Замина легендата на филмската музика- Енио Мориконе
6 јули 2020Енио Мориконе во 2018 и 2019 година оддржна неколку концерти - последни во неговата долга музичка кариера. Тоа беше неговата проштална турнеја. Италијанскиот композитор и диригент денеска почина во неговиот роден град Рим, како што соопшти адвокатот на семејството.
Како започна сѐ
Во градот на реката Тибар, на 10 ноември 1928 година во населбата Трастевере ја здогледа светлината на денот. Неговиот татко Марио Мориконе беше трубач и бргу забележа дека неговиот син го има наследено музичкиот талент. Со шест години Енио го компонирал неговото прво дело, а на 12 години родителите го испратиле во конзерваториум каде за првпат научил да свири труба. Совет од неговиот татко, кој со тоа добро го обезбедуваше своето семејство. Самиот Енио Мориконе не би го избрал тоа – неговото срце гореше за компонирање. Сепак тој студиите од четири години ги совлада во рекорден рок од две години – природен талент.
„Еден филмаџија мора да ме праша“
По школувањето Мориконе заработувал за живот како џез свирач во ноќни клубови, пред да се вработи во театар и да се ангажира во музичката индустрија, и конечно да добие позиција како музички асистент на италијанската телевизија РАИ. Меѓу другото тој таму аранжираше песни за познатиот тенор Марио Ланза, кој благодарение на неговите холивудски филмови 1950те години беше најпознатиот оперски пејач во светот.
Повеќе:
-Енио Мориконе го отвора „Охридско лето“
-75 роденден на композиторот Мориконе
Дали оттаму Енио Мориконе ја доби идеата да пишува филмска музика? „Ми требаа пари и си реков, ова е добра идеа," раскажа тој во една прилика. „Но не се понудив кај никого во филмската индустрија. Си реков: еден филмаџија треба да дојде да ме праша, бидејќи верува дека она што јас го пишувам е добро. И така и се случи. Прво ме исконтактира еден режисер, па друг, трет и така натаму."
Успех со шпагети-вестерн филмовите
Во 1961 година, на 33 години, Енио Мориконе за првпат компонираше музика за цел кино-филм. „ Ил Федерале“ на Лучиано Салце. Меѓународниот пробив дојде три години подоцна: со светски познатиот саундтрак на филмот на Серџо Леоне „ За грст долари“ (1964) со тогаш се уште непознатиот Клинт Иствуд во главна улога. Енио со Серџо седеа во иста клупа на училиште, па пријателот му даде да ја напише и музиката за филмот „Две славни грешки„ (1966) и „Беше еднаш на дивиот Запад“ (1968)
Вестерн филмовите направија филмска историја, особено благодарејќи на неспоредливата музика на Мориконе со енергичната усна хармонија, вклучувајќи звук на завивање на којоти и силниот шум на ветерот. „Со својата музика Енио е во состојба да изрази такви работи кои инаку би требало да бидат прикажани преку слика," секогаш нагласуваше режисерот Леоне.
Повеќе од вестерн
Секогаш го поврзувале со седумте филма на „шпагети-вестерн” режисерот Серџо Леоне за кои ја компонирал музиката, рече Мориконе во пресрет на неговиот 90ти роденден. А, во неговата кариера има компонирано музика за преку 500 филмови. "Ако се разгледаат филмовите за кои сум компонирал, се гледа дека сум експерт за вестерн, љубовни филмови, политички филмови, акциони, хорор и така натаму. Со други зборови: не сум експерт бидејќи имам правено сѐ. Јас сум експерт за музика.”
И навистина е така: Мориконе компонирал за режисери како Роман Полански, Џон Карпентер или Брајан де Палма. Филмови како „1900" од Бернардо Бертолучи, драмата „Мисија” на Роланд Хофес или мафијашкиот епос на Хенри Вернел “Кланот на Сицилијанците” го носат неговиот музички потпис.
Сите го сакаат неговиот звук
Енио Мориконе со цело срце и душа го сакал родниот Рим. Колку пати само Холивуд се обидел да го повлече во Америка. Еднаш дури и без пари му била понудена вила, но тој секогаш одбивал. Англиски не зборувал, попусто се обидел да научи, еднаш има изјавено за новинската агенција ДПА.
Уште во 1965 година Мориконе се приклучил на експерименталните „Gruppo Improvisazione Nuova Consonanza" кои си поставиле за цел барање на нови звуци.
Неговото богатство од идеи придонело најдобрите од филмскиот свет да тропнат на неговата врата, како на пр.Квентин Тарантино. Тој некои од неговите композиции користеше во филмовите „Убиј го Бил", „Неславни копилиња" и „Џанго разузданиот", но Мориконе долго не сакал да напише цел саундтрак за него, сѐ до филмот "Омразените осуммина ". "Тарантино едноставно не ме оставаше на мир”, раскажа еднаш во интервју за ФАЦ. "Ме најде во Рим, неговиот ентузијазам ме убеди”, вели Мориконе.
Но, и на овој познат режисер маестро набрзо му ги појаснил правилата: „Мора да ја видам конечната верзија на филмот пред да почнам и да размислувам за музиката, а камо ли пак да ја напишам.”
Конечно Оскар
Соработката беше плодна, оти во 2016 Мориконе со „Омразените осуммина" конечно го доби долгопосакуваниот Оскар за најдобра филмска музика. Пет пати претходно беше номиниран и секогаш завршуваше со празни раце. Во 2007 доби почесен Оскар за неговото животно достигнување, но тоа не беше она што се брои. Добро се сеќавал на чувството кога нема да ја добиеш наградата, рече во една прилика Мориконе
Затоа што секогаш сметав дека ја заслужувам, сите мислеа така”. 2016 воопшто и не сакал да дојде на церемонијата во Холивуд бидејќи многу пати претходно бил разочаран. Тоа била неговата болна точка „иако признанието од публиката всушност му била многу побитно од она на Академијата. Во 60тите години конзервативната Академија била за жал сосем глува за нови инивативни звуци”.
На крајот Енио Мориконе сепак можеше Оскарот да го стави во низата награди кои ги добил во текот на неговиот живот. Двата Оскари ги посветил на сопругата Марија со која од 1956 година бил во брак. Не било едноставно толку долго да се издржи со него, коментираше во таа прилика.