1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заштитата на видовите ја штити и климата

23 мај 2011

Меѓународниот ден на биолошката разновидност (22. мај) треба да ја поттикне свеста за важноста на одржувањето на биолошката разновидност, меѓу другото и за успорувањето на климатските промени.

https://p.dw.com/p/11Lna
Фотографија: picture-alliance/dpa

Растенијата цветаат порано од вообичаено, а птиците-преселници доаѓаат порано во топлите краишта - промената на климата се одразува врз природата на различни начини. Климатските зони се поместуваат. На северната полутопка животните се селат во посеверните делови или, пак, во повисоки предели. Различни видови животни реагираат различно на климатските промени. Николас Мекгрегор од агенцијата за заштита на природата “Нејтурал Енгланд” нагласува дека ниту еден вид не живее изолирано. Сите видови живеат во заедница со оние, што им служат како храна. А токму тоа може да доведе до проблеми, доколку тие реагираат различно на промените:

“Листовите на растенијата понекогаш растат порано. Инсектите што се хранат со нив се појавуваат порано. Но, птиците што ги јадат инсектите не се толку флексибилни и не можат толку рано да ги снесуваат нивните јајца. Таа разлика може да се одрази врз преживувањето и размножувањето на некој вид”, објаснува Мек Грегор.

Промената на климата - закана за екосистемот

Одредени видови во иднина ќе исчезнат од областите каде што досега ги имало, како на пример жеравот во Германија, објаснува Беате Јесел, претседателка на Германската сојузна служба за заштита на природата.

Промената на климата не им се заканува само на одредени видови, туку на целиот екосистем. Јесел е загрижена не само за промените во Европа, туку и за коралните гребени во тропските и суптропските води, што се загрозени од затоплувањето на Земјата.

„Тие се од голема важност за екосистемот. На пример, во случај на големи бранови, тие ја ублажуваат нивната сила и на тој начин спречуваат поплави. Нивниот богат екосистем е од големо значење за риболовот и за исхраната на подводните видови. Освен тоа, тие се и голема туристичка атракција, како на пример, Големиот корален гребен во Австралија. Коралните гребени веќе страдаат од промената на климата, а ние знаеме дека целта на политичарите, просечната глобална температура во ова столетие да не се зголеми за повеќе од два степени, нема да биде доволна за да се спасат коралните гребени ширум светот.”

Клучна улога на јаглерод-диоксидот

И други екосистеми, како шумите и реките, имаат голема улога во зачувувањето на природата. Тие помагаат да се одржува циркулацијата на вода, снабдуваат со храна и ја регулираат климата. Без разлика дали станува збор за регионално, национално или меѓународно ниво - биодиверзитетот и промената на климата се неодделиво поврзани, вели Карина Цаунбергер од дирекцијата за екологија при Европската комисија.

„Без помош на екосистемите на земја и на море, последиците од промената на климата би биле многу полоши. Во моментов тие абсорбираат околу една половина од јаглеродниот диоксид создаден од луѓето. Тоа значи, за да се стабилизира климата, мораме драстично да го намалиме испуштањето штетни гасови во атмосферата. Но, исто така мора да се грижиме да се сочуваат природните резерви на ЦО2”, вели Цаунбергер.

Биодиверзиетот - средство против климатските промени

Тоа важи особено за шумите, бидејќи последиците од промената на климата кај нив особено се забележува, вели Цаунбергер:

“Кога климата драстично се одразува врз некој еколошки систем, како на пример, кога климата ќе стане многу сува за тропските шуми, тие повеќе нема да бидат тропски шуми. Тоа би имало драматични последици врз циркулацијата на водата и климата. Екосистемите се дел од климатскиот систем. Тој не се состои само од геосфера и атмосфера, туку и од биосфера. А, токму тоа многу често се заборава. Биодиверзитетот не е само жртва на климатските промени, туку е и дел од решението.”

Тој факт не е силно застапен во јавноста, вели Беате Јесен, претседателка на Германската сојузна служба за заштита на природата. Moчуриштата и мангровите, што се особено загрозени во земјите во развој и земјите во подем, играат важна улога во климатскиот процес.

Тесната поврзаност меѓу заштитата на биодиверзитетот и климата е добра не само од еколошка гледна точка, туку и од економска. Таков е примерот со пресушените мочурливи региони. Во нормални услови мочуриштата апсорбираат јаглерод диоксид. Нивната реставрација не е само ефективна, туку и поефтина од некои модерни технички алтернативи, нагласува Беате Јесел.

Автор: Ирене Квајле / Светлана Брик

Редактор: Горан Чутаноски