја извршат јавно. Тоа што пред зградата на Владата на 9-ти мај излегоа на протест над 30.000 Албанци, беше знак дека Албанците целосно и многу јасно ја прочитаа подлата политичка игра на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Од тој ден ДУИ веќе нема никаков легитимитет и кредибилитет да ги претставува Албанците во Македонија“, дециден е Гаши.

Според него, не постојат зборови со кои може да се опише како еден лидер можел да се доведе во толку срамна ситуација.

„Со постапките кои ги презедоа за 'усмртување' на пржинскиот договор, постапувајќи против барањата од меѓународната заедница, а дотолку повеќе на барањата на Албанците, со тоа што се свика Собранието и се изгласа политичка влада, со тоа што не се повлече аболицијата и СЈО не се остави да работи без пречки, на ДУИ и паднаа сите маски и таа остана разголена пред јавноста како партија која му служи само на Никола Груевски и никому друг“, вели Гаши.

Според информации од Кабинетот на претседателот, од 56 аболирани лица 12 поднеле барање за повлекување на аболицијата, а од високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ тоа официјално го побарале само партискиот лидер Никола Груевски и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.