1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Згужван јуни

11 јуни 2019

Зошто повторно лицитираме со датум и датуми? Зарем не беше доволна (не)научената лекција за бесцелното и бесмислено лицитирање со бројки и уставни толкувања пред и по референдумот? Колумна на Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3KAeS
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Се згужва некако овој месец јуни. Толку многу настани, толку многу теми, толку многу неизвесности. Стравувам дека, а можеби и потајно се надевам, дека згуснатоста на настаните и исчекувањата можеби ќе не’ одведат во нова и неочекувана разврска на политичката сцена. А еве ги настаните кои прават гужва пред голот.

  1. Денес Груевски ќе биде пуштен низ водата на убавиот син Дунав, истата вода која пред неколку дена му ги милуваше нозете додека типично вкочането го пиеше шампањот на бродот во Будимпешта. Вчера, неговиот наследник безмалку ќе се качеше на масата во ТВ студиото за да и' објасни на јавноста дека Извршниот комитет, а НЕ Груевски, претходно одлучил да се гласа за прифаќање на оставката на почесниот претседател. Се надевам сега дека претседателот на Собранието ќе го „изменаџира“ дневниот ред за да може Македонија да ја види таа симболично важна глетка на разделувањето на партијата од почесниот претседател. А и да не ја види, разделувањето постои и ќе се продлабочува. И тоа е добро, за сите. 
  2. Пописот е важен. Тој мора да биде спроведен. Но нека не спинуваат луѓе блиски до власта дека тоа е обична статистичка операција. Не, попис во етнички или религиски поделени општества во кои политичката моќ се регулира преку „споделување на власта“ (power sharing), е првокласно политичко прашање и така мора да се третира. Прашајте ги во Либан, таму немаат спроведено попис од 1932 година, скоро цел век, и поделбата на власта до денес се врши врз основа на бројките на население од 1932 година. А верувајте дека никој не сака либанизација на Македонија. Затоа попис мора да се направи, и во тоа целосно да биде вклучена опозицијата (и македонската и албанската). Доста веќе од шемите на Али Ахмети во кои влета Груевски а сега слушаме дека влетал и Заев. Ќе има ли некој кој официјално и искрено ќе ни соопшти зошто пропадна претходниот обид за попис и кои се невралгичните точки околу идниот попис? Убеден сум дека искрен пристап кон ова прашање ќе ни помогне да ги решиме или барем да ги намалиме негативните последици од оваа политичко-статистичка операција. Тука Заев нема што да изгуби, ни лук јал ни лук мирисал. А опозициите мора да се вклучат во секоја фаза за однапред да го конфирмираат процесот на попишување и особено за однапред да кажат дека „какви и да се бројките, Македонија останува иста, тајмлес“. Кога ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција тоа ќе го каже, ќе имаме успешен попис.
  3. Изборниот законик и промената на изборниот модел исто така ни се појави во оваа згужваност на јунски настани. Се преговараше тајно (поточно не тајно, туку зад затворени врати) речиси цела година и се разбира не договорија ништо суштинско на темата нов изборен модел. Премолчениот консензуз помеѓу големите партии и натаму е на сила, на оваа но и на други теми. И сега сите одново се возбудуваат од можноста и малите партии да влезат во парламентот или да можеме да бираме кандидати на отворени листи. Големите партии никогаш нема да одлучат во полза на малите партии (или не дај боже на некој трета опција) доколку не најдат интерес во тоа. Затоа ние (граѓанството) заедно со странска експертиза мораме да ги натераме да го подобрат изборниот модел. Но, тука има многу перипетии и прашање е дали можеме сами да го истуркаме процесот. Ни треба експертиза која ја немаме доволно, ни треба симулација на модели, ни треба пилот фаза, ни требаат компаративни искуства... Со еден збор, ни треба темелен пристап. И не е точно дека изборните модели се менуваат како чорапи и во други држави. Изборниот модел и неговата стабилност низ времето е одраз на стабилноста на демократијата и степенот на прифатливост на демократската легитимација од страна на народот.
  4. А зошто повторно лицитираме со датум и датуми? Зарем не беше доволна (не)научената лекција за бесцелното и бесмислено лицитирање со бројки и уставни толкувања пред и по референдумот? Или лицитациите со двотретинското мнозинство за промена на Уставот? Или лицитацијата со бројките на пописот? Ќе видиме што ќе биде, ќе дознаеме многу скоро... Нека ги збие сега редовите нацијата и нека почека. После, ако треба, ќе се караме или ќе се обединуваме. Зарем навистина мислите дека и на власта и на опозицијата им е добро во овие моменти?!? Пак истрчуваш пред време, Македонијо...Конечно, самите си ставивме коска во грлото инсистирајќи дека датумот не' чека зад аголот. За мене беше сосема доволно што си замина Груевски и стануваме членка на НАТО, во оваа фаза. И затоа заканите на Заев кон Европа се несфатливи. Тоа не е играта која сака да ја прочита Европа. Не бива така. Иако Заев е сосема е во право да негодува, бидејќи или е прелажан или слушнал повеќе отколку што му било кажано, или пак слушал од некредибилни извори (Хан, Јункер). А најверојатно и трите работи се точни.
  5. Јаготката на шлагот е вчерашната приказна со државниот секретар. ОЛАФ, Интерпол, ЕУ, сите се собраа да и’ укажат на државата којашто очајнички бара датум да почне преговори со истата таа ЕУ дека треба да се уапси високиот функционер во владата за кој постојат (наводно) докази дека бил многу корумпиран. Ете до каде сме на патот кон ЕУ, ама и токму затоа бараме почеток на преговори. Шизофренија од сите страни.

Мојот пријател од Прилеп вели дека на средбата Заев-Меркел, канцеларката ќе му покаже на Заев еден „пакет“ на масата и ќе му понуди да го отвори и да си го земи за подома (по прилепски), со назнака дека Груевски обично ги оставал пакетите неотворени и обично одел на предвремени избори.

Други колумни од авторот:

-Самит на „воџите“

-Револуцијата во нашите умови

-Дилемите на ВМРО-ДПМНЕ

Од тоа, според Меркел, ќе зависел и Датумо и Македоња. А бидејќи Прилеп често гледа подалеку од планините Шварцвалд, мислам дека Прилепчанецов е во право. Тој пакет е всушност пораката од Германија дека сепак мора и реформи и борба против корупција и силни институции. А дали ќе го видиме пакетот или само ќе го почувствуваме, помалку е битно.

Кој е заедничкиот именител за Груевски и пуштањето низ вода, пописот, изборниот законик, датумот, ОЛАФ, и „пакетот“ на Меркел? Концентрациона влада, сите на куп. Концентрациона влада која ќе се концентрира само на едно прашање: датумот и ЕУ агендата. А сите останати прашања сами ќе си произлезат. И така никому не му се владее веќе во оваа држава. Збоктис е работава. Но, за овааа тема и нејзината разработка, во друга прилика.