1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Седуммина напаѓачи на Села добија од 10 до 13 години затвор

БГ
5 јули 2018

Седум лица идентификувани како напаѓачи на пратеникот на Зијадин Села при упадот во Собранието на 27 април 2017 година, беа прогласени за виновни и добија затворски казни во висина од 10 до 13,5 години.

https://p.dw.com/p/30sCF
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Напаѓачите на пратеникот и лидер на партијата Алијанса на Албанците, Зијадин Села добија затворски казни во времетраење од 10 до 13,5 години на денешното изрекување на пресудите во Кривичниот Суд во Скопје. Настанот се случи за време на крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017 година. 

Највисока казна - од 13 години и шест месеци - судот му одреди на Никола Војминовски. На шест месеци помалку, односно на по 13 години затвор се казнети Кире Ѓорѓиевски и Александар Јаневски. На по 10 и пол години затвор казнети се Коста Делов, Андреј Мицов, Николче Димитриевски и Оливер Ошавковски.

Обвинетите со умисла се обиделе да го лишат од живот Зијадин Села, рече судијката која го водеше предметот. Отежнувачка околност за сите седуммина обвинети, според судијката, е и тоа што делото било извршено со влез во Собранието на Република Македонија.

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Пратеникот Зијадин Села се здоби со тешки телесни повреди по нападот во СобраниетоФотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинителството побара на сите седум обвинети да им се продолжат мерките притвор и куќен притвор до започнување со извршување на казната. Според обвинителството, опасноста од бегство на обвинетите сега е посилно изразена, исто како и  опасноста од повторување на делото.

За обидот на убиство на Села првично обвинети беа десет лица. Едно лице беше ослободено од обвинението поради недостаток на докази, додека две други лица претходно добија казни затвор од три, односно една година и два месеца.

Мачна вечер на насилство во Скопје

Неколкумина од обвинетите читањето на пресудата го проследија со солзи во очите.

На крајот на март годинава, Јавното обвинителство соопшти дека гони 28 лица за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста поради крвавиот упад во Собранието на РМ на 27 април минатата година. Обвинителството тогаш оцени дека упадот во Собранието била организирана и координирана акција чија цел, меѓу другото, била и ликвидација на тогашниот опозициски лидер и актуелен премиер Зоран Заев. Меѓу обвинетите е и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како и неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.