1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвор за поранешниот батлер на Папата

Александар Методијев/дпа/ројтерс6 октомври 2012

Судот во Ватикан денеска го осуди поранешниот батлер на Папата Бенедикт 16-ти на затвор од година и половина, поради крадење на чувствителни документи. Обвинителството побара поголема – тригодишна затворска казна.

https://p.dw.com/p/16Lcj
Фотографија: Reuters

Паоло Габриеле, поранешниот батлер на папата, е осуден денеска на затворска казна од година и половина за тешка кражба во т.н. случај Ватиликс, во кој протекоа доверливи документи кои му припаѓале на папата Бенедикт Шеснаесетти. Судот нагласи дека со тој чин Габриеле ја злоупотребил довербата што му ја дал Папата.

Претседавачкиот судија во Ватиканскиот суд Џузепе Дала Торе рече дека затворската казна е помала поради олеснителни околности, вклучувајќи го недостатокот на некои докази, како и неговото тврдење дека така постапил поради добра намера и затоа што се покајал за стореното дело. Претходно, ватиканскиот обвинител Никола Пикарди побара затворска казна во времетраење од три години и доживотна забрана за Габриеле да работи во Ватикан.

Vatikan Prozess Paolo Gabriele
Обвинителството побара поголема, судот досуди помала казна затвор, поради олеснителни околностиФотографија: Reuters

Осудениот Габриеле во своето последно појавување пред судот рече дека тој остапил така од неизмерна љубов кон Папата и римокатоличката црква.

Адвокатката Кристина Ару, која го застапува поранешниот батлер на Папата, ги отфрли обвинувањата и побара тој да биде осуден, наместо за кражба, за полесно кривично дело кое не носи затворска казна. Таа рече дека Паоло Габриеле ги дал материјалите во медиумите за да му ги отвори очите на Папата за интригите што му се прават зад грб. Некои од украдените документи во месец мај беа објавени во книга. Во неа се зборуваше за наводен заговор за убиство на Папата, но и за корупција, протекционизам и противење на вториот по ранг човек во Ватикан, кардиналот Тарчизио Бертоне.