1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Земја на старци и сиромашни“

Вера Солдо
15 август 2019

Да се замине или да се остане? Одлучувајќи помеѓу овие две можности, сѐ повеќе млади во БиХ се одлучуваат да заминат. Тоа на политичарите не им е аларм за тревога.

https://p.dw.com/p/3LeqM
Streik
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

#necudaidem (#несакамдазаминам) е иницијатива на социјалните мрежи која предупредува на проблемот на заминување на младите. Корисниците се повикуваат да го „споделат“ бројот на оние за кои знаат дека заминале или имаат намера да заминат. Ретки се оние кои познаваат помалку од десетмина такви. Така незапирливо се зголемува статистичкиот број од 2 милиони луѓе кои живеат во странство, а чие потекло е од Босна и Херцеговина. Тоа е повеќе од половината од населението на Босна и Херцеговина. Сите податоци предупредуваат на драстичен „одлив на мозоци“ и заминување на младите, а податоците на Светскиот економски форум на глобална конкурентност во таа категорија ја сместија БиХ на 131 место од 133 држави. Меѓутоа, и покрај тоа што на овој горлив проблем укажуваат дури и корисниците на социјалните интернет платфроми, на дневниот ред на босанско-херцеговските политичари оваа „точка“ сѐ уште ја нема.

Младите трајно го напуштаат Балканот

Додека медиумите секојдневно објавуваат приказни на современи „гастарбајтери“, младата мостарка Инга Котло и Ана Сушац од Читлук нема да ви раскажат таква приказна. Тие одлучиле да останат и својата иднина да ја градат во БиХ. Нивната приказна е - останување.

Живот сега, а не „на чекање“

„Важно е да се спомене дека континуирано развивам и универзални работни вештини, што ми отвора врата за напредок во кое било место во светот, како во БиХ, така и во странство. Со оглед на тоа што и во БиХ таа работна способност е во одредена мерка препознаена, не чувствувам потреба за итно 'бегство'. Се разбира, точно е дека како и другите млади лица се соочувам со бројни тешкотии, како и дека постојат фактори кои предизвикуваат оправдано незадоволство, но истовремено постојат и многу позитивни работи кои мојата татковина, односно мојот роден Мостар ги нудат“, вели за ДВ Инга Котло, млада асистентка на Факултетот за хуманистички науки во Мостар.

Inga Kotlo, Assistentin | Bosnien und Herzegowina Universität Mostar
Ставањето на животот во БиХ „на чекање“, не носи ништо добро ни на поединецот, а ни на заедницата во која живее, вели Инга КотлоФотографија: privat

Токму позитивните нешта, родниот град, семејството и пријателите, природните убавини, но и дозата предизвик за - барем на микрониво - фаќање во костец со тешкотиите и неправилностите кои предизвикуваат несигурност и незадоволство со животот во БиХ, преовладале во одлуката за нејзино останување во БиХ.

„Но, се плашам дека ставањето на животот во БиХ  'на чекање', не носи ништо добро ни на поединецот, а ни на заедницата во која живее. Таа по малку зацврстена пракса придонесува само за атмосфера на сеопшта пасивност, зачмаеност, незадоволство и безизлезност. Животот е сега и овде, тој неминовно тече“, смета таа.

„Што ќе остане од БиХ?“

Ана Сушац е сѐ уште студентка и вели дека сака да остане во татковината доколку за тоа постои и минимална можност. „Нема дилема дека оваа земја има многу позитивни страни, но во прилично нестабилниот амбиент во којшто живееме такви работи како да не можат да дојдат до израз. Верувам дека секој за себе може да пронајде барем неколку ставки кои го врзуваат за Босна и Херцеговина и го мотивираат да остане. За мене лично тоа во прв ред се семејството, пријателите и луѓето на кои можев да сметам кога беше потребно, но тоа се и одредени навики и стил на живот кој на друго место веројатно би се разликувал“, коментира оваа студентка за ДВ.

Ana Susac, Studentin | Bosnien und Herzegowina Universität Mostar
Ана Сушац е уверена дека секој за себе може да пронајде барем неколку ставки кои го врзуваат за Босна и Херцеговина и го мотивираат да останеФотографија: privat

Жал ѝ е поради егзодусот на младите кој добива големи размери, особено затоа што, како што вели, се работи за земја со голем потенцијал.

