Западот му одговори на Путин: Санкциите остануваат
27 мај 2022Американската влада го отфрли повикот за укинување на санкциите во замена за олеснет транспорт на жито и храна од Украина.
„Токму Русија е таа која активно го блокира изнесувањето на прехранбени производи од украинските пристаништа и го зголемува гладот во светот“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер синоќа во Вашингтон.
Во силосите во Украина и на товарни бродови се складирани тони жито, кои поради руската поморска блокада не можат да се извезат. Санкциите не го погодуваат ниту житниот извоз, ни пак паричните трансакции поврзани со него. Засега воопшто не постои дебата околу укинување на санкциите, истакна Жан-Пјер.
Во сличен тон е и изјавата на британската министерка за надворешни работи Лиз Трас. Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да го земе светот во заложништво, условувајќи го одблокирањето на украинскиот извоз на храна со подигање на санкциите. Во основа, тој ги користи гладот и недостигот од храна за најсиромашните луѓе во светот како свое оружје, истакна министерката. Укинување на санкциите е исклучено, зашто тоа би претставувало јакнење на Путин на долг рок, изјави Трас при посетата на Сараево.
Во вчерашниот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги околу можностите за ублажување на кризата со храна, Путин навести дека постои таква опција, доколку Западот ги укине санкциите против Русија. Дури тогаш „Москва би била спремна да даде свој значаен придонес за надминување на кризата со храна."
Русија и Украина се најголемите светски извозници на жито и играат важна улога во исхраната во глобални рамки. Одделни украински пристаништа се окупирани од руската војска, а од Одеса, поради поморската блокада и опасноста од морски мини, бродовите со жито не можат да испловат.