1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збирна тужба против Фолксваген

Соња Џорданс
1 октомври 2019

Во покраинскиот суд во Брауншвајг поднесена е збирна тужба против Фолксваген. Правната разврска на скандалот со дизел-моторите почна дури по четири години од избивањето на кризата.

https://p.dw.com/p/3QX90
Volkswagen - Dieselmotor vom Typ EA189
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Се работи за збирна тужба со огромен број испишани страници, која за стотици илјади сопственици на дизел автомобили од Фолксваген е нешто како последна надеж. Судот во Брауншвајг, како прв суд во Германија, од вчера (30.09.2019) се занимава со една ваква збирна тужба. Крерирана е на почетокот од ноември 2018 година во заднина на скандалот со дизел возила. Тужителите сакаат да преземат акција против концернот Фолксваген, зашто, според нив, првично се прелажани во рамките на скандалот со издувните гасови, и конечно, кога станува збор за последиците, и изневерени. Навистина разни судови низ Германија од 2015 година наваму се занимаваат со тужби поврзани со дизелот – во најголем дел за нефункционални системи за контрола на издувни гасови. Во постапките најчесто станува збор за прашања поврзани со одговорноста за производителите и за финансиска отштета што би можеле да ја добијат поединечни тужители.

Збирна тужба наместо стотици илјади поединечни

Во случај на збирна тужба се работи за нешто сосема друго. Таа се потпира на таканареченото право за колективна правна заштита. Со тоа – поедноставно кажано – се утврдува дали има услови кои оправдуваат барање за отштета. Колективна е заради тоа што застапува интереси на многу поединци кои се застапени од еден заеднички претставник. Во случајов Сојузното здружение за заштита на потрошувачи во соработка со автосојузот АДАЦ пред суд ги застапува интересите на голем број трети страни. Здружението ја подготвува збирната тужба и важи за таканаречена квалификувана институција која мора да исполнува одредени предуслови, без оглед што таа нема лични побарувања. Здружението исклучиво делува како застапник на интересите на трети страни, односно потрошувачите кои се вклучени во овој процес. Во принцип може и да не оствари финансиски профит од процесот. Целта е да се спречи еден вид „правно-процесна индустрија“ која би се вклучувала во вакви тужби единствено со цел да оствари голема заработка.

Deutschland Symbolbild VW-Abgasskandal
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Stratenschulte

Затоа тужбата е еден вид претходник на конкретни постапки за барање на отштета на секој од нив – заштитниците на потрошувачите со збирната тужба можат да утврдат дали Фолксваген своите клиенти во дизел скандалот ги оштетила „намерно и неморално“, како што се вели правно, и дали врз основа на тоа постои можност за барање отштета. Ако судот го потврди ова, клиентите на Фолксваген сепак ќе мора лично да се активираат и да си покренат тужби за отштета. Конкретен износ за секој посебно не може да се добие со збирна тужба. Тужителот, кој сака да постави лични барања за отштета, може тужбата да ја базира на исходот од збирната тужба. 

Аферата Фолксваген и лагите на Мартин Винтеркорн

Автоиндустријата пред дилема: трансформација или пропаст

Со тужбата треба да се превенира идно кршење на правото

Збирната тужба е на некој начин патоказ, особено што во Германија важи начелото на индивидуална правна заштита. Според него, засегнатите мора самите да бараат исполнување на нивните права. Проблемот е што тоа не го прави секој кој би можел. Многу луѓе се воздржани од покренување процес пред суд, или заради немање пари, или заради немање искуство, зашто немаат адвокат, или се плашат од долгогодишни процеси. Така и не го добиваат она што им следува. Ваквата збирна тужба треба да изедначи такви дефицити. Приклучувањето на збирната тужба за корисникот е бесплатно, не му е потребен адвокат, ниту правно осигурување. Така, меѓу другото, обезбедува и неговите барања да не застарат. Во тужбите за дизел возила кои се поднесени до Покраинскиот суд Франкфурт/Мајн, според податоци на портпаролката на судот, најчесто имало вонсудски спогодби и тужбата или жалбата потоа била повлечена. Сега веќе почесто се расправа на рочишта, особено кога се работи за дизел возила од 2015/16 година. Неколку дена пред почетокот на процесот во Брауншвајг, судот во Франкфурт донесе одлука која веројатно ќе биде релевантна и за други случаи. Имено, Фолксваген принципиелно одговара пред купувачите на возила кои го имале дизел агрегатот ЕА 189 заради нанесување штета со умисла во контекст на скандалот со издувните гасови. Со други зборови, во конкретниот случај купувачот со тоа има право да го врати возилото и да му бидат надоместени средствата што ги платил за него.

Само за купувачите на одредени модели на возила

Тужбата која се разгледува во Брауншвајг опфаќа само купувачи на одредени возила. Се работи за модели на марките Фолксваген, Ауди, Сеат и Шкода чиишти дизел мотори се од типот ЕА189. Тие имале дел за нелегално исклучување и затоа биле повлечени од пазарот. Според податоците на Сојузната служба за правда, до средината на месецов се приклучиле 446.000 корисници, со тоа што се завеле во тужбен регистар. Според регулативите, нови оштетени лица имаат право да се приклучат на списокот на засегнатите сѐ до почеток на процесот. Кога ќе падне пресудата е сѐ уште отворено.