„Да има малку повеќе памет, интерес за разговор и компромис на сите страни за земјата конечно да се среди во политичка и економска смисла, верувам дека би можеле да бидеме пристојна држава во која повеќето жители би можеле да живеат нормално. Вака сме доведени во поразителна ситуација младите сѐ повеќе да тонат во апатија, а државата само во последните пет години ја напуштија повеќе од 170.000 луѓе. Тоа е жално. Времето поминува, проблемите се трупаат, а земјата стои во место. Црвениот аларм во врска со иселувањето е вклучен одамна“, смета оваа студентка.

Балкан: Добрите луѓе си заминуваат

„Земја на старци и сиромашни“

Инга и Ана, кои се решени да останат, се статистички малцинство, затоа што истражувањата покажуваат дека дури до 60% од младите сакаат да си заминат од БиХ. Босанските политичари не сметаат дека е тоа горлив проблем во земјата, кој сигурно ќе влијае врз нејзината иднина.

Д-р Дијана Зеленика (ХДЗ 1990), членка на државниот парламент и истакната критичарка на владејачките партии, вели дека постоеле иницијативи на одделни пратеници на тема иселување на младите, но дека сето тоа останало само на иницијативи.

Diana Zelenika
Дијана Зеленика: Поради иселувањето иднината на БиХ е неизвеснаФотографија: DW/V. Soldo

„Кај владејачките партии нема ниту желба ниту волја за конкретен разговор и чекори на оваа тема. Најголем проблем се исполитизираното правосудство, корупцијата и непотизмот, кои поминуваат без казна, што е рак-рана на нашето општество. Имаме прекрасна земја, ресурси и образовани луѓе, но сѐ губиме неповратно затоа што е создадена бесперспективност и апатија. Немаме долгорочни планови за развој, се вработуваат политички подобните, а не способните, имаме политичари на кои имотната картичка дебело им се разликува од вистинската состојба, работници кои со месеци работат без плата и придонеси и, и покрај сѐ, тешко ни е да кажеме 'царот е гол'', гласи дијагнозата на оваа политичарка, по професија лекарка, за сегашноста во БиХ, која има доза критика и на сметка на оние што заминуваат, зашто напуштаат сѐ без „кревање на гласот“.

Поради иселувањето, вели таа, иднината на БиХ е неизвесна, зашто нема да има кој да го полни пензискиот фонд. „Нашата иднина ќе биде земја на старци без пензија и уште поголема сиромаштија“, заклучува таа.

Половина од младите сака да си замине

Невработеноста, неадекватниот образовен состав, депримирачката политичка ситуација, бесперспективноста, предизвикаа продолжување на трендот на масовно заминување на младите во развиените земји - гласи еден од заклучоците на новото, темелно емпириско истражување „Студија за младите во БиХ“, иницирано од германската фондација „Фридрих Еберт“ која ја работеа босанско-херцеговските експерти Лејла Турчило, Амер Осмиќ, Дамир Капиџиќ, Санела Шадиќ, Јусуф Жига и Анида Дудиќ.

Bosnien-Herzegowina Sarajevo
40% од младите во БиХ сака да ја напушти земјата засекогаш (фото: Сараево)Фотографија: picture alliance/PIXSELL/Z. Zivulovic jr

Овие најнови истражувања за младите покажуваат дека огромен број од нив сакаат да ја напуштат земјата (според некои истражувања половината од младите, според некои дури и 60%). Во истражувањето се наведува дека во споредба со земјите од регионот, младите од БиХ изразуваат посилна желба за заминување од нивните врсници од Словенија и Хрватска, но значително послаба од оние во Србија и Косово. Се разбира, загрижувачки е податокот дека 40% од младите сака да ја напушти земјата засекогаш, а 18% планира да остане во странство подолго до 20 години. Желба за враќање изрази мнозинството млади, меѓутоа тие планираат да ги поминат најпродуктивните години некаде на друго место, што има пошироки општествени последици, оценуваат стручњаците во Студијата за младите во БиХ.