Збогување од палестинска држава
15 август 2020Не е неопходно користење токму на тие зборови, но аналитички земено, палестинскиот претседател Махмуд Абас исправно ја сублимираше целата работа: историскиот договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати лесно може да се смета за „предавство" на палестинската кауза.
Абу Даби без никаква нужда се согласи на спогодба која додуша значи замрзнување, но не и крај на израелските планови за анексија на палестински подрачја, што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побрза веднаш да го дополни по објавувањето на договорот.
Уште тука се поставува прашање – дали Емиратите не можеле во тајните преговори со Израел и САД да изнудат нешто повеќе за своите „палестински браќа"? Очигледно, тоа не им било многу важно, тие имаат други стратешки приоритети, а нивната наводна солидарност со Палестинците е чисто лицемерие.
Повеќе:
Израел и ОАЕ воспоставуваат дипломатски односи
Абас го откажува договореното со Израел и САД
Мировниот план на Трамп - ни план, ниту мировен
Тоа е неправедно и горко за Палестинците. Но, одговара на јасно видниот тренд: за арапските земји сега не е толку опасен противник кој се турка во нивниот регион Израел, колку пред сѐ Иран и Турција.
Запирањето на овие ривали е највисок приоритет. Посебно кога станува збор за Иран, тука Израел е природен и истовремено исклучително атрактивен партнер: тој е држава на самиот врв на воено и технолошко ниво. А тој пак во Иран, и неговите сојузници во Сирија, Либан, Ирак, Јемен и Палестинските подрачја, оправдано гледа најголема закана за својата безбедност.
Можеше ли поинаку?
Очекувано беше дека Техеран и Анкара со најостри зборови ќе го осудат овој договор. Навистина, тој на овие земји им остава можност пред очите на целиот муслимански свет да се претстават како непокорни сојузници на Палестинците. Меѓутоа, и кај нив „солидарноста" со Палестинците е евтина измама: во суштина единствено им се важни сопствените интереси и положба во регионот.
И кај Палестинците има вина
Точно е тоа дека Палестинците одамна всушност ја загубија битката за создавање сопствена независна држава покрај Израел. Такво нешто веќе не е е тема во меѓународната политика. Причина за тоа не е само израелската политика на населување, промена на приоритетите на арапскиот свет или американскиот претседател Доналд Трамп кој по секоја цена сака да собере поени во предизборната борба. Причина е и неможноста на палестинското раководство веќе со децении да претстави сопствена визија која не би се свела само на празен говор и насилство. Би била потребна реална алтернатива со која Палестинците би можеле да стекнат меѓународна поддршка за своите цели.
Оттаму, и кај нив има барем дел од вината кога на Блискиот Исток се коваат нови сојузи кои не одговараат на палестинските интереси. Зашто, може да се очекува дека наскоро и други држави, посебно од Персискиот Залив, ќе склопат мир со Израел. За Палестинците тоа е трагедија. За остатокот од регионот – тоа е всушност добар знак.