Западниот Балкан треба да ја засили конкурентноста
21 февруари 2018Иако регионот Западен Балкан се соочи со драматичен пад на вработеноста во периодот по светската економска криза, од 2008 до 2011 година „ситуацијата се подобри во наредните 5 години и до 2016 година вкупниот број на вработени повторно достигна 6,5 милиони што претставува зголемување од 8,9 насто“, е наведено во неодамна објавениот извештај „Пазари на трудот на Западен Балкан: ефект, причини и можна политика“ кој го нарача проектот „Платформа за вработување и социјални прашања“ (ЕСАП) на Советот за регионална соработка (РЦЦ).
Лидерот на проектот ЕСАП, Нанд Шани, наведе дека за промените во стапката на вработеност во периодот меѓу 2010 и 2016 година во шест економии од Западен Балкан најмногу допринесле производствениот, градежниот и образовниот сектор, стручните и научните активности, јавната администрација и земјоделството.
„Во структурата на вработеност, сепак, преовладуваат непроизводните активности што укажува на тоа дека регионот треба да ја зголеми конкурентноста и да ја подобри ориентацијата на пазарите и да работи на развој и зајакнување на постоечките синџири на вредности“, рече Шани.
Тој додаде оти остануваат бројни прашања, како што се големиот удел на неформално вработување, високата стапка на невработеност кај младите, голем дел на долгорочната невработеност и ниската стапка на учество на жени во работна сила, што укажува на голем неискористен човечки потенцијал кој би можел да ги поттикне економскиот раст и просперитетот.
Економиите од Западен Балкан во предходните години забележаа и значителен напредок во областа на институционалните реформи на пазарот на труд кој на многу од нив ги намали трошоците за отпремнина и ја зголеми флексибилноста на системот за преговарања за платите, како и флексибилноста на пазарот на труд, а прописите во областа за заштита на работните места ги направија помалку рестриктивни, пишува во извешатјот.
Цел на „Платформата за вработување и социјални прашања“ е засилување на регионалната соработка и институционалните капацитети на државните управи, ефикасно да спроведат реформи во социјалната политика и во политиката на вработување во процесот на пристапување кон Европска унија.
Проектот ЕСАП, кој чини 3 милиони евра, го финансира ЕУ, а заедно го реализираат и Советот за регионална соработка и Меѓународната организација на труд во економиите на земјите од Западен Балкан.