1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелените пред партијата на Меркел

Сабине Кинкарц
7 јуни 2019

Партијата на Зелените, според репрезентативното испитување на јавното мислење - АРД-Дојчландтренд, првпат е на прво место пред сите останати партии, вклучувајќи ја и ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.

https://p.dw.com/p/3K0Wf
Europawahl Jubel bei Die Grünen Annalena Baerbock
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Зелените пливаат на бранот на успехот. На изборите за Европски парламент постигнаа импозантен резултат, а и пласманот на истовремено одржаните покраински избори во Бремен беше толку добар, што партијата може да избира со кого ќе формира идна заедничка влада.

Резултатот од 26 мај трае: доколку во Германија сега би се избирал нов состав на Бундестагот, Зелените можат да бидат уште поуспешни – според актуелното истражување на јавното мислење АРД-Дојчландтренд, спроведено од институтот инфратест димап, Зелените би освоиле 26 проценти од гласовите, со што би ја истиснале Унијата (ЦДУ/ЦСУ) на второ место со 25%. СПД со 12 % би забележала натамошно губење гласови и нов негативен рекорд. Десничарската АфД со 13 % би ги надминала Социјалдемократите, Либералите остануваат на 8%, а Левицата бележи загуби и би стигнала на 7%, најниска вредност на партијата од мај 2017 година.

Кој нуди најдобра перспектива?

Централна тема на Зелените отсекогаш е заштитата на природната средина и на климата. А за многу луѓе во Германија во моментов заштитата на климата е најважна тема.

Зелените добиле најдобар резултат споредено со другите партии во испитувањето на јавното мислење-27%, и кај прашањето – за која партија гласачите веруваат дека ги има најдобрите одговори на прашањата на утрешнината. Партиите на Унијата во моментов можат да бидат убедливи само кај 12% од испитаниците, а СПД пак кај само 2%.

Успехот на Зелените, покажува анкетата, се должи и на актуелната бледа слика на партиите на владината коалиција во Берлин. Додека на почетокот на мај околу 40 проценти од граѓаните искажале задоволство од работата на владата, сега се само 28 проценти, што е најниска вредност од минатиот ноември.

ЦДУ и СПД прават премногу грешки

Најголема грешка на ЦДУ и СПД, сметаат испитаниците во анкетата на јавното мислење, е што овие партии премалку се грижат за темите кои им се вистински важни на граѓаните. Три четвртини од испитаниците го делат ова мислење.

Слабости се гледаат и во презентирањето на партиските позиции, како и во персоналниот состав. Оваа оценка ја вклучува и новата шефица на ЦДУ и можна наследничка на Ангела Меркел – само кај 13 проценти од германските граѓани и само кај 27 проценти од приврзениците на Унијата моментно постои убеденост дека Анагрет Крамп-Каренбауер би била добра канцеларка.

Infografik Sonntagsfrage DE
Табеларен преглед на рејтингот на политичките партии според анкетата на АРД

Хаос во раководството на СПД

Кај Социјалдемократите меѓутоа раководниот персонал е во уште поголем минус отколку кај Демохристијаните. Не е ни чудо, зашто по оставката на партиската лидерка Андреа Налес никој од раководниот круг досега не сугерира подготвеност да се кандидира за преземање на кормилото. Иако СПД на почетокот на годината претстави нов социјален концепт и во европските избори во преден план ја истакна темата социјална правда, седум од десет испитаници одговориле дека е тешко да се согледаат моментните главни содржини на партијата.

Оставката на Налес наидува на оправдување кај две третини од германските граѓани, а секој втор смета дека СПД треба да ја напушти владината коалиција со ЦДУ/ЦСУ, патем, позиција што ја делат и шест од десет симпатизери на СПД.

Губи и Ангела Меркел

Во политичарите кои пледираат за опстанок на владината коалиција спаѓа и канцеларката Ангела Меркел. Овој месец нејзината популарност бележи намалување, но сепак е доволна за задржување на првото место на листата најомилени политичари. Германците првенствено ја ценат како способна политичарка на меѓународниот паркет: две третини испитаници се убедени дека Меркел ѝ носи сигурност на Германија во моментно разбрануваниот свет. 53% од испитаниците се задоволни од работата на Меркел, на второ и трето место се политичарите од СПД, министерот за финансии Олаф Шолц и министерот за надворешни работи Хајко Мас.

Повеќе:

Опасност од распад на владата на Меркел?

Им „пукна“ на индустријалците, но Меркел не остана должна

Шефицата на СПД си заминува, кризата во германската влада се заострува

Интересен е пласманот на партиските лидери на Зелените, Роберт Хабек и Аналена Бербок – Хабек има наклонетост од 36% испитаници, значително повеќе од Бербок со 26%. Претседателката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер губи поддршка кај граѓаните во споредба со минатиот месец: само секој четврти граѓанин изразил задоволство од нејзината работа, што е најлош резултат за еден партиски челник на ЦДУ во испитувањето на АРД-Дојчландтренд досега.

Европа – како натаму?

По европските избори се поставува прашањето за натамошниот развој на ЕУ. Кај германските граѓани постои поделено ехо во поглед на барањето за поголем обѕир кон интересите на источните и јужните европски држави: 45% се „за“, а 49% се „против“. Само околу половина од германските граѓани поддржуваат посилна германска поддршка на француските реформски предлози за ЕУ. Германските граѓани се поединствени во поглед на европска интеграција со различни брзини: 83 % сметаат дека е добро доколку одделни членки на ЕУ би договориле меѓусебна посилна интеграција.

Колку е омилен Доналд Трамп?

Првпат по 2017 година во анкетата на јавното мислење Дојчландтренд е мерена и омиленоста на неколкумина странски политичари. Францускиот претседател Емануел Макрон бележи добри резултати – поддршка од 55% од испитаниците. Британската премиерка во заминување Тереза Меј пак кај германските граѓани наидува на критики: додека во 2017 година имала поддршка од 22%, сега таа е намалена на само 14%. Германските граѓани не гледаат никаква причина за промена на својот критички став кон 45-от американски претседател: исто како и пред две години, 90 проценти имаат одбивен став кон Доналд Трамп.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