Западен Балкан оди во добар правец
30 јуни 2011Денеска (30.06.) на полноќ завршува унгарското ротирачко претседателствување со ЕУ, а од утре (01.07.) до крајот на годината на чело на Унијата ќе стои Полска, уште една земја од централна Европа. Сумирајќи ги резултатите, унгарскиот шеф на дипломатијата Јанош Мартоњи нагласи дека цел на неговата земја за време на шестмесечното претседателствување со Унијата биле интеграцијата на Ромите, Дунавската стратегија, приклучувањето на Бугарија и Романија кон Шенгескиот простор, како и проширувањето на ЕУ. За време на унгарското престедателствување речиси истовремено со завршувањето на пристапните преговори со Хрватска, Исланд ги започна своите пристапни преговори со Унијата.
Унгарскиот шеф на дипломатијата Мартоњи како голем успех го оцени и одржувањето на Западнобалканскиот форум на кој шефовите на дипломатијата на ЕУ и земјите од Западен Балкан разговараа за европската перспектива на регионот: „Тоа беше приоритет на нашето претседателствување со Унијата, да испратиме порака до овие земји дека тие имаат европска перспектива. Во европската перспектива е вклучен и елементот на стабилноста, просперитетот и помирувањето во регионот“, изјави Мартоњи.
Обединувањето на Европа не е завршено
По состанокот на европските лидери на самитот во Брисел минатата недела, унгарскиот премиер Виктор Орбан нагласи дека неговата мисија во наредните години ќе остане да ги промовира членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Во таа прилика Орбан ја повика Европа да собере храброст, оптимизам и одлучност и да го прифати тој регион. И министерот за надворешни работи на Унгарија ја повика Европа „повторно да се обедини“. „Повеќепати нагласивме дека не треба да постојат енклави во Европа. Европа треба повторно да се обедини во целост. Тој процес се’ уште не е завршен и пред нас има уште многу работа.“
Засега од Западен Балкан, според зборовите на шефот на унгарската дипломатија, пристигнуваат позитивни сигнали, но има и земји со проблеми. Мартоњи се надева дека успехот на Хрватска да влезе во последната фаза на пристапување во ЕУ значително ќе влијае врз земјите од регионот кои се на патот кон евроинтеграција: „Веќе сега има сигнали, како што веќе сите знаете, од Србија и други земји кои велат дека работите се движат во добра насока. Многу сме среќни што процесот на проширување зеде замав и апсолутно сум убеден дека тоа ќе продолжи и во наредните месеци и години“, изјави Јанош Мартоњи во една пригода, сумирајќи ги резултатите од унгарското претседателствување со ЕУ.
Автор: Мартина Максимовиќ/ Бисера Огњановска Митров
Редактор: Александра Трајковска