1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дневно ќе се вакцинираат по 2.500 граѓани

ДТЗ /ДВ
9 февруари 2021

Во првата приоритетна група за вакцинирање против коронавирусот се ставени 4.000 здравствени работници кои се во секојдневна, директна битка со Ковид.

https://p.dw.com/p/3p7rJ
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Околу 4.000 здравствени работници кои се во секојдневна битка за спасување животи во пандемијата на коронавирусот ќе бидат првите кои ќе добијат вакцини, најавува министерот за здравство Венко Филипче. 
Според анкетата која што ја спровело Министерството за здравство меѓу 13.600 здравствени работници во земјата, 68% или 9.248 одговориле дека сакаат да се вакцинираат. Помалку од половината од оние кои одговориле позитивно или 4.300 сакаат тоа да го сторат веднаш по пристигнувањето на вакцината. Останатите одлучиле да почекаат неколку месеци. 
Филипче денеска го соопшти планот за динамиката со која ќе се вакцинираат граѓаните. Ќе се почне со вакцинација на 2.500 лица дневно, а натаму можни се пунктови и во модуларните болници. 
„Системот за вакцинација сосема одговара на капацитетот на пријавени здравствени работници, а во зависност од натамошните потреби тој може и да се надградува“, изјави Филипче, во однос на забелешката дека најавата за вакцинирање по 2 500 лица дневно значи дека процесот би можел да трае подолго.
„Сега се фокусиравме на здравствените работници и системот е соодветен за пријавената бројка. Тргнуваме со системот на вакцинација и тој ќе се надградува. Зедовме примери од другите земји. А понатаму може во функција да се стават и модуларните болници“, рече Филипче по обиколката на Поликлиниката Бит Пазар, каде се сместени фрижидерите во кои ќе се складираат вакцините на кинеската компанија „Синофарм“.

Venko Filipce
Министерот за здравство Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

По 1.380 граѓани дневно ќе се вакцинираат во Скопје

Сите вакцинални пунктови, без разлика каде се наоѓаат во земјава, ќе бидат организирани на ист начин и сѐ ќе зависи од просторниот капацитет и од бројот на здравствени работници што е на располагање. На пример во Поликлиниката „Јане Сандански“ ќе има три пункта, каде што дневно ќе може да се вакцинираат 240 лица, во две смени, со запазени параметри за влез и излез на лицата и краток престој по примањето вакцина. 

-повеќе на темата: Кинеските вакцини доаѓаат, договорот тајна

По 1.380 граѓани дневно ќе се вакцинираат во Скопје, а 2.500 вкупно во земјава. Во пунктовите во поликлиниките дневно ќе можат вакцина против Ковид-19 да примат 880 лица, а во пунктот во Клиничкиот центар уште 500. 
Вакцинацијата во Скопје ќе се одвива во сите скопски поликлиники. Поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир ќе работат од 8 до 20 часот, а останатите по една смена. Децата од претшколска и школска возраст ќе бидат заштитени и истите ќе се упатуваат во Поликлиниката Ѓорче Петров или во амбулантата во Карпош. Во останатите градови, вакцинацијата ќе се спроведува во вакциналните пунктови по примерот на имунизацијата за сезонски грип.

-повеќе на темата: Февруари дојде, ќе дојдат ли и вакцините?

Министерот смета дека овој капацитет е доволен за спроведување на првата фаза со која ќе бидат опфатени медицинските лица, но најавува проширување на пунктовите со цел поголем број граѓани да бидат вакцинирани.
„Засега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои 2.000 се од Скопје. Сега се фокусиравме на нив и имаме соодветни пунктови за вакцинација на оваа бројка пријавени. Спремни сме да го надградиме системот, гледавме примери од други земји, но не сакавме да избрзаме. Постои можност да направиме и проширување на пунктовите во модуларните болници кои сега се празни, бидејќи пациентите се лекуваат на инфективните одделенија во болниците“, рече министерот за здравство при посета на Поликлиниката Бит пазар. 
Од утре почнува пријавувањето

Утре ќе биде пуштена во употреба веб-страницата на која сите граѓани ќе можат да се пријават за вакцинација. Ќе може да се пријави буквално секој за вакцинација, а системот автоматски ќе ги генерира приоритетните. Вакцинацијата ќе стартува со кинеската вакцина, за која вчера беше потпишан договор за набавка на 200.000 дози. За многу кратко време ќе се знае датумот кога ќе стигнат во земјата.

-повеќе на темата: Филипче би се вакцинирал меѓу првите, без резерви кон која било вакцина

Според Филипче, засега нема причина за заострување на мерките, поради ширењето на британскиот сој на Ковид-19, од кој досега се заразиле 45 лица во земјата. „Имав средба со британската амбасадорка, разменивме искуства во однос на тоа како почнал овој силен бран во Велика Британија и какви мерки презеле. Засега сметаме дека нема потреба да остапуваме од мерките кои се сега на сила“, изјави Филипче.
 
*Овој текст е ажуриран на 9.2.2021 во 19:53 часот со исправка во насловот и воведот на текстот. Претходната верзија погрешно толкуваше дека досега за вакцинација се пријавиле само 20 отсто од здравствените работници во земјата.